Агенцијата ги набројува како наследени и завршени обврски повеќе од две дузини филмови. Но, како што објави и СДК.мк, во датабатата Отворени финансии, се гледа дека меѓу исплатените има и повеќе проекти кои не се ниту почнати
БОЈАН ШАШЕВСКИ
„Министерството за култура има сознанија за износот на потрошените средства од Агенцијата за филм во првите шест месеци од оваа година, но не и за законскиот основ според кој се потрошени средствата и за тоа дали средствата се потрошени наменски. Со цел утврдување на фактичката состојба за средствата, Министерството со допис бр. 53-6500/2 од 26 мај побарало Агенцијата да достави Извештај. Не одговараат дали има епилог од барањето.
„И од аспект на законското и наменското користење на средствата на Агенцијата, Министерството ќе постапи во согласност со позитивните законски прописи. Министерството континуирано врши контроли и во останатите единки корисници на буџетот над кои има надлежност“, забележуваат од Култура.
Агенцијата побарала филмскиот Конкурс еднаш годишно да се одлучува
Поради коронакризата, наместо април-мај, резултатите од првиот конкурс на Агенцијата за филм треба да се очекуваат на крајот на јули. Ова го потврди и директорот Тозија. Потврди и дека побарал од ресорното министерство годишниот конкурс за филмови да не биде во два рокови на одлучување, април и октомври, туку да се спои.
Министерството не му дозволило да се врши измена.
„Евентуалната измена на Конкурс кој е завршен (затворен) ќе биде во директна спротивност со позитивните законски прописи, од причина со тоа што се нарушува начелото на владеење на правото и непосредно се создава состојба на правна несигурност на учесниците во постапката на Конкурсот“, се вели во допис на Министерството до Агенција за филм од 23 април.
Агенцијата се пожали дека годишниот Буџет со кризниот ребаланс им е намален за околу 750.000 евра, или некаде 45 милиони денари. Па, оттука биле побудите за спојувањето.
„Од министерството ми беше кажано дека, бидејќи роковите се поместени, нели поради короната, треба да биде крај на јуни, значи крај на овој месец. Меѓутоа, како вонредната состојба уште се помести, и тие денови влегуваат во пресметките, па нас ни доаѓа некаде крајот на јули“, вели Тозија.
Директорот тврди – законот не е погазен и конкурсот не е завршен. Се осврна и на незадоволството кон конкурсот од страна на Милчо Манчевски, за кој рече дека шири дезинформации во јавноста. Смета дека треба да им се даде шанса на млади автори.
Режисерот на „Пред дождот“ и „Врба“ е еден од оние што имаат дадено претставка до Антикорупциска комисија. Манчевски вели дека ќе се обиде да има доверба во институциите. Ќе почека Антикорупциска, ОЈО, Управен инспекторат и Министерство за култура да се произнесат за евентуални судир на интереси и други постапки во Агенцијата.
„Во меѓувреме, ќе се концентрирам на проектот кој сега го подготвувам и во кој се веќе активни продуценти од дури осум држави: Данска, Велика Британија, Белгија, Луксембург, Полска, Унгарија, Албанија и Словенија. Доколку Македонија навистина го поништи конкурсот како што најави Тозија, јас ќе бидам принуден да го снимам филмот без македонско учество. За жал, нема да е прв пат – и во ‘Пред дождот’, кога Тозија беше директор на ‘Вардар филм’, Македонија влезе во проектот кога снимањето беше скоро завршено“, вели Манчевски.
За Министерството за култура е од особено значење активностите во културата да не замрат, поради што ценат дека и недонесувањето на одлука во предметниот рок исто така негативно би се одразило на континуитетот на филмската дејност во земјава.
„Особено од аспект на непотребно одложување на тековните активности на кои пандемијата нема влијание, како што се развојот на проекти и соработката со странски копродуценти и странски филмски фондови во развој на мнозински и малцински проекти“, потенцираат од Министерството.
(продолжува)