ЕРВАН ФУЕРЕ
Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски
Како што се приближуваме кон крајот на оваа бурна година во која меѓународниот поредок беше грубо раскинат по бруталната инвазија на Украина од страна на претседателот Путин, регионот на Западен Балкан може да погледне во ретроспектива со умерено, но сепак горчливо задоволство што агендата за проширување конечно се врати на надворешнополитичката листа на приоритети на ЕУ.
Оваа година бевме сведоци на поголем број средби со лидерите од земјите од Западен Балкан во споредба со претходните години, а бројот на лидерите од ЕУ кои го посетуваат регионот бележи зголемување. Пристапните преговори продолжија со Црна Гора и со Србија, иако со темпо на полжав, додека тие штотуку започнаа и со Албанија и со Северна Македонија.
Дали овој наплив на активности означува квалитативна промена во однос на посветеноста која ја има ЕУ кон регионот на Западен Балкан или е тоа повеќе пристап што е диктиран од влијанието предизвикано од војната на Русија?
Несомнено е дека руската агресија ја поткопа целата безбедносна архитектура на европскиот континент и пошироко. Тоа го направи регионот на Западен Балкан уште повеќе кревок и ранлив на засилени руски дезинформации и на други злонамерни активности. Одбивањето и на Босна и Херцеговина и на Србија да ѝ се придружат на ЕУ во воведувањето санкции против Русија ги покажа границите на влијанието кое го има ЕУ во своето најблиско соседство. Србија дури успеа и да ја продолжи важноста на договорот за снабдување со гас од Русија.
Затоа, не е чудно што во центарот на неодамнешните дискусии помеѓу ЕУ и регионот беа безбедноста и енергетиката, со цел да се поттикне енергетската диверзификација и да се намали зависноста од Русија и од Кина.
Притоа, останува отворено прашањето дали ЕУ и нејзините земји членки се вистински посветени на проширувањето и на внесување на земјите од Западен Балкан во ЕУ на начин којшто целосно ќе ги почитува критериумите за пристапување и без какви било предуслови наметнати од поединечни земји членки.
За жал, случајот со Северна Македонија не дава добар пример во оваа смисла.
Ако има едно прашање за кое не може да ѝ се замери на македонската влада, тоа е истрајноста во нејзината определба да ја оствари целта за членство во ЕУ, и покрај постојаните пречки кои ѝ се испречуваат на патот. Дали оваа упорност е доволна за да се обезбеди успех на крајот од тоа патување, останува да видиме. Притоа, власта мора да се запраша дали со тоа се согласуваат и самите македонски граѓани.
Последните испитувања на јавното мислење покажаа намалување на поддршката за ЕУ и силно отфрлање на условите наметнати на Северна Македонија пред вистински да започнат преговорите за пристапување.
Првата меѓувладина конференција за процесот на пристапување на Северна Македонија се одржа на 19 јули, повеќе од тринаесет години откако Европската комисија првпат препорача да се додели датум за почеток на преговорите.
Многу работи се случија во изминатите тринаесет години – политички пресврти и неконзистентни реформи во државата. Во меѓувреме, некои од земјите членки го заробија процесот на проширување во насока на следење на своите домашни агенди, додека ЕУ постојано не ги исполнува своите ветувања дадени на регионот на Западен Балкан како целина, а особено на Северна Македонија.
ЕУ имаше тенденција да го гледа регионот низ тесната призма на стабилност и управување со границите за да може да ги контролира постојаните бранови на имигранти, а не преку поширокиот контекст на обезбедување автентични реформи и остварување на целта за пристапување. Таа, исто така, ги затвора очите пред автократските тенденции кај некои од лидерите во регионот и продолжува и понатаму да го прави тоа. Нејасноста во односот на ЕУ кон регионот им даде повеќе ветар во грб на оние кои сметаа дека ЕУ не е сериозна во својата посветеност кон регионот.
Сето ова придонесе кон натамошно назадување на реформскиот процес, а да не зборуваме за масовното иселување на младите кои ја бараат својата среќа на друго место.
Има мошне малку докази кои укажуваат на некаква радикална промена на оваа проценка.
Прекумерна употреба на ветото и т.н. француски предлог
Нејасноста и вистинското лицемерие својот врв го достигнаа со француското вето од 2019 година против отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија, и покрај тоа што земјата мораше да проголта горчливо апче со прифаќањето да го смени уставното име според Договорот од Преспа, прифаќање коешто го преговараше со Грција претходната година.
Ова ја отвори вратата за бугарското вето кое следеше потоа. Бугарија одби да дозволи отворање на пристапните преговори додека македонската влада не исполни неколку услови поврзани со историјата и идентитетот.
Таканаречениот француски предлог, што претседателот Макрон го изнесе на завршувањето на француското претседателство со Европскиот совет во јуни оваа година, беше претставен како компромисно решение.
Бидејќи овој предлог ги прифати речиси сите бугарски барања, не беше изненадувачки тоа што бугарската влада го прифати предлогот и се откажа од ветото.
За Северна Македонија, тоа беше уште еден удар за нејзината нација и предизвика длабока болка кај македонските граѓани кои го сметаа за предавство на ветувањата на ЕУ. Многумина го гледаа како „отровно јаболко“ кое ќе ја продлабочи недовербата меѓу соседите во регион кај кои минатото е секогаш присутно. Барањето да се смени македонскиот устав за да се признае постоењето на бугарска заедница во земјата беше особено еклатантно барање бидејќи не постоеше реципроцитет според кој Бугарија за возврат ќе го признае постоењето на македонска заедница во Бугарија, како што постојано се укажува во пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Францускиот предлог, којшто сега стана официјална политика на ЕУ, постави опасен преседан што повторно ќе ја прогонува ЕУ во нејзината агенда за проширување. Тоа уште еднаш го покажа недостигот од разбирање кај ЕУ на големата тежина која ја има историјата во регионот и на чувствителноста поврзана со малцинските прашања, вклучително и на оние кои се предмет на одлуки донесени од Европскиот суд за човекови права.
Малцинските прашања како „оружје“
За да биде навредата уште поголема, бугарската влада продолжи, во текот на оваа година, да го поддржува отворањето на таканаречените културни клубови во Северна Македонија, именувани по контроверзните личности од Втората светска војна кои го поддржувале нацистичкиот режим.
Ова користење на малцинските прашања како „оружје“ од страна на бугарската влада, како и наметнувањето сопствена верзија на историјата, е целосно во спротивност со однесувањето што се очекува од една земја членка на ЕУ и е нешто што му нанесува неизмерна штета на кредибилитетот на ЕУ. Тоа ја игнорира самата суштина на европскиот проект којшто треба да биде проект за помирување.
Молкот од ЕУ за овие прашања е заглушувачки. Наместо да создаде услови за помирување во регионот, таа несвесно ги отвори вратите за конфронтација, особено меѓу соседите. Ова поставува лош преседан за големиот број други сè уште нерешени билатерални спорови во регионот.
Со цел да се компензира негативното влијание на овие случувања, ЕУ треба да обезбеди зголемена финансиска поддршка за проекти што ќе ги зближуваат двете заедници, слично на она што ЕУ го направи во времето кога поранешниот претседател Жак Делор формираше Мировен фонд на ЕУ за поддршка на договорот од Велики петок во Северна Ирска од 1998 година. Истиот треба да предложи значајни иницијативи кои се за доброто на општеството во целина, како на пример во областите на интегрирано образование во мултиетнички општества и програми за помирување, вклучително и во наставата по историја. Нерешавањето на овие прашања само ќе го поткопа долгорочно целиот процес.
ЕУ треба суштински да го промени својот пристап и да го направи процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан пополитички, подинамичен и помалку бирократски. На крајот од краиштата, ова беше една од целите на ревидираната методологија за пристапни преговори усвоена од ЕУ во 2020 година. Таа мора да го забрза процесот со цел што е можно поскоро да се водат преговори со целиот регион, при што придобивките од членството ќе им се предочуваат на граѓаните како што ќе напредуваат преговорите и ќе се спроведуваат реформите, наместо за тоа да се чека завршување на преговорите.
Во меѓувреме, македонската влада треба да ја покаже својата вистинска посветеност на реформите, не само формално, туку и во реалниот живот, како дел од општествените промени. Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.
Постојаното „ставање сопки“ во Парламентот меѓу раните политички субјекти не е одраз на агенда која вклучува консензус, а која е неопходен услов за успех во остварувањето на надворешнополитичките цели на земјата.
Ако владата сака да успее во своите напори и да ја покаже истата истрајност како што беше тоа досега, таа ќе треба да го обедини кон себе целото општество и граѓанските организации, имајќи на тој начин многу поголема улога во текот на целиот процес отколку досега.