Нацев е поранешен директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, за време на власта на Груевски. Сопственикот на агенцијата „Рубикон” истовремено е заменик-директор во Центарот со кој раководи Александар Нацев. Меѓу објектите што „Рубикон“ ги обезбедува, особено се издвојува дискотеката „Пулс“ во Кочани. Дали „Рубикон“ е нова „СГС“?

Додека власта се обидува секое барање на вистината да го замолчува со дегутантни етикети како „лешинарење”, очигледно е дека истрагата која се води за најголемата трагедија е повеќе од селективна. Весникот „Фокус” објави скандалозни информации со кои агенцијата „Рубикон”, која ја обезбедувала дискотеката на смртта, е регистрирана на иста адреса со институт управуван од вмровски функционер, велат од Левица.
– Односно, агенцијата „Рубикон“ е регистрирана на ул. „Христо Татарчев” бр. 79 во скопската населба Кисела Вода. На истата адреса се води и Центарот за безбедносни истражувања, каде директор е Александар Нацев, истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ. Вториот момент кој укажува на партиски врски е тоа што како сопственик на агенцијата „Рубикон” се јавува лицето Јане Јанчески. Токму сопственикот на агенцијата „Рубикон” истовремено е заменик-директор во Центарот со кој раководи Александар Нацев.
За партиската позадина на Нацев е повеќе од јасно, со оглед на фактот дека тој е поранешен директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, за време на власта на Груевски. Дека се работи за параван-компанија зад која стои вмровски функционер говори фактот што токму агенцијата „Рубикон”, веднаш откако ДПМНЕ стапи на власт во општините, почнува да добива тендери за обезбедување на училиштата, управувани од вмровски директори.
Нема сомнежи дека партијата на Мицкоски има искуство со формирање параван-агенции за обезбедување, како што претходно беше случајот со познатата агенција „СГС” на Сашо Мијалков. И два месеци после трагедијата, власта се обидува да ја сокрие поврзаноста на нивниот член Александар Нацев со агенцијата „Рубикон”. Напротив, премиерот Мицкоски децидно отфрлаше била каква поврзаност на оваа агенција за обезбедување со неговата партија и најавуваше оставка доколку не е така.
Левица во прилогот на „Фокус“ прашува: дали е доволна поврзаност што формалниот сопственик на „Рубикон” е заменик-директор во центар на нивни поранешен функционер и што агенцијата за обезбедување дели иста адреса со овој центар.
И друг извор (https://antropol.mk/2025/05/08/rubikon-bez-licenca-no-so-partiska-zastita-agencijata-povrzana-so-vmro-dpmne-se-uste-obezbeduva-diskoteki-ucilista-i-javni-objektiiiii/) потврдува дека Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, и покрај тоа што ѝ е одземена лиценцата за работа, продолжува да дејствува како ништо да не се случило. И тоа не било каде – туку во чувствителни простори како училишта, јавни установи и дискотеки со трагична репутација. Сѐ почесто се слуша истото прашање: дали во оваа држава владее законот или партиската недопирливост?
Формално, „Рубикон“ е регистрирана на ул. Христо Татарчев бр. 79 во скопската населба Кисела Вода. Истата адреса ја дели со Центарот за безбедносни истражувања, каде главната фигура е Александар Нацев, поранешен пратеник и член на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не е единствената „случајност“ – и Институтот „Сариса“, исто така поврзан со Нацев, се наоѓа на истата адреса како една од подружниците на агенцијата.

Иако Нацев формално не се води како сопственик, совпаѓањата говорат доволно гласно. Неофицијално, се тврди дека токму тој е реалниот сопственик и оперативец зад „Рубикон“ – што го отвора прашањето: дали целата оваа конструкција служи како чадор за партиска параструктура?
Меѓу објектите што „Рубикон“ ги обезбедува, особено се издвојува дискотеката „Пулс“ во Кочани – каде што неодамнешната трагедија однесе човечки животи. Иако институциите се повлекоа зад фрази како „во тек е истрага“, факт е дека објектот беше под обезбедување на агенцијата без лиценца.
Кој дозволил агенција без дозвола да обезбедува простор каде што се собираат стотици млади луѓе? Кој ги затвора очите? И уште поважно – дали истата партиска заштита што ѝ овозможува да опстане, ја ослободува и од одговорност?
Истражувањата покажуваат дека „Рубикон“ има ангажмани и во образовни институции. Да, агенција која не смее да работи – бидејќи е надвор од закон – обезбедува основни и средни училишта. Наместо да биде затворена, таа шета по јавни тендери, склучува договори и добива пари од буџетот. Ова веќе не е скандал – ова е плукање во лице на правната држава.
Да се потсетиме, вели овој извор – во 2018 година, ВМРО-ДПМНЕ жестоко го обвини СДСМ дека создава параполициска структура преку агенцијата „Код Секјурити“. Денес, не само што истите обвинувања се валидни, туку се и документирани. „Рубикон“ личи токму на она што некогаш ВМРО-ДПМНЕ го осудуваше: фирма блиска до партијата, која оперира надвор од закон, но под заштита на моќни луѓе.
Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за обезбедување и јавниот обвинител се должни да објаснат како оваа агенција и понатаму работи. Ако не преземат ништо, стануваат соучесници.
Ако и трагедијата во Кочани не е доволен сигнал, тогаш што е? Колку уште објекти ќе обезбедува „Рубикон“, колку јавни пари ќе добие и колку закони ќе се прекршат додека некој се сети дека безбедноста не е играчка? – прашува Агенцијата.