Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

НOВИ ФАКТИ, ГО МЕНУВАМ МИСЛЕЊЕТО

September 30, 2025 Filed Under: Колумни

ДЕНКО МАЛЕСКИ

Запрепастувањето на претседателката од иницијативата и од содржината на документот и обвинувањата на премиерот за упорното рушење на државните позиции од страна на опозицијата ми кажуваат дека делот кој се однесува на некакви активности на линија македонска влада со влада на Франција, очигледно самиот сум го измислил

На обвинувањето дека го менува мислењето, Мејнард Кејнс, славниот британски економист одговорил: „Да, во светлината на нови факти, јас го менувам мислењето. А вие што правите?“. После вчерашното интервју на македонската прертседателка Силјановска-Давкова за МТВ и изјавата на премиерот Мицковски за новинарите и јас го менувам мислeњето за некаков позитивен исход од иницијативата на опозицијата за продолжување на преговорите со ЕУ. Да бидам искрен, со посетата на Филипче на Париз и предложената резолуција која следеше, помислив дека постои некаква координирана акција на Франција да ги доближи ставовите меѓу власта и опозицијата. Координирана во смисла дека владата на Франција е во редовна комуникација со нашата за откочувње на преговарачкиот процес, дека добила некакви позитивни сигнали од Скопје и дека потоа ја поттикнала опозицијата да и тргне во пресрет со „гума за спасување“ во форма на документ. Оти, за разлика од проценките на премиерот и на претседателката, странците мислат дека без ЕУ преговори и брзо членство ние тонеме како држава.

Запрепастувањето на претседателката од иницијативата и од содржината на документот и обвинувањата на премиерот за упорното рушење на државните позиции од страна на опозицијата ми кажуваат дека делот кој се однесува на некакви активности на линија македонска влада со влада на Франција, очигледно самиот сум го измислил. Нема (засега) дипломатски дијалог со Франција надвор, како што нема дијалог со опозицијата дома. Власта ги знае сите одредби од меѓународното право ама ова е меѓународна политика каде што важат други правила на игра. Таму, во отсуство на дипломатска активност, од мојот наслов на претходната колумна “Македонија во ЕУ: сега или никогаш“, извадете го зборот „сега“.

Од вчерашните настапи јасно се гледа дека постои целосно совпаѓање на ставовите меѓу претседателката и премиерот. Заедно со резултатите од изборите, Македонија како држава зборува со еден глас – гласот на Македонците. Со огромна изборна поддршка на Македонците за политиката на ВМРО-ДПМНЕ кон Бугарија и ЕУ, ова е најблиску до единството до кое можеме да дојдеме до македонско национално единство. За некакво целосно единство, сега е јасно, опозицијата треба да се откаже од своите „предавнички“ политики и да го прифати контра-документот кој го најави премиерот. Да видиме како ќе се одвиваат работите натаму, но, после овој неуспешен обид за пробив, опозицијата ќе мора да почне да си ги брани и објаснува минатите политики кои не беа никакво предавство туку ја движеа државата напред, а не да бега од нив. Конечно, не еднаш се случило денешното табу да е утрешна официјална политика. Друг пат нема. Обидите опозицијата да се натпреварува со „црвени линии“ со луѓе кои имаат монопол врз нив ќе бидат неуспешни.

И уште еден настан ми фати око. Што сакаше да каже вицепремиерот Муртезани со одбивањето да аплаудира на говорот на претседателката во Генералното собрание на ОН?.

 

Filed Under: Колумни

КAKO ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА МОЖЕ ДА ГО РЕШИ СВОЈОТ ДЕМОГРАФСКИ ПРОБЛЕМ
ВЛАДАТА ДО КРАЈ ЌЕ ГИ БРАНИ ИНТЕРЕСИТЕ НА КОМОРАТА ВО ВРСКА СО НАЈНИСКАТА ПЛАТА
ИВАН КРАСТЕВ: СTРАВОТ ОД ИДНИНАТА ЈА ПАРАЛИЗИРА ДЕМОКРАТИЈАТА
ИВОНА ВАСИЛЕВСКА – СТРУЖАНКА КОЈА СТИГНА ДО ВРВНИТЕ НАУЧНИ КРУГОВИ ВО СВЕТОТ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (153): КАДЕ СЕ КРИЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВАТА?

Најново

  • КAKO ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА МОЖЕ ДА ГО РЕШИ СВОЈОТ ДЕМОГРАФСКИ ПРОБЛЕМ
  • ВЛАДАТА ДО КРАЈ ЌЕ ГИ БРАНИ ИНТЕРЕСИТЕ НА КОМОРАТА ВО ВРСКА СО НАЈНИСКАТА ПЛАТА
  • ИВАН КРАСТЕВ: СTРАВОТ ОД ИДНИНАТА ЈА ПАРАЛИЗИРА ДЕМОКРАТИЈАТА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet