Суштината на постоењето на оваа институција не е да прави друштво на соопштенијата од новинарските здруженија, туку да биде контрола над јавното добро – етерот. Правата на новинарите и нивната безбедност има кој да ги чува, а АВМУ во основа треба да е поставена наспроти сопствениците и уредниците на радиодифузните медиуми
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Еден од муабетите кои деновиве се вртат во новинарската социјална сфера е дилемата дали новиот исход на парламентарните избори ќе донесе промена во составот на двата битни столба во сферата на аудиовизуелните комуникации. Или поточно – дали долгиот рок на траење на раководствата во АВМУ и МРТВ ќе имплицира промена? Оние кои поставуваат прашање самите си одговараат дека политичката промена пак им легна на истите членови на раководните тела во овие институции кои ги донесе таму ВМРО ДПМНЕ (или го сторија тоа неговите партиски трабанти), додека СДСМ не се ни обиде посериозно нешто да смени во нив. А сега одново црвено-црните нема да имаат потреба да менуваат нешто во кадровскиот состав на „заслужните“, секако само за нивната политичка кауза?! Но, мојот одговор кај тие дилеми е дека така слатка позиција во животот е како добивка на лотарија – зошто таква среќа при извлекувањето да имаат само грст луѓе? Па белки од медот треба да сркнат и сите оние кои во претходните седум години чекале трпеливо за да добијат некаква позиција која не бара некаква посебна активност (се претпочита неактивност) а добро се наградува секој први во месецот.
Нема промена без двотретинско мнозинство во Парламентот?
Едно од прашањата што деновиве се поставуваат без стопроцентна децидност во одговорот е дали најсилната парламентарна опозициона група во парламентот по последните избори може да предложи свој човек за раководител во МТВ и АВМУ, како и во ДИК, но и други институции? За ова прочитав деновиве и малку ми стана појасно од каде „дува ветерот“ во однос на тоа што ДУИ го споменуваат СДСМ во контекст на нивната полемика за тоа кој би бил старо-нов коалиционен партнер на Владата. Факт е дека Мицковски не би сакал да има свој партнер од коалицијата која е на чело на власта во периодот после 2016 година, значи ни социјал-демократите ни унионистите. Во тоа е јасен!
Но, од тоа кој ќе биде втора по бројност и воедно најсилна опозициска група во Парламентот зависи кој во кадровска смисла ќе ги има позициите во споменатите (и многу други) институции кои би имале свое влијание во политичкиот живот на земјава.
Ако се гледа практиката и законските одредби, барем за двете институции поврзани со медиумите, таквата констатација е извртена и практично без основ. Во Парламентот со двотретинско мнозинство се бираат членовите на советите во двете институции (АВМУ и МТВ), потоа тие самите меѓу себе бираат кој ќе биде претседател. Нешто слично се случуваше со изборот на Антикорупциска, ако можеме да правиме споредби. Таа постапка веќе два пати ќе се поввторееше во претходниот парламентарен состав во однос на АВМУ и МРТВ, бидејќи,
имаше јавен конкурс на кој се јавија личности кои имаа врска со она што треба да се работи во двете јавни институции; навистина по конкурсот за Советот на МТВ имаше несразмерно помалку кандидати, но сеедно, тие не се реализираа! ВМРО ДПМНЕ во двата случаи одбра да си го задржи комодитетот со постојните прислужнички „посади“, иако должината на мандатот на постојните советници таму е дел од една долга историја. Спокојот со кој тие владеат со медиумскиот простор е вистинска збирка на бајки (ќе речев на браќата Грим, ама таму има барем малку драматика).
Што ќе се случи ако се случи?
Оние кои имаат „добар нос“ за потезите на новите пратеници претпоставуваат дека изборот ќе биде молневит, што би се рекло „додека Власите не се досетат“ – веднаш по формирањето на собранискиот состав и изборот на претседател на Собранието, ќе биде веројатно распишан конкурс за советници во двете институции и автоматски ќе се анулираат двата претходни конкурси, иако тие од техничко-правен аспект беа релевантни! Доколку изборот се врши од еден мешан состав (како кај Антикорупциска) би требало истите да се изберат и тоа со учество на невладиниот сектор, ама тоа не мора да е толку транспарентно овој пат – новата власт е скарана со било какво „ачик“ одлучување, па ќе се оди на некакво носење одлука во експрес постапка. Иако, се чини, дека и новиот состав нема да има две третини за такви одлуки. А избраните советници инаку и во АВМУ и во МРТВ ќе треба да одберат нови раководители од својот состав. Тоа е повеќе од сигурно.
Основното прашање секако не е поврзано директно со начинот на кој се избираат оние кои треба да носат на себе одговорност за квалитетот на јавниот радиодифузен простор и за она што се нарекува „за редот“. Во случајот со АВМУ постои суштинско промашување на улогата на институцијата – место да бидат чувари на јавниот интерес во однос на корисниците на истиот простор кој е наш, заеднички, тие станаа чувари на корисничките интереси во однос на јавноста! Сосема спротивна насока на дејствување! Да речеме имало некаков напад на некој новинар, па ќе се јават здруженијата, па и АВМУ, за да има нешто да се фатат како дневна активност. Но, нема секогаш копирање на активностите на новинарските здруженија – зависи за член на која редакција се работи, нели? Правото на заштита на слобода на информирањето повеќе важи тогаш кога се работи за новинска куќа која е блиска до заштитничките позиции на АВМУ, да нема забуни. Тоа секако важи и за новинарските здруженија, во нешто помала мерка. Како автор добро се сеќавам на обидот на АВМУ да се направи „на Тошо“ во мигот кога еден наш колега (од друштвото на Ленинова) бесеше слики на познати новинарски имиња на јаже во политичкка емисија која иодеше во континуитет, постапка чија симболика не трогна многумина а на поединечни критики (па и мои) надредениот раководител на телевизијата (Канал 5) отишол дури во Американската амбасада (!) да се жали за напишаниот збор. Да не ја должиме понатаму, многу беше симптоматичен тој однос кога АВМУ миеше раце од било каква проблематична ситуација а тоа беше греда во окото на сите надлежни институции заради класична злоупотреба на корисникот на јавниот простор во акција против носителите на слободата на печатот.
Ако нешто укажува на некаков поголем „ангажман“ во АВМУ е фактот дека имаме се’ почесто некаков комплот со новинарските здруженија, во форма на заеднички соопштенија, да се истакне нивното сојузништво без оглед на тоа што таквото братство по дефиниција не би требало да е одржливо; правата на новинарите – работници ги чува Синдикатот, правата во една поширока смисла (отвореност на изворите, безбедност и слично) ги чува ЗНМ, правата на сопствениците соодветната асоцијација (најуспешна и најмолчалива), додека АВМУ треба да го чува јавниот интерес: што добиваме од оние кои користат фрекфенции, кои се практично бесплатни, но претпоставуваат дека од нив се очекуваше соодветен одговор кон заедничките вредности.
Сиромашна земја со толку радиодифузери – од каде се парите за опстанок?
Самиот факт што во една сиромашна земја, со скромни ресурси (вредноста на рекламниот простор последните децении е зацементиран на 30 милиони евра) и понатаму има над 120 радиодифузери, не може да се објасни со фактот дека некој порано, во периодот пред оваа екипа да влезе во АВМУ, издал толку дозволи. Впрочем, паралелата со официјалните пари кои влегуваат во овој бизнис и опстојувањето на толку фирми цели три децении, едноставно укажува на голема црна дупка токму во сферата на финансиите. АВМУ во последните години секако издава нови одобренија за работа и прашањето е – зошто ги издава? Дали просторот не е презаситен или слуша некои надворешни импулси, го има како кредо што се вели она – „морално беше Пиги“, што се надоместува и она што според дарвиновиот закон на самоселектирање отпаѓа од списокот во меѓувреме. Тоа може да е заради апс на основачот на пример (по стечајот на телевизијата Нова на газда Сеад Кочан). Како таа телевизија доби дозвола за работа а уште почудно е – како доби дозвола за работа телевизијата на владиката Петар? Ниту еден член на Советот не даде јавно објаснување зошто подигнал два прста за таквото решение, иако веќе можеби слично решение веќе е издадено за ТВ Едо кое во народот слови како „тв на оџата од Љубин“. Иако, споредбите не се соодветни, бидејќи, агресивното однесување на владиката Петар во јавниот простор е познато од порано и е на една агресивна, тврда националистичка, проруска струја во земјава, додека споменатиот оџа си свири по комерцијални ноти, без мешање на било каква политика во работењето.
ТВ Вистел, демек вистинска телевизија, не открива како се финансира а во првите прилози, како онаа за женењето на македонски младоженци со Русинки во одјавната шпица стои името на Петровата епархија и благодарност за газдата на телевизијата.(https://emagazin.mk/startuvashe-so-rabota-televizi-ata-na-vladikata-petar/). Впрочем, неговиот велигденски говор беше пример за директно мешање на црквата во политички избори. Не чув дека имаше реакција кај релеватните ревизори на тв содржините, бидејќи тв уредниците секако би требало да водат сметка за оваа порака, емитувана на 5 и 6 мај, непосредно пред парламентарните избори (https://telma.com.mk/2024/05/05/vladika-petar-vnimavajte-za-kogo-ke-glasate-za-da-ne-se-sluchi-slepecz-slepi-da-vodi/).
Широко затворени очи
Впрочем, политичките избори се едни од оние кога токму АВМУ треба да отвори „четири очи“, бидејќи, треба да обезбеди фер, рамноправен натпревар меѓу оние кои учествуваат во нив. За време на познатите пржински договори меѓу власта и опозицијата пред една деценија, прашањето на информирањето и практичното нефункционирање на АВМУ беше една од централните теми. Причината секако лежи во фактот што радиодифузните медиуми, но и оние печатените во најголема мерка, комплетно беа фанови на политиките на ВМРО ДПМНЕ, особено после изборите во 2002 година а со посебно стимулирана практика постоеше после изборите во 2006 година.
Глодурот на белградско „Време“ Филип Шварм, (https://vreme.com/komentar/makijaveliji-na-balkanu/)
коментирајќи ги изборите во Србија, Хрватска и сега во Македонија вели дека лидерите на десницата „напамет го знаат советот на Макијавели како, по секоја цена – со нокти и заби – да се држи власта. Само тоа им е примарно, се друго е споредно. Се подразбира цинизмот, се зема предвид лажењето, се промовира газењето на демократијата.“
Оттаму АВМУ, претходно Советот за радиодифузија, како демократски алатки се претвори во сателит на десницата со многу едноставна задача – да си траат, да мижат врз бомбардирањето на јавноста од страна на медиумите кои, видливо имаа еден центар, партиски, каде се креираше на долгорочна,но и дневна основа содржината на она за што јавноста треба да дознае. Ова се правеше со кусење на просторот на либералните содржини, со разни уцени на сопствениците на медиумите
грубо се ставаше контрола и врз најмалиот извор на скептицизам кон актуелните форми на национализам и клиентелизам на црвено-црните Да посочиме еден еклатантен пример – дали се сеќавате на големите пари (750 илјади евра) што беа фатени кај шоферот на Керим, сместени во шише од кока-кола? Керим беше сопственик на големиот прес издавач МПМ? Дали тоа не беше оружје за уцена? Особено ако противтежа беше давањето на шанса за меѓународна репутација! Едноставно, тој предмет, дело на унгарската (!) царина, беше држен три години во нечија фиока во земјава, додека „самоиницијативно“ се гаснеа еден по еден печатените медиум. Додека лопатите од погребот на значајни весникарски наслови работеа зачестено, молчеше најголем дел од интелектуалната јавност…
Некој би рекол – што има тоа врска со АВМУ? Навистина, треба да се вратиме на изборите и воопшто на праксата на оваа институција. Преку година – никакви промени во зоната на чување на јавниот интерес, за време на изборите одвај до два примери на несоодветно однесување на некој радиодифузер, иако котелот на еднонасочниот притисок кон јавното мислење заради поддршка на десницата просто вриеше. Кога конечно, во 2016 г. (не за одложените пролетни избори кога АВМУ изброја, вообичаено, само две прекршувања на фер-правилата за изборите!) се стави макар привремено четиримесечен мораториум на контролата што ја вршеше советот на АВМУ, имавме прогласен бојкот од страна на ЗНМ (!) на тој чин! Чија беше нарачката на бојкотот? Па на сопствениците на медиумите, секако, бидејќи тие во стартот на работата на ад хок телото кое ја презеде наблудувачката позиција се обидоа да направат „состанок“ со цел на вршење притисок за неказнување. Тие беа одбиени во тој притисок, ама остана впечатокот дека требаше само да ја демонстрираат својата супериорност во стилот „што ни може некој“ кога зад нив стои Големиот брат, конкретно Груевски.
Ад хок телото најде при набљудувањето есента 2016 година повеќе од 100 тешки прекршувања на фер плејот. Беа поднесени прекршочни пријани! Не две или се чини ниту едно, како на последниве избори (!) туку троцифрена бројка.
Ова е таа драстична разлика ако навистина се следи неопходниот терк за оценување на програмата (во изборни услови) и кога тоа не се прави колку да се рече. Годинава АВМУ, според нивниот сајт кампањата е преспиена. Има само укор до дистрибутерот на тв провајдерот Тотал, небитна за периодот кога тоа се прави – АВМУ беше отсутен од вистината пропагандна „битка на Косово“ како Вук Бранковиќ! Човек да се надева дека кафето и чајот беа добри во тие денови…
Во меѓувреме дознаваме дека еден член на Советот заминал во амбасадори (значи по заслуга!) ама немаше аларм за поплнување на празното столче, за да не се бранува интересот за АВМУ. А се слуша и дека таму има таков комодитет во работењето што се остава апетитит и за некои професорски амбиции. Но, тоа залсужува поголем простор.