Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ОХРИДСКО ЛЕТО 2019 : ГРИЖЛИВО ОРГАНИЗИРАН ФЕСТИВАЛ

August 13, 2019 Filed Under: Ревија

Благодарност треба да се упати и на дирекцијата на фестивалот (на сите вработени) која најгрижливо ги организира 50.тината настани. Или секој ден/вечер по еден, два па и три  настани: концерти, театарски претстави, изложби…

ЛИЛЈАНА МАЗОВА

АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ Селектор на драмската програма ирежисер на „Одисеј“ со која претстава ќе се затвори Охридско лето

Охридското лето, нашата најголема летна културна манифестација, се ближи кон својот годинашен крај. Започна во традиционалниот термин на 12 јули, а ќе заврши на 20 август со, од мој агол, интересниот проект/претставата Одисеј. Работена е по текст на Горан Стефановски, во режија на Александар Поповски, а е продукција на дури шест институции: ГДК Гавела од Загреб, Театарот Улисис од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, Словенското народно гледалишче од Марибор, Ателје 212 од Белград, Стерииниот театар од Нови Сад и Театарот Навигатор од Скопје.

Ако на селекторите на програмата за годинава – за музичкиот дел музичарот Васо Ристов, и за драмскиот режисерот Александар Поповски треба да им заблагодариме за грижливо селектираната програма, благодарност треба да се упати и на дирекцијата на фестивалот (на сите вработени) која најгрижливо ги организира 50.тината настани. Или секој ден/вечер по еден, два па и три  настани: концерти, театарски претстави, изложби…

Што се однесува до драмскиот дел на годинашното Охридско лето, по премиерата на Несоодветно за на работа, следуваше гостувањето на Рускиот драмски театар Станиславски – Караганда со Сон на летната ноќ во режија на Џон Блондел. Потоа мултмедијалниот проект Спокоен сум ко врвот … не прашувам зошто сум се извишил на Драган Спасески Охридски, интересното Буре Барут на Народниот театар од Истанбул во режија на Јилдирај Шахинлер, инспиративното Парче душа – сценски приказ на поезијата на Блаже Конески на Љупчо Тодоровски – Упа…

Вообичаено сите се бавиме/пишуваме за програмата што е прикажана на фестивалот. Или на било кој друг фестивал/манифестација.

Затоа и решив да променам – да го истакнам ангажманот на вработените во Охридското лето. Тие максимално, навидум со леснотија што можеби е и така, се однесуваат кој секој гостин – учесник или гледач.

ОДИСЕЈ оваа претстава е своевиден омаж на починатиот сценарист Горан Стефановски

И гостите и публиката се чувствуваат добредојдени токму поради тој нивни однос. Тоа им годи на сите, иако организаторите сами си знаат како го постигнуваат тоа. Зашто воопшто не е лесно во текот на сите фестивалски денови/вечери да се организира толку обемна програма, да се пречекаат и испратат големиот број на уметници, да се организираат средби со нив со новинарите, настаните да течат – не е премногу да се каже – беспрекорно… И на/за сето тоа постојано да се има насмевка на лицето за секој гостин или посетител.

Не треба да се заборави и фактот дека речиси секоја вечер настаните се на друга сцена, на друг простор.

Токму тоа, веројатно, им ја отежнува работата на вработените во Охридското лето. Меѓутоа, тие и тоа го прават со голема посветеност. И да повторам, со  насмевка, со внимание и љубезност кон секој учесник и секој посетител. Ако, на пример, публиката е прекубројна за во просторот во кој се одржува настанот, тие успеваат да сместат секого. Пак со насмевка/љубезност.

ЕКИПА ОД ИСТАНБУЛ Народен театар од Истанбул ја изведе „Буре барут“

Затоа и секој се чувствува добредојден: задоволен и од програмата и од односот на вработените во Охридското лето, што не е баш вообичаено кога станува збор за вакви големи (а и помалку големи) фестивали/манифестации.    :

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet