Американската амбасадорка Анџела Агелер вели дека е воодушевена и ја поздравува најавата на мандатарот Христијан Мицкоски дека в недела, при заклетвата како нов премиер, а и во настапите во странство, ќе го користи уставното име на земјава
360°: Амбасадорке, ви благодарам за можноста да разговарам со вас. Моето прво е прашање е дали, така да го наречам, политичкото цунами што се случи во Северна Македонија на некаков начин влијае на пристапот на САД кон земјава?
– Владо, многу ти благодарам, одлично е да се видиме, ти благодарам за времето одвоено за интервјуто, ти благодарам за доаѓањето во амбасадата за да зборуваме за она што, според мене, е прашање од исклучителна важност за време на, според мое верување, исклучително значаен временски период кој е и пресвртница за земјата. Цунами е добар збор за она што се случи за време на изборите. Многу од нас, повеќето од нас, беа изненадени од резултатите од првиот изборен круг и не познавам никого од оние со кои редовно разговарам, кој предвиде колкава ќе биде победата за тогашната опозициска партија на парламентарните избори. Во секој демократски процес тоа јасно кажува дека граѓаните на земјава, на Северна Македонија, сакаат промени, сакаат поинаку да ги видат работите и тоа многу јасно го кажаа при она што беше историска победа за ВМРО-ДПМНЕ – дека сакаат да променат како земјата се справува со корупцијата, енергијата, економијата и дека сакаат да имаат чувство на надеж. Без оглед на оние што изгубија или имаа прашања за процесот, никој не може да се сомнева дека изборите беа фер и слободни и дека беше многу јасна пораката од граѓаните на земјава за тоа каква иднина сакаат за себе и за своите семејства.
360°: Да, резултатите беа, во најмала рака, многу интересни. Кое е вашето мислење за одлуката на ВМРО-ДПМНЕ, победничката партија, да стапи во коалиција со „Вреди“, а не со коалицијата предводена од ДУИ? Од ДУИ инсистираат дека со ова се оди против основниот договор меѓу двете најголеми заедници од 2001.
– ВМРО-ДПМНЕ го избра партнерот – „Вреди“, која е исто така коалиција, исто како и „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ. Сум имала разговори за ова со низа функционери на ДУИ и други и нема законска обврска за тоа со кој ќе стапите во коалиција. Партијата што победи на изборите ја имаше можноста и избра да создаде коалиција со малцински групи во земјата. Тоа е од исклучителна важност зашто она што двете наши земји ги прави толку богати е диверзитетот, различните етнички групи и заедници и она што тие го носат за нашите демократии. Оттука, задоволна сум што владата е составена од различни групи и нема законски обврски за ДУИ да се вклучи во владата. Знам дека има прашање на закон наспроти легитимитет, но факт е дека ВМРО-ДПМНЕ избра партнери од различни заедници во земјата и тоа е нивно право. Избраа тоа да го направат и ќе видиме како ова партнерство ќе функционира.
360°: Значи, тоа не претпоставува некакво вознемирување, поместување во земјата?
– Според моето искуство во земјава, има многу можности за различни индивидуи и групи, политички партии и лидери да кажат дека имаат несогласувања и дека се загрижени и сето тоа е дел од една „жива“ демократија. Затоа, имајќи го тој разговор, мислам дека е исклучително значајно да има гласови од различни малцински заедници кои зборуваат за важноста од имање свој претставник во заедницата. Среќна сум што гледам дека тој разговор продолжува.
360°: Кои се вашите главни очекувања од новата влада, од новите власти во Северна Македонија?
– Искрено кажано, очекувам од нив, колку што можат побрзо, да ги испорачаат ветувањата кои ги дадоа за време на кампањата. Разбирам дека тоа е тешко, но граѓаните тоа од нив го очекуваат. Оттука, многу е тешко да се премине од водење кампања до владеење и новите министри се уште не положиле заклетва, тоа не го направил ниту идниот премиер, очекуваме тоа да се случи викендов… Очекувам да видам како тие, а така ќе беше за која било влада која ќе дојдеше на власт, дали на реториката од кампањата и дадените ветувања ќе одговорат со конкретни дела. На крајот, како политичка партија и влада ве судат според вашите дела наспроти предизборните ветувања кои, искрено, можат да го покријат целиот спектар на политиката во време на избори.
(остатокот пточитѕас те го на https://360stepeni.mk/video-ageler-voodushevena-sum-od-najavata-na-mitskoski-i-ministrite-deka-ke-se-zakolnat-so-severna-makedonija/)