На студентските протести падна одлуката законот да го предложат студентите, заедно со професорите во рок од три месеци, а не политичарите кои не го разбираат високото образование. Владата и парламентарното мнозинство треба само да го озаконат она што ќе го предложат универзитетите. Сега новата власт е пред искушение – дали ќе настапи со бирократска гримаса како претходната власт или ќе го чуе гласот на студентите и професорите
СВЕТОЗАР ШКАРИЌ
Без наука универзитетот ја губи смислата на своето постоење. Ако и натаму науката се уредува со друг, посебен закон, како што е случај со Законот за научно-истражувачката дејност од 2008 година, тогаш не може да стане збор за квалитетно високо образование, ниту за излез на универзитетите од постојната криза.
Без наука универзитетот ја губи смислата на своето постоење. Ако и натаму науката се уредува со друг, посебен закон, како што е случај со Законот за научно-истражувачката дејност од 2008 година, тогаш не може да стане збор за квалитетно високо образование, ниту за излез на универзитетите од постојната криза.
Во тек е подготовката на новиот закон за високото образование кој треба да го стави вон сила Законот за високото образование (ЗВО) од 2008 година, заедно со неговите 21 измени. Идејата за негово донесување произлезе од студентските протести пред Владата од ноември 2014 година, на кои над 10.000 демонстранти се спротивставија на одлуката на Владата да воведе државен испит за проверка на знаењето на студентите во втора и во четврта година од студиите. Спонтано, студентите одговорија со цврст став – високото образование и науката можат да се остваруваат само со разбирање и знаење на учените луѓе, а не со диктат на Владата и „одмазда на поранешните повторувачи“.
Кон протестите, организирани од Студентскиот пленум на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), масовно се приклучија и студентите од Универзитетот на Југоисточна Европа и од Државниот универзитет од Тетово. На тие протести падна одлуката законот да го предложат студентите заедно со професорите во рок од три месеци, а не политичарите кои не го разбираат високото образование. Владата и парламентарното мнозинство треба само да го озаконат она што ќе го предложат универзитетите. Сега новата власт е пред искушение – дали ќе настапи со бирократска гримаса како претходната власт или ќе го чуе гласот на студентите и професорите.
ДОСЕГА ТРИ ВЕРЗИИ Досега се изработени три верзии на законот. Во септември 2017 година се појави првата верзија, предложена од група професори од УКИМ, но без учество на студентите. Неколку месеци потоа, во јануари 2018 година се појави и верзијата на Министерството за образование и наука. Сега е во процедура третата верзија изготвена од МОН минатиот месец, врз база на забелешките и сугестиите дадени од страна на универзитетите и МАНУ.
Третата верзија деновиве ја помина јавната расправа пред Комисијата за образование и култура на Собранието на РМ, со учество на претставници на поголем број универзитети, високообразовни установи, агенции за образoвание и невладиниот сектор. Следува второто читање на законот со можност за амандманско подобрување на текстот. Министерката за образование и наука бара законот да се донесе што побрзо, сметајќи дека контроверзните прашања се доволно продискутирани и дека за нив тешко може да се постигне консензус. Наспроти тоа, ректорите на УКИМ и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) со право инсистираат на консензус и бараат подолго време за усогласување на ставовите за отворените прашања.
ОТВОРЕНИ ПРАШАЊА Едно од покрупните отворени прашања е опфатот на законот и неговиот назив. Ректорот на УКИМ бара во законот да се уреди и прашањето на науката и законот да носи назив „Закон за наука и високо образование“. Станува збор за радикален предлог кој бара темелна промена на структурата и содржината на целиот текст од верзијата на законот за високото образование за која сега се дискутира. Неговиот глас е значаен, иако е осамен.
Без наука универзитетот ја губи смислата на своето постоење. Ако и натаму науката се уредува со друг посебен закон, како што е случај со Законот за научно-истражувачката дејност од 2008 година, тогаш не може да стане збор за квалитетно високо образование, ниту за излез на универзитетите од постојната криза. Високото образование и натаму ќе биде на распаќе кое лесно може да заврши во распад, ако не се намали желбата на студентите да студираат надвор од земјата. На пример, од 150 студенти-Албанци 90 од нив изразија желба да се иселат од земјата и да студираат на странските универзитети. Отсуството на науката во времето на вештачката интелегенција и дигиталната ера, веројатно е основната причина за губење интерес кај нив да студираат на нашите универзитети.
Затоа расправата треба одново да се врати на универзитетите, да се возобнови духот на Студентскиот пленум од 2014 година и потемелно да се согледаат причините за постојната состојба во која се наоѓа високото образование во РМ. Особено треба да се замислат професорите – што ќе се случи со нив ако универзитетите останат со помал број студенти? А нивниот број нагло се намалува. Се` помалку има студенти во амфитеaтрите и на факултетските ходници.
Не се слуша веќе студентскиот жагор, ниту се чувствува поголема живост како што беше случај до 2005 година кога почна Болоњскиот процес. Ако некого од деканатската управа го прашате каде се студентите и професорите, со загрижено лице ќе ви одговори – „студентите не одат на предавања, чекаат дипломи, а професорите ги нема на факултетот – трчаат по парите надвор од универзитетот“!
Ниту еден познат научник не ја оспорува неопходната интеграција на науката и високото образование во организациска и во функционална смисла. Исто така, не може да се оспори ни фактот дека од степенот на интеграцијата на овие две дејности зависи и местото на нашите универзитети на Шангајската листа на најдобрите универзитети. Од степенот на интеграцијата зависи и разликувањето на универзитетите од високите школи и високообразовните установи кои вршат само наставна дејност.
ЕМПИРИСКА ОСНОВА Наведеното барање на ректорот има и емпириска основа. Науката, таква каква што е, главно се создава на универзитетите, а не во стопанството, МАНУ или во научно-истражувачките установи надвор од универзитетите. Треба пошироко да се согледа ова прашање и внимателно да се побараат подобри решенија за статусот на науката. Таа е сега маргинализирана, како од гледиште на финансиските средства што се издвојуваат за неа (0,22 отсто од БДП), така и од гледиште на бројот на истражувачи со научни звања (1762). А земја која нема наука, не може да биде ништо друго освен колонија, без перспектива.
Ректорот тоа го чувствува и затоа бара новиот закон да го прошири опфатот и да добие ново име. Ако тоа се прифати и ако политиката го промени односот кон науката, тогаш работите ќе добијат поинаков тек – универзитетите ќе имаат шанса за нов полет, ќе се изврши нивна рационализација и значително ќе зацврснат критериумите за избор во наставно-научни звања. Негативните појави во високото образование непосредно се условени од осуството на науката. А таа е отсутна бидејќи е потешка професија од наставничката дејност. Кој сака да се бави со науката, мора „да ја бара детелинката со четири листа“.
Под дејство на науката, ќе мора да се преиспита и соодносот на бројот на универзитетски професори кон вкупниот број студенти. Соодносот во студиската 2014/2015 година е неповолен за РМ – 2.336 наставници држеле предавања на 58.399 студенти (1:30). Во Данска тој сооднос е 1:6, а во Финска и Бугарија 1:10. На некои факултети соодносот е уште понеповолен. На пример, во 2013 година на Економскиот факултет во Скопје соодност бил 1:85, а на дисперзираните студии 1:150. Оделни наставници држеле и по 600 часови предавања, прегледувале околу 400 тестови и прочитале поголем број магистерски и докторски тези во текот на една студиска година!
Според Приоритетите на идниот развој на Република Македонија на МАНУ, интеграцијата на науката и високото образование треба да го олесни и процесот на рационализацијата на постојната мрежа на високообразовните установи. Таа е сега инфлаторна и анахрона. Неа ја сочинуваат 24 универзитети со над 130 факултети и 600 студиски програми. Таа мора да се редуцира во значителна мера. Кастрењето на мрежата и „чистењето на сметот“ мора да го изврши Собранието на РМ, на предлог на Владата. Универзитетите и факултетите се формирани со закон и со закон треба да се изврши нивното укинување, ако не ги исполнувааат научните критериуми. Универзитетот е структура која на прво место создава наука, научни продукти, а дури на второ место остварува високообразовна дејност на додипломско и постдипломско ниво.
ФАКУЛТИТЕ – ПРАВНО ЛИЦЕ Во првата верзија на законот се бара интегриран универзитет, со единици без својство на правно лице. Во оваа верзија доминира концептот на централизиран универзитетот, со нагласена моќ на универзитетските органи, особено на ректорот. Предвидено е ректорот да го избира Сенатот на мандатен период од 4 години, со можност за повторен избор од четири години. Тој раководи со Ректорската управа и претседава со седниците на Сенатот на универзитетот. Има право и да го разрешува деканот на единиците на универзитетот и да поставува ве-де декан. Тоа го направи претходниот ректор на УКИМ, во 2014 година, оставајќи го Правниот факултет „Јустинијан Први“ без декан и ве-де декан.
Во третата верзија на законот провејува концепцијата на универзитетот како академска заедница, со факултети како правно лице и со статут како нивен конститутивен акт. Мандатот на ректорот е предвиден на три години, со право на уште еден мандат, избран од страна на наставно-научните совети на членките на универзитетот, без право да претседава со седниците на Сенатот на универзитетот. Тоа е концепт на децентрализиран универзитет како академска заедница, со ректор поблизок до научник и до студентите отколку до менаџерите и корпоративното управување.
Слично е поставена и позицијата на деканот на факултетот. Него треба да го избира наставно-научниот совет за период од три години, со можност за повторен избор. Намалени се и неговите ингеренции, како и можноста деканската функција да ја користи за лични и политички цели. Предложеното решение го има предвид негативното искуството од осумгодишнот мандат на претходниот декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и перипетиите што ги предизвика со својата непотребна оставка во време кога требаше со „цврсти аргументи“ да ја брани автономијата на универзитетот, заедно со Студентскиот пленум.
Единиците без статус на правно лице се одржливи за интегрираните универзитети, но не и за гломазните и хетерогените универзитети, како што е УКИМ. А во таа насока, за жал, се развиваат и останатите јавни универзитети во Македонија. Според Меѓународната фраскатиева класификација, УКИМ би требало да се разложи на пет универзитети: природно-математички науки; течничко-технолошки науки; медицински науки и здравство; земјоделски и ветеринарни науки; општествени и хуманитарни науки. Или пократко на три сфери – биосфера, техносфера и социосфера. Според Болоња, тоа би биле интегрирани универзитети. Гигантски хетероген универзитет не може да биде интегриран универзитет под никакви услови. Тоа не го сфаќаат сегашните ректори.
ВРАЌАЊЕ ВО СОСТОЈБА ПРЕД 2005 ГОДИНА Додека не се изврши предложеното преструктурирање, факултетите треба да функционираат со статус на правно лице, со можност за хоризонтална и вертикална интеграција на нивните функции. Состојбата треба да се врати пред 2005 година. Како што пишува академикот (хирург), Дамјан Дамјанов во книгата „Будители, наука, образование“ поимите „лево“ и „десно“ немаат значење за науката и за високото образование. За да се модернизира академскиот систем неопходен е разумен дијалог помеѓу сите членови на академската заедница, а не револуција или брзи промени.
Законот за високо образование треба да се дополни со основните права и обврски на академската заедница како посебно тело. Во сите верзии на законот таа се споменува во повеќе одредби, но не се гледа нејзиниот статус и нејзината физиономија. Фигурира формално без содржина, со субјекти без права и должности. Утврдени се само правата и обврските на студентите, но не и правата и обврските на професорите и пензионираните редовни професори. Неопходно е да се утврдат и правата и обврските на тие две структури, како нејзини субјекти. Правата и обврските на професорите имаат клучно значење бидејќи тие се во исто време и најзначаен двигател на науката и на високото образование, но во овој момент тие се најдеструктивниот фактор на Болоњскиот процес.
Академската заедница треба да биде носечкиот столб на автономијата на универзитетот и чувар на нејзините вредности. Таа треба редовно да заседава и да одлучува за одредени прашања од образовен и морален карактер. Од неа треба да тргнува влијанието врз работата на органите на факултетот и на универзитетот, како и надзорот врз нивната работа. Треба да има влијание и врз работата на студентските собранија и нивните претставници во наставно-научните совети и Сенатот на универзитетот, како и врз работата на студентскиот правобранител. Во нејзина надлежност треба да биде и донесувањето на Етичкиот кодекс и негово спроведување во дело.
МОРАЛНАТА ФУНКЦИЈА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ Без заедништвото и содејството на професорите и студентите не може да стане збор за квалитетно високо образование, ниту за моралната функција на универзитетот. Исто така, без активно вклучување на пензионираните професори во академската заедница нема континуитет во работата на факултетот. А не може да се води ни успешна борба против непотизмот, врските и комерцијализацијата на високото образование. Академската заедница е најподобно тело за заштита на „моралната и интелектуална автономија на универзитетот“ кога таа се напаѓа од внатре и од „политичките и економските сили во општеството“. Само таа, а не просветниот инспектор, може да „sирне“ во архивата на факултетот и да ги санкционира асистентите и професорите кои полагале одредени предмети пред ненадлежни професори или кои се здобиле со наставно-научни звања на нерегуларен и сомнителен начин.
Академската заедница е најсигурен чувар на академската слобода. При законско димензионирање на таа слобода, покрај слободата на избор на студиските програми, мора да се води сметка и за правото на студентот да избира професор по своја волја, како и за правото на професорот да држи предавања без притисок и контрола:
„Отсекогаш сметав дека на германските универзитети највредна институција е академската слобода, при што на предавачите ни на кој начин не им се наредува што да предаваат, а студентите се во состојба да избираат кои предавања ќе ги посетуваат, без надзор и контрола. Тоа е стара слобода која не смее да има крај“(Volter Ajzakson, Ajnštajn, 215).
Финансирањето на универзитетот треба да се уреди со посебен закон, а не со Законот за буџет. Треба да се постапи на ист начин како во Република Словенија во 2011 година. А треба и најмалку двојно да се зголеми процентот што се издвојувал од БДП во 2012 година за високото образование (1,17 отсто). Државното финансирање треба да го опфати и вториот циклус, со можност да се прошири и на третиот циклус. Тоа е разумно решение за јавните универзитети.
Во новиот закон треба да се вгради и одредба според која факултетите не треба да бараат согласност од министерот за финансии за вработување на нови лица на испразнети асистенски и професорски места. На тие места треба да дојдат други лица кои ги исполнуват предвидените услови. Таква одредба е во функција на кадровската автономија на факултетите. Ако не се прифати таква одредба, тогаш новата власт ќе покаже желба да има исто влијание врз науката и високото образование како и претходната власт.
(Преземено од ResPublica; Институт за комуникациски студии, Опремата е на Глобус)