Клучен двигател на актуелната руска политика на Балканот е зголемениот страв дека војната во Украина може да го поттикне Западот да примени брзи решенија за балканските конфликти и со тоа целосно да ја елиминира Русија од регионот

МАКСИМ САМОРУКОВ
Руската инвазија на Украина во голема мера го прошири опсегот на инструменти кои Кремљ ги смета за прифатливи кога станува збор за водење надворешна политика. Имајќи предвид дека руската армија ги претвора украинските градови во урнатини со бомбардирање и оставање на нивните жители без греење и електрична енергија на студот, тешко може да се очекува Москва да покаже хуманост кога станува збор за други меѓународни прашања. Кремљ, сега повеќе од кога било, е подготвен за најразорниот вид на уништување доколку ги постигне своите цели во Украина. Од друга страна, Русија е крајно мирна кога се работи за Западен Балкан. Зошто е тоа така?
Западен Балкан често се смета за лесна мета за непромислено однесување од страна на Москва. Секогаш нестабилен и географски доста блиску до Европската унија, регионот одржува силни врски со Русија. Се добива впечаток дека оваа комбинација му нуди на Кремљ добра можност да предизвика проблем таму, со цел да се сврти вниманието и ресурсите на Западот од пружањето помош на Украина.
Војната трае веќе девет месеци, но се чини дека Москва не брза да ја искористи оваа можност. Додека тензиите растат во повеќето балкански држави, таа главно останува на страна, држејќи се до своите стари тактики и дискурс, како 2022 година воопшто да не ги променила геополитиката и геоекономијата на поголемиот дел од Европа. Претпазливоста на Кремљ можеби изгледа контраинтуитивна, но не ако се погледне одблизу на долгогодишните ограничувања на руската политика во регионот, кои се влошени со војната.
Контрастот помеѓу агресивноста на Москва во Украина и воздржаноста на Балканот произлегува од фактот дека таа во голема мера зависи од балканските политичари. Директното присуство на Русија во регионот отсекогаш било ограничено, но бројни локални актери од срце ја охрабрувале нејзината видливост и влијание. Нивната агенда само малку се разликуваше од онаа на Москва – и двете се обидоа да ги одложат проевропските реформи, капитализираа на антизападните чувства и поттикнаа меѓуетничка нетрпеливост. Оваа сличност ги направи природни партнери кои го преувеличуваа својот афинитет за да го зајакнат влијанието меѓусебно.
Сепак, без разлика колку срдечно некои балкански политичари се претставуваа како сигурни сојузници на Русија, кога станува збор за акција – тие останаа независни. На Москва и беше дозволено да се преправа дека го води патот кога нејзините приоритети се совпаѓаа со приоритетите на нејзините локални сојузници, но едвај некогаш беше во позиција да направи еднострани промени во заедничката агенда. Локалните политичари можеби глумеа непромислени проруски радикали, но во реалноста нивниот радикализам беше главно лажен и имаше за цел да се спротивстави на секоја промена што може да ја загрози нивната моќ и привилегии.

Смислените реформи и евентуалното разрешување на балканските конфликти претставуваа покорисна закана, но и Русија и нејзините сојузници во регионот разбраа дека држењето на работите премногу на работ, исто така, може да создаде проблем, бидејќи тоа ќе бара силен одговор од Западот. Така, тие останаа на статус кво, применувајќи го својот радикализам штедливо – повеќе за да спречат позитивни промени отколку да предизвикаат негативни промени.
Дури и ако војната го смени калкулусот на Москва и го подгреа нејзиниот апетит за дестабилизација, тоа не е случај со нејзините клучни соработници на Балканот. Српскиот претседател Александар Вучиќ, лидерот на босанските Срби Милорад Додик, проруските политичари во Црна Гора и другите како нив сè уште го ценат нивниот сегашен привилегиран статус, кој тие немаат желба да го загрозат заради геополитичкиот авантуризам на Москва. Ако Кремљ ризикува и се обиде да ги натера на тоа, тој обид најверојатно ќе има спротивен резултат затоа што локалните политичари едноставно ќе ги отфрлат стимулациите на Москва.
Меѓународниот углед на Русија веќе е сериозно нарушен во последниве месеци, а последното нешто што и треба сега е уште еден понижувачки удар кој ќе открие колку мало влијание има Москва врз настаните на Балканот кога нејзините приоритети не се совпаѓаат со приоритетите на нејзините соработници. Не е ни чудо што Москва претпочита да се држи до старите правила на своите регионални сојузи, дури и кога тоа не и одговара баш на нејзината нова воена агенда.
Војната, исто така, го промени процесот на донесување одлуки во Москва, поткопувајќи ја нејзината способност да води активна надворешна политика на повеќе фронтови истовремено. Претседателот Владимир Путин, врховниот руски авторитет за сите меѓународни прашања, стана уште поодвоен и неволно да ги сподели своите планови со подредените или да им дозволи да дејствуваат по сопствена иницијатива. Неговите одлуки станаа непредвидливи, држејќи го рускиот државен апарат во темнина за тоа кој би можел да биде неговиот следен потег.
Оваа реалност во голема мера го спречува независното дејствување на пониските нивоа на рускиот надворешнополитички естаблишмент, вклучително и делот што се занимава со Западен Балкан. Одговорните за Балканот во Москва стравуваат дека нивните нови независни потфати би можеле да отстапат од очекувањата на претседателот и да им направат проблеми. Затоа тие претпочитаат да играат на сигурно и да ги следат старите и докажани инструкции, без разлика колку тие сега изгледаат застарени. Во меѓувреме, малку е веројатно дека во скоро време ќе се појави некоја нова насока, бидејќи рускиот претседател се чини дека е целосно преокупиран со инвазијата на Украина.

Како резултат на тоа, клучен двигател на актуелната руска политика на Западен Балкан е зголемениот страв дека војната во Украина може да го поттикне Западот да примени брзи решенија за балканските конфликти и со тоа целосно да ја елиминира Русија од регионот. Голем неуспех во Србија или Босна и Херцеговина ќе го привлече вниманието на Путин кон балканските прашања и ќе ги изложи одговорните за овој регион на гневот на претседателот. За да се избегне ова, тие избегнуваат ненадејни потези и се надеваат дека партнерите на Русија во регионот ќе продолжат да можат да го издржат зголемениот притисок од Западот за одржување на статус кво.
Со таа цел, Русија ја повторува својата целосна поддршка за непопустливиот став на Вучиќ за Косово и навремено го поканува Додик во Кремљ за да му помогне да биде реизбран за претседател на Република Српска. Но, очигледно е дека Москва се повлекува во регионот, оставајќи го товарот на отпорот кон Западот на локалните политичари.
Со оглед на самоволието на многу неодамнешни одлуки на Путин, тешко може да се гарантира дека рускиот претседател во одреден момент нема да излезе со некаков нов геополитички трик насочен кон ранливоста на Западот на Западен Балкан. Но, засега има повеќе индикации дека тоа ќе биде сценарио на инерција, каде што Русија ќе дозволи тврдоглавоста на локалните политичари да и го спаси лицето во регионот.
(Авторот беше шеф на Карнеги Фондацијата во Москва до нејзџиното укинување од страна на властите)