На проектите од културата од програмата „Креативна Европа“ им оди добро, за разлика од оние во медиумската сфера, како што се ТВ серии, филмови, документарци, видео игри, тренинзи за медиумски работници итн. За нив ќе запре европската поддршка ако до 31 мај земјава не го усогласи националното законодавство со Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги
По многу укажувања и предупредувања дека македонското законодавство треба да се усогласи со европската директива за аудиовизуелни медиумски услуги, на кои државава остана глува, Европската комисија реши да го смени пристапот – ако до 31 мај Северна Македонија не ја прилагоди легислативата во оваа област, ќе остане без пристап до значаен европски фонд под името „Креативна Европа“. За срамот за државава да биде поголем, ЕУ сега финансира проект и ангажира странски експерти за да ги нМлади музичари од дома и Европа на Институтoт „Фејмс“ во Скопје учат оркестрирано свирење. Истражуваат различни стилови и начини на изведба и настапуваат со врвни уметници. Сето ова со кофинансирање од Европската Унија преку програмата „Креативна Европа“.
На рафтовите во издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“, пак, со поддршка од истата програма се наоѓаат врвни дела од повеќе странски автори.
„Амaндманите на законот нас како ‘ИЛИ-ИЛИ’ и за десетина други издавачи во нашата земја оваа програма, каде што може да аплицираме, благодарение на статусот што го има нашата земја кон Европската Унија значи навистина многу. Тоа значи дека добиваме средства од даночните обврзници на ЕУ. Средства кои што се користат овде за квалитетна литература, за објавување на врвни европски автори, за добри преводи, за промотивни активности, за гостување на европските автори во Македонија, но, во истовреме, значи дека и нашата литература може преку оваа програма да ја пласираме таму“,
вели Ненад Стевовиќ од „ИЛИ-ИЛИ“.
На проектите од културата од програмата „Креативна Европа“ им оди добро, за разлика од оние во медиумската сфера, како што се ТВ серии, филмови, документарци, видео игри, тренинзи за медиумски работници итн. За нив ќе запре европската поддршка ако до 31 мај земјава не го усогласи националното законодавство со Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги.
„Земјата долго време назадува во однос на ова прашање и ние веќе долго време охрабруваме и повикувавме да се преземат неопходните измени со цел да помогнеме овој сектор да стане поконкурентен и, исто така, изнаоѓаме техничка поддршка за како тоа да се направи. За жал, немаше напредок во исполнување на овие промени и затоа Европската комисија објави краен рок за постигнување на оваа цел до 31 мај 2023 г.“, вели евроамбасадорот Дејвид Гир во изјава за „360 степени“.
Доколку не се испочитува рокот, парите од „Креативна Европа“, во делот на медиумско-филмските проекти, ќе секнат.
„Оваа држава има што да даде и ќе биде голем срам ако тоа не се постигне. Она што стои на патот е политичка волја и под тоа мислам на договор над политичкиот јаз за да се продолжи напред и да се направат овие важни измени“, укажува Гир.
За ажурирањето на медиумската легислатива да се направи во рокот, ЕУ финансира и проект во кој независни експерти работат директно со надлежните институции. Лидерката на експертскиот тим објаснува дека Унијата ја смени рамката за аудиовизуелни медиуми во 2018 година поради технолошките промени и селењето на публиката и рекламите кон новите медиуми.
„Има поизедначен терен со телевизиите (и радијата) и ‘он-деманд’ сервисите, има поголема заштита на малолетниците, има зголемување на обврските за содржина пристапна за луѓето со попречености и, она што е важно, платформите за споделување видео-материјали сега треба да се регулираат. Големите, како Тик- Ток и Фејсбук, тие ќе се прават во други европски земји, но сите услуги овде што треба да им дозволат на луѓето да поставуваат видео-содржини ќе треба да бидат регулирани“,
вели Деирдре Кевин – тим лидерка на проектот на ЕУ за слобода на изразување во С Македонија.
На ЕНЕР веќе е поставено известување дека се работи на измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ќе се испочитува ли рокот за да се направат бараните интервенции?
„Експертите веќе изработија ГАП анализа која јасно ги идентификува сите барања на Директивата кои не се рефлектирани во националното законодавство. Врз основа на таа ГАП анализа ние ја изготвивме првата нацрт-верзија на предлог-законот. Имаше неколку интерни состаноци помеѓу експертите и работната група, деновиве се очекува објава на првата верзија на нацрт-законот, потоа треба да изминат 20 дена кога ние ќе прибираме предлози, различни сугестии и мислења, работната група ќе работи на одговор на истите и до крај на 31 март или почеток на април се очекува истиот да биде поднесен за усвојување до Влада“,
вели Мирослав Гроздановски од Министерството за информатичко општество и администрација.
И ова е само првата фаза. Освен усогласување со Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги, ќе се работи на системски промени. Втората фаза, велат од екпертскиот тим, ќе се фокусира на новите медиуми и барањето решенија за зголемување на медиумскиот плурализам и финансиската одржливост на медиумскиот сектор.
„Мислам дека повторно ќе има интервенции во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и може да има и посуштински промени во Законот за медиуми. Вашиот Закон за медиуми е многу слаб во моментов, така што мислам дека тоа е можеби областа во која ќе има поголеми интервенции или можеби нов закон за медиуми“,
вели Кевин.
Од Министерството за информатичко општество велат дека низ процес на консултации ќе се одлучи за тоа какви измени и во колкав обем ќе се случат во овој сектор. Доколку интервенциите во легислативата надминат 30 отсто од некој текст, тогаш автоматски станува збор за ново законско решение.
„Затоа ние моравме да ги одвоиме овие процеси. Од една страна, да го испочитуваме рокот за усогласување со Директивата кој е договорен со Европската комисија и, од друга страна, да обезбедиме доволен простор за еден транспарентен процес со кој ќе се изработи едно трајно решение кое нема да има потреба да биде интервентно менувано“,
додава Гроздановски од МИОА.
И додека паралелно се подготвуваат парцијални и посуштински измени, кои ќе треба да го поминат собранискиот филтер, таму е заглавено спроведувањето на актуелните законски решенија. Собранието со години не може да избере нов Програмскиот совет на МРТВ и нов Совет на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, чии актуелни членови се со мандат од 2014 година.
Нови огласи ќе се најдат на дневен ред на матичната комисија на првата наредна седница, уверува пратеничката од СДСМ Марија Георгиевска, која е претседателка на собраниското работно тело за избори и именувања, но таа потсетува дека изборот на кандидати и во Комисијата и на пленарна седница се врши со двотретинско мнозинство и со Бадентер.
„Секако дека мора да има некаков договор меѓу сите пратенички групи во ова Собрание за да може успешно целиот процес околу изборот на членовите да заврши онака како што треба, согласно законот.
360°: А има ли некаков договор, ќе обезбедите ли двотретинско мнозинство?
Па, не би можела да шпекулирам навистина“, ни одговори Георгиевска.
Прашавме и во најбројната опозициска партија во Собранието – ВМРО-ДПМНЕ. Дали поддржуваат избор на нови членови на двата совета? Координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, нè препрати одговори да бараме во партијата. Од партијата, пак, нè препратија повторно кај него. Одговор не добивме.
„Повторно, зошто тоа не се случува? Тоа е зашто е невозможно да се постигне консензус за надминување на политичкиот јаз за да се направат тие промени и како резултат на тоа земјата заостанува, но, исто така, е потешко за граѓаните да имаат пристап до добри, веродостојни информации што е работа на многу од овие институции“,
смета евроамбасадорот Гир.
Првата контролна станица – 31 мај, е на прагот.