ЕЛЕНА МИХАЈЛОВА СТРАТИЛАТИ
Ордите националисти, расисти и шовинисти, предводени од мафијашкото дно кое дивее, не само што се придвижија од маргините на општеството во центарот на македонската политика, туку токму тие ја доминираат формативната култура и нејзините придружни културни апаратуси кои продуцираат огромна машинерија на произведена согласност
Aвторитарната власт и нејзиното деценско управување со Македонија радикално ги помести условите на економскиот и политичкиот живот, но исто така доведе и до општествена антрополошка трансформација фабрикувајќи нови фигури на субјективност.
Па така, ордите националисти, расисти и шовинисти, предводени од мафијашкото дно кое дивее, не само што се придвижија од маргините на општеството во центарот на македонската политика, туку токму тие ја доминираат формативната култура и нејзините придружни културни апаратуси кои продуцираат огромна машинерија на произведена согласност. Ова е општествена формација која се протега од партиското дувло до универзитетите и мејнстрим медиумите, кои сите го прегрнуваат спектаклот на насилството, фабрикуваните мислења над фактите, додека уживаат во селебрити култура на игнорантност и театралност. Под владеењето на оваа нормализирана идеолошка архитектура на легитимни сентименти, мисловноста се гледа со презир, зборовите се сведени на ништо, и науката е побркана со псевдо-наука. Сите траги на критичка мисла се јавуваат единствено на маргините на културата, како што незнаењето станува главниот организирачки принцип на Македонското општество.
Новата форма на неписменост не конституира едноставно отсуство на учење или на формално образование. Напротив, неписменоста тука посочува што значи да не си во состојба да дејствуваш од позиција на мисловност, информирано просудување и критичка позиција (на субјект). Тоа е модел на произведена неписменост и образование кое нема јазик да го поврзе себеството со јавниот живот, општествената одговорност или бараањата на граѓанственоста. Таа е намерна практика и цел користена активно да се деполитизираат луѓето и да се направат соучесници на силите кои наметнуваат мизерија и страдање над нивните животи. Неписменоста стана форма на политичка репресија која обесхрабрува култура на преиспитување, го ништи капацитетот на индивиудите/индивидуалноста и ја реконституира моќта како модел на доминација. Токму овој модел на неписменост сега го конституира модус операнди на општеството кое и ја приватизира и ја убива имагинацијата труејќи ја со лаги, јамки од информации и потреба за моментно задоволување (со накарадни форми на формализирање на дипломите).
Важно е да се препознае дека порастот на оваа нова форма на неписменост не е едноставно за неуспехот на јавното или високото образование да создаде критички и активни граѓани, тоа е за општество кое ги елиминира оние јавни сфери кои мислењето го прават можно и корисно, додека наметнува култура на страв во која демне заканата дека секој кој ја смета моќта за одговорна ќе биде казнет (пример за ваквата травестија е тоа колку лесно нашите академици сега се нафрлија на лешот на режимот кој го негуваа сите овие години). Под прашање тука е не само криза на демократското општество, туку криза на меморијата, етиката и субјективизацијата на субјектите.
Секој остварлив обид за развивање на радикална политика мора да започне да ја адресира улогата на образованието како средство за легитимирање на незнаењето и како централно за формацијата на авторитарната политика која столчи секаков траг од демократија во идеологијата, политиките и институциите кои сега го контролираат македонското општество (македонското образование како основа на авторитарна Македонија; универзитетите како центри на производство и легитимирање на незнаењето и правните факултети како центар на педагогија на репресија). Во основата на ова адресирање е прашањето што едукаторите треба да постигнат не единствено во демократија, туку во историскиот момент кога Македонија влезе во темната ноќ на авторитаризмот.
Па така, додека се коваше македонската диктатура, нашите универзитети/факултети градеа „објективно неутрално“ образование.
Длабоко потценувајќи го секое разбирање на образованието како јавно добро, дополнително ширејќи ја претставата дека сите степени на школството можат да бидат сведени на места за тренирање на студентите за работното место, нашите општествени науки го користат образованието за да ја репродуцираат културата на бизнисот. Таквата бизнис ориентирана „неутрална“ наука се покажа како идеална подлога на македонската авторитарна политика. Со својата инструментална рационалност од една страна го зајакнува тврдењето на режимот дека сите проблеми се индивидуални (без оглед на тоа што корените на таквите проблеми лежат токму во поголемите систематски сили), додека во исто време ги обезбеди сите дипломи кои требаа за авторитаризмот да биде оперативен.
Ваквата „неутрална“ наука е форма на симболично и интелектуално насилство, која напаѓа наместо да едуцира. Со нејзината „теорија“ свртена кон самата себе (односно кон едно големо ништо) таа е и мора да се разбере како педагогија на репресија која служи првенствено да го умртви умот и да го произведе она што може да се нарече „мртви зони на имагинацијата“. Ова е педагогија која е во голема мера дисциплинирачка и има малку почит за контекстите, историјата, правењето на знаењето значајно или проширување на она што значи студентите да бидат критички ангажирани агенти.
Лишувајќи ги од капацитети за мислење, преиспитување, сомневање, замислување на незамисливото и бранење на образованието, и пуштени да зависат од партијата или од бизнис мафијата, нашите општествени науки ги оставаат младите без желба и без јазик да ги одбранат историски гарантираните општествени одредби и граѓански права обезбедени од социјалната држава/државата на благосостојба, јавните училишта, синдикатите, репродуктивните права на жените и граѓанските слободи, а камоли да се изборат за нови. Не е ни чудо што вредностите кои не се мерливи – сочуство, визија, имагинација, доверба, солидарност, грижа за другиот и страст за правда – венеат токму на нашите правни факултети.
Во овие услови постои ургентна политичка потреба да се разбере образованието како јавно добро и да се адресира значењето и улогата на педагогијата како дел од пошироката битка за практикување на слободата. Поимот на неутрално, објективно образование е оксиморон. Образованието и педагогијата не постојат надвор од односите на моќ, вредности и политики. Далеку повеќе од метод на предавање, педагогијата е морална и политичка практика активно вклучена не само во продукција на знаење, вештини и вредности, туку исто така и во конструирањето на идентитети, модели на идентификација и форми на индивидуална и општествена субјективизација. Според тоа, педагогијата е во срцето на секое разбирање на политиката и е идеолошко скеле на оние врамувачки механизми кои ги посредуваат нашите секојдневни животи. Во оваа смисла барањето нашите едукатори/професори да се вклучат во педагогија е нешто сосема спротивно од нивното слугување на политичките центри на моќ. Правењето на педагошкото политичко значи да се биде буден за „тој момент во кој идентитетите биваат создавани и групите биваат конструирани“. Во исто време ова значи дека прогресивците мора да бидат внимателни кон оние практики во кои критичките модели на субјективизација и конкретните идентитети биваат негирани (зошто најдобрите студенти, чесните и интелигентните ја напуштаат земјата? зошто за најдобрите млади тука нема место?) Во еден дел ова сугерира дека развивачките педагошки практики не само инспирираат (како најпопуларните наши популистички професори), туку се исто така способни за предизвикување на растечките анти-демократски практики и политики. На пример, многу професори се етикетирани како борци за слобода или гласни критичари на режимот, но на терен, на своите работни места се длабоко вклучени во методите на негативна селекција која во реалноста само ги зацвртува постоечките форми на доминација. Како што Хана Арент аргументира во „Криза на образованието“, централноста на образованието во политиката исто така се манифестира во одговорноста за светот што културните работници треба да ја претпостават кога се вклучуваат во педагошки практики кои се наоѓаат на страната на верувањето и убедувањето, особено кога тие ги предизвикуваат формите на доминација.
Од сево ова, она што може да се нарече „критичка педагогија“ е во основата на создавањето на субјекти способни да станат индивидуи и социјални агенти волни да се борат против неправдите и за повторно вопоставување и развивање на институциите кои се круцијални за функционирањето и ветувањата на суштинската демократија. Таа е фундаментална за поимот на писменоста која го гледа знаењето како централно во спроведувањето на економска и политичка правда. И затоа треба да биде (многу повеќе од делење на докторати како бомбони) местото на оние кои се подготвени и способни да се борат за радикална демократија.
(Текстот е прв пат објавен ани во мај во Либертас)