Агенцијата ги набројува како наследени и завршени обврски повеќе од две дузини филмови. Но, како што објави и СДК.мк, во датабатата Отворени финансии, се гледа дека меѓу исплатените има и повеќе проекти кои не се ниту почнати
БОЈАН ШАШЕВСКИ
За разјаснување на наведеното прашање, направивме увид во договори кои Агенцијата ги склучува со продуцентите избрани на конкурсот. Во овие договори се содржани стриктни одредби според кои Агенцијата ги доделува средствата. Заради сложеноста на проектите, средствата се доделуваат во повеќе фази. Директорот, за основ на доделените средства што сега се предмет на различно законски испитување, се повикува на овој член од Договорот:
Според Валентин Пепељугоски, адвокат и професор по авторско право, ваквото толкување од Законот не е точно. Тој вели дека и Законот, и склучените договори, се многу јасни. Банкарската гаранција е обврска која мора да биде дадена, за Агенцијата за филм да додели пари.
„Членот кој се однесува на ‘виша сила’, кој е цитиран, зборува дека во случај на виша сила или вонредна околност, банкарската нема да се активира. Директорот мора да побара банкарска гаранција, а негово право е да одлучи дали се исполнети условите во секој проект, секој случај поединечно, дали ќе ја активира банкарската гаранција“, забележува Пепељугоски.
Што се однесува до тоа дека парите се исплаќаат за независните филмски работници, смета адвокатот, и тоа не е точно, бидејќи парите Агенцијата ги исплаќа на продуцентите.
„А продуцентите ги исплаќаат согласно договорите што ги имаат склучено со филмските работници“, потенцира Пепељугоски во разговор со Радио МОФ.
Што е работата со одобрените проекти?
Агенцијата овие 27-28 проекти ги наброја како – наследени обврски. Завршени проекти.
Но, како што објави и СДК.мк, во датабазата Отворени финансии на Министерство за финансии, се гледа дека меѓу исплатените има и повеќе проекти кои не се ниту почнати. Според датабазата, во периодот март-мај 2020, има околу 50 исплати со вкупно близу милион евра, на проекти кои се одобрени на конкурсите на Агенцијата од 2014 до 2019 година. Главните исплати се на 17, 20 и на 24 март.
Агенцијата тврди дека се околу 35 милиони денари (над 560.000 евра) – за тие 27 проекти.
Радио МОФ ја побара листата од Агенцијата. Ни доставија 31 проект, за првиот квартал од 2020, согласно склучените договори за финансирање:
Во листата се вброени вкупно одобрените средства и колку остануваат за исплата. Ако споредиме со Отворени финансии, има и филмови од наведените продукции што ги нема во овој преглед, а е вршена некаква исплата во првите три месеци.
Вклучените продукции од листава и сите нивни филмови сочинуваат само околу 45 милиони денари (околу 730.000 евра). Засега, не се знае колку и дали некој од овие се вклучени во „чешлањето“ на Антикорупциска за работата на Агенцијата за филм.
Базата Отворени финансии вели дека во 2020 најмногу се доделени за филмовите „Сирена во Париз“ (6.280.140 денари) на 24 јануари, „Сирена“ на 6 и 7 февруари (по 3 милиони) и „Исчезнатиот“ (4,7 милиони) на 11 март. Останатите највисоки суми се после 20 март, кога Агенцијата го најави првиот бран помош за филмаџиите. За „Хомо“ има одобрено 4,2 милиони, „Сестра“ (3,6 милиони), „Најтешкото нешто“ (3 милиони), „Скриениот“ (2,4 милиони), „Стела“ (2,7 милиони), потоа „Изчезнатиот“ со уште 2 милиони, „Снежана на крајот умира“ (1.230.000)…
Агенцијата за филм со Уредба од Владата од 26 мај, преку Фондот за справување со кризата, доби интервентна поддршка од 3.500.000 денари. Ова се дополнителни средства што одат преку Јавен повик на Агенцијата. Треба да опфатат приближно 100 филмски работници, кои за месеците април и мај ќе добијат по 14.500 денари.
За другите, споменувани 27 проекти се обративме до Министерство за култура. Нагласуваат, вонредната состојба од аспект на финансирањето на филмската дејност, не дава никаков основ да се прават исклучоци во примената на Законот за филмската дејност. Тоа важи и за реализација на започнати филмски проекти и нивна исплата.
„Од тој аспект не станува збор за посебни финансиски мерки за филмските работници кои се применуваат за вонредна состојба, туку за тековно финансирање на филмската дејност под услови утврдени со Закон, кои во предметниот период се поажурно спроведени од Агенцијата“, одговараат од Министерството.
Согласно Законот за филмска дејност, Агенцијата има својство на правно лице и е самостојна во својата работа. Агенцијата за својата работа одговара пред Владата. Агенцијата до Владата доставува шестмесечен и годишен извештај.
(продолжува)