Неисплатата на „Зоки Поки“ и кривичната пријава за „Ослободувањето на Скопје“ – под лупа на државните органи
БОЈАН ШАШЕВСКИ
Периодов е актуелна детската серија „Зоки Поки“. Таа заврши со емитување минатиот месец, а Агенцијата за филм се уште ги нема целосно исплатено парите кон продукцијата „Кино око“ на Роберт Насков, кој пак во февруари поднесе кривична пријава против Горјан Тозија за филмот „Ослободувањето на Скопје“.
Пријавата е од продуцентската куќа „Партизанс“, на Насков и Александар Поповски. Тие сметаат дека Тозија, Игор Нола и МП Филм продакшн од Загреб во неколку наврати се прикажале како продуценти на филмот „Ослободување на Скопје“ и правата за дистрибуција на филмот им ги продале на неколку други компании.
Тозија во филмот бил ангажиран од „Партизанс“ како надворешен соработник.
Агенцијата за филм во 2014 го поддржа „Ослободување на Скопје“ со 1.25 милиони евра, но Насков и Поповски сметаат дека Тозија, кој стана директор на Агенцијата во август 2017, претходно со неовластената продажба го оштетил буџетот со над 20.000 евра, бидејќи дел од парите за дистрибуција треба да се вратат во Агенцијата.
Сега, Насков не сака да верува дека пријавата е поврзана со нецелосното исплаќање кон „Зоки Поки“. Агенцијата тврди дека воопшто не се поврзани овие два случаи.
„Да ги разграничиме овие две работи. Тој поднесува кривична пријава. Дали таа кривична пријава ќе биде усвоена, поддржана, не знам во моментов. Јас досега немам ништо добиено во Агенцијата, ниту лично (потврда н.з.) дека ми е подигната. Може ќе биде, не викам не. Во тој филм (‘Ослободување на Скопје’) сум учествувал како фриленсер, не сум бил директор на Агенцијата. Околу исплатата на ‘Зоки Поки’, таа досега е над 90%, се работи за еден многу мал дел. Не е во мои раце, Управниот одбор ги носи тие одлуки“, вели Тозија.
Тој во „Зоки Поки“ гледа дека е спорно што секоја епизода требало да трае 30 минути, а на крајот тие се од 19 до 24-25 минути. „Кога ќе се собере целото време, 80 минути е помалку снимен материјал. Парите остануваат исти, а епизодите се намалуваат“.
Александар Касапинов, претседателот на Управниот одбор на Агенцијата, тврди дека останале уште 1,8 милиони денари за исплата, но, продуцентот требал да го достави финалниот буџет, од вкупно 29 милиони, за да видат како се’ е трошено кај „Зоки Поки“.
„Досега два-три пати сме имале преписки, и никако од продуцентот да го добиеме финалниот буџет. Нека го достави. И ние сакаме тој предмет да се затвори“, вели Касапинов.
Од друга страна, Насков се јавува со поразличен став. Порачува „за претседателот на Управниот одбор Александар Касапинов е подобро да ги чита доставените документи наместо да ги слуша приказните на в.д.директорот Горјан Тозија“.
„Тогаш би дознал дека буџетот за серијата ‘Зоки Поки’ за кој тој зборува и останатата документација е доставена во Агенцијата за филм во октомври минатата година, веднаш откако е потпишан договорот со Македонската телевизија. Горјан Тозија многу добро знае дека штом имате нов партнер во проектот, нормално е да има промена на буџетот“, потенцира Насков.
Од тогаш, дополнува тој, се поминати сите законски рокови за постапување и одлучување. Зарем не му е на Александар Касапинов малку чудно зошто до сега в.д. директорот Тозија не ја доставил документацијата за серијата и зошто таа не е разгледувана на седница на Управниот одбор?, прашува Насков
„Колку е информиран Касапинов за тоа што се случува во Агенцијата за филм говори неговата изјава дека последната исплата што ја одобрил Управниот одбор е во февруари годинава и дека од тогаш нема други исплати на пари, а милионските исплати за 27 проекти се извршени во втората половина на март. Интересно е што в.д. директорот Горјан Тозија одлуката за неисплаќање на сите средства за серијата ‘Зоки Поки’ ја префрла на Управниот одбор, а истиот не го информираше за исплатите на 27 проекти, туку своеволно одлучи на кои проекти незаконски без банкарски гаранции предвреме ќе им ги исплати средствата. Инаку, да го информирам в.д. директорот Тозија дека сум презадоволен, многу среќен и горд на успехот на серијата ‘Зоки Поки’. Доказ за тоа се реакциите и коментарите на гледачите. Доколку в.д. директорот не би бил толку полн со гнев и омраза би можел да дознае и да го признае успехот на серијата. Во најмала рака е непрофесионално и некултурно да зборувате лошо за проект кој сте го финансирале со буџетски средства“, е ставот на Насков.
Најави на Агенцијата за филм за 2020 година
Агенцијата вели дека по успесите на македонската кинематографија во 2019, оваа година е повторно на Санденс со „Налепница” на Филип Унковски, „Снежана на крајот умирa” на Кристијан Ристевски ќе биде прикажан во рамките на фестивалот во Карлови Вари, а на е-павилјонот на Канскиот фестивал Македонија ќе презентира 8 играни филмови.
„Она на што сме посебни горди е и статистиката во последните години во однос на дебитанти режисери, дебитанти продуценти и зголеменото учество на жени режисери и продуценти. Последните 8 проекти кои се или во завршна фаза или пред премиера, дури 6 од нив отпаѓаат на дебитанти режисери и продуценти”, вели директорот Тозија.
Информираше за отчет на потрошениот буџет во 2019 – „Факти и бројки“. Агенцијата во соработка со Друштвото на филмски работници подготвиле и Протокол за снимање филм во време на Ковид-19, кој е доставен до Комисијата за заразни болести и се чека на одобрување.
Првиот филм кој ќе почне да се снима од јули е „Преекспониран“ на режисерката Елеонора Венинова.