Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

АДВОКАТСКИТЕ ПАУШАЛИ ПОД ВНИМАНИЕ НА РЕВИЗОРИТЕ ВО ВЕЛЕС И ЧАШКА

June 24, 2019 Filed Under: Македонија

Долгови, тужби, исплата на адвокатски паушали – ревизија во општините Велес и Чашка!

АНЕТА ДОДЕВСКА

ЗАКУП ЗА БАЗЕНОТ Општината со години го издавала базенот под закуп ама приходи по тој основ нема

По објавените ревизорски извештаи за финансиското работење на општините Боговиње, Македонски Брод, Ѓорче Петров, Неготино, Кисела Вода како и извештаите за менаџирање со државното земјиште во општините Битола, Илинден, Петровец, Центар, „Порталб“ ги објавi и последните достапни наоди за работењето на општините Велес и Чашка.

СЕ КОРИСТАТ БИЛБОРДИ А НЕ СЕ ПЛАЌА ТАКСА ЗА ТОА И покрај направениот ребаланс на Буџетот на општина Велес, и приходите и расходите во 2017 година значително се „промашени“ или приходите се оствариле само со 49,8% а расходите со 48,1% во однос на планираното. Начинот на кој се менаџирале парите на граѓаните на локално ниво е во фокусот на ревизорскиот извештај за работата на општина Велес.

„Кај приходите значително отстапување во однос на планираното  има кај данокот на наследство, надоместок за уредување на градежно земјиште, приходи од продажба на земјиште…Кај расходите позначително е отстапувањето кај капиталните расходи кои се остварени само со 23,88% и за социјални бенефиции само со 8,08%. И по извршениот ребаланс не се надминати состојбите на неусогласеност“ – се наведува во ревизорскиот извештај.

Градскиот базен се издавал под закуп – закупецот со години не ги подмирувал обврските за што била активирана хипотека на стан за наплата на побарувањата. Биле планирани приходи од надоместок за јавна чистота во износ од 154 000 евра, а во касата воопшто не се слеале пари по овој основ – се дел од наоди во ревизорскиот извештај кој под лупа го стави работењето на општина Велес.

„За поставување на билбордите и рекламните паноа во Град Велес не е испочитуван склучениот договор од 2010 година поради што е извршена присилна наплата на дел од побарувањата преку извршител. По огласот од 2015 година иако е избран истиот корисник од 2010 година, договоорт не е потпишан а истиот ги користи билбордите и рекламните паноа, не плаќа на општината која пак фактурирала само дел од побарувањата и тоа само по основ на комунална такса и трошок за електрична енергија“ – наведуваат ревизорите.

Во евиденцијата на даночното одделение се прикажува побарување по основ на данок на имот во износ од 900 000 евра а во сметководствената евиденција овој долг е евидентиран на ниво од 455 000 евра. Вакви големи разлики во прикажување на побарувањата се регистрирани и кај Данокот на промет, Данокот на наследство и кај Комуналната такса.

Општина Велес е тужена од две фирми и уште двесет и шест физички лица за вкупен износ од околу 200 000 евра а општината се појавува како тужител против три фирми и побарува износ од 45 000 евра.  Ревизорските наоди се однесуваат на работењето на општина Велес во 2017 година кога девет месеци со неа менаџираше тогашниот градоначалник Славчо Чадиев а последните три месеци на чело на општината е Аце Коцевски.

СУД Многу тужби против Општина Велес во локалниот суд

ВРАБОТЕНИ ИМА АМА АНГАЖИРАНИ СЕ АДВОКАТИ ПАУШАЛЦИ Отсуство на веродостојни и комплетни сметководствени документи за финансиски промени и трансакции, неодобрени документи од страна на градоначалникот или друго овластено лице, набавки без спроведени јавни набавки, неевидентирани капитални инвестиции – се дел од наодите утврдени во финансиското работење на општина Чашка.

„Не е приложена соодветна поткрепувачка документација при исплата на средства кај одделни видови на расходи, како што се : расходи за потрошено гориво, расходи за други материјали – правни услуги, поправка на возила, други договорни услуги, консултантски услуги. Исплатени се средства за привремено ангажирани лица за вршење административни работи, чиј број го надминува бројот на редовно вработените во општината, без да се направи анализа врз основа на која ќе се утврди реалната потреба од нивно ангажирање“ – наведуваат ревизорите и откриваат дека месечно се плаќал паушал од 2 600 евра за адвокатски услуги без да се утврди потребата за тоа.

„Исплатени се средства за адвокатски услуги без да се утврди потребата од ангажирање адвокат со паушал од 161 000 денари месечно во континуитет од три години како и без да се достави доказ за извршената услуга“ – пишуваат ревизорите.

ОПШТИНА ЧАШКА Доолно вработени ама се ангажираат стручни лица со паушали

Дополнително ревизорите откриваат бројни слабости и во други сегменти на финансиското работење.

„Со ревизијата утврдивме дека не се евидентираат обврски за плата, погрешно се евидентираат инвестиции во тек, за долгорочните кредити не се евидентираат краткорочни обврски кои доспеваат за плаќање во тековната година, погрешно се пресметува амортизацијата на долгорочните средства …“ – нотираат ревизорите.

Финансиските извештаи кои се под лупа на ревизорите се однесуваат на 2017 година, во која до ноември градоначалник бил Горанчо Пановски а од ноември на чело на општината застанал Горан Стојановски.

 

Filed Under: Македонија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet