Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

АКО МАКЕДОНИЈА НЕ ОСТАНЕШЕ ВОН ЕУ ПОРАДИ ИНТЕРЕСОТ НА ОЛИГАРХИЈАТА…

January 27, 2026 Filed Under: Колумни

ИВОН ВЕЛИЧКОВСКИ

… и нејзините партии,немаше да скенираме и да плаќаме за ETIAS

Ако Македонија не останеше вон Европската Унија поради интересот на олигархијата и нејзините партии, немаше да се скенираме и да плаќаме за ETIAS, туку ќе минувавме на лентата „EU Passports“, како и патниците и транспортерите од Бугарија, Грција, Романија, Словенија и Хрватска.

Оттука, сè додека владите на Македонија се водат од „периметарот“ на олигархијата, а не од интересот на нацијата, економските и политичките последици по граѓаните и државата ќе бидат огромни.

ETIAS е електронски систем за евиденција на влез и излез од Шенген-зоната, со исти правила за престој на државјани на земји кои не се членки на Европската Унија. Престојот во Европската Унија ни е ограничен на 90 дена и може да ни биде одбиен влез – исто како и досега. Внесувањето на податоците во системот трае веќе два месеци.

Она што властите во Македонија и Стопанската комора не смеат да го кажат е дека лентите на граничните премини за земјите членки на Европската Унија се отворени – но ние не возиме по нив поради политиките и интересите на нашата Влада и нашата олигархија.

И дека затоа секој граѓанин на Македонија ќе плаќа по 20 евра за да биде евидентиран во ETIAS.

Непријатноста за нашите (до)сегашни власти и за вечните комораши се прашањата кои сега неминовно се наметнаа:

До кога вака?

Зошто со вашите политики не сме на лентата „EU Passports“, кога тоа ни е од интерес и желба?

Зошто да ги штитиме вашите привилегии и неконкурентност останувајќи надвор од заедничкиот пазар и простор на Европската Унија?

Зошто не ги исполниме обврските што сме ги прифатиле и по 20 години глумење дека сте за интеграција?

Која партија или групација ќе ги оствари интересите на македонскиот народ и нацијата на Северна Македонија, штом традиционалните партии на олигархијата тоа не смеат да го направат?

Ниту Владата ниту олигархијата (и нејзините партии и медиуми) не смеат да признаат и дека Европската Унија, преку ETIAS, ја евидентира циркулацијата на превозниците кои не се од Европската Унија и ќе им оневозможи временски неограничено движење од Португалија до Литванија, како „нелојална“ конкуренција на домашните, европски транспортери.

Не затоа што еден возач од Македонија не е добар, туку затоа што Македонија не е членка на Европската Унија и не е дел од заедничкиот пазар на добра и услуги, вклучително и транспортот. Тоа ќе биде возможно дури откако Македонија ќе стане дел од европскиот пазар.

Поконкретно: возач од Западниот Балкан вози тури до дестинација во Европската Унија, но и низ самата Европска Унија, а за второто не плаќа данок во Унијата. Со строгото следење на рокот за престој на своја територија, Европската Унија се грижи за конкурентноста и за даночните приходи во сопствениот пазар.

И тоа повторно нè сведува на одговорноста на Владата и традиционалните партии како сервис на олигархијата – за стореното, но и за нестореното. Во случајов, за кочењето на сопствените македонски преговори за членство во Европската Унија.

Ако ETIAS е неповолен, дали „поповолни“ би биле визите за возачите на ТИР камионите од Западен Балкан, вклучително и за Македонија?

Намерно заборавивте што беше потребно за вадење визи пред 20 години? Од М1 образец – речиси до крвна слика, со еднаква можност визата да не биде издадена.

Никој не споменува дека и при влез во Турција сите патници се скенираат, а потоа добиваат печат во пасошот, со еднаков застој на премините. Затоа што и Турција и Европската Унија прават сè за да ги држат своите граници безбедни.

Европската Унија има можност блокадите да ги надмине со бајпас на Западниот Балкан (вклучително и Македонија) преку коридорот „Карпатија“. Летово видовме дека „Карпатија“ веќе е далеку поупотребувана од Коридор 10, на кој останаа само патниците од централна и јужна Србија, Косово и Македонија.

На патот кон Грција и Турција, туристите од Белград и Војводина веќе ја претпочитаа безграничната рута, да не зборуваме за транспортерите и патниците од Централна и Источна Европа и од Турција. Импликациите од заобиколувањето веќе ги чувствуваме, иако не ги зборуваме.

Кај нас не се пренесува ни информацијата дека само Грција може да стави на располагање меѓу 50 и 60 транспортни бродови за поморски бајпас на блокадата. Зошто истото не би се очекувало и од Турција, Италија и Бугарија?

Затоа Владата на Македонија не треба да бара изговори во ETIAS за лошите економски перформанси, туку да ги заврши обврските за да продолжат преговорите за полноправно членство во Европската Унија. Зашто митот дека „ВМРО-ДПМНЕ барем знае економија“ веќе е пропаднат.

Кога веќе парламентарната „опозиција“ не смее ова да го каже поради обврски и долгови кон власта, олигархијата или обете, ние предупредуваме навреме:

Со оваа политика ќе претрпиме штети – и потоа повторно ќе се вратиме на завршување на обврските и продолжување на преговорите.

А функционерите со 2.000 евра плата и оллигарсите со милионите во џеб нема да ги почувствуваат последиците. Како и досега.

Filed Under: Колумни

БАЛКАНОТ  И ОДБОРОТ ЗА МИР“ НА ТРАМП: КОЈ Е ПОКАНЕТ, КОЈ ПРИФАТИ, КОЈ ОДБИ
ФИЛИПЧЕ: ЗА ДА ГО ПОБЕДИМЕ ОВА ЗЛО НАДВОР, ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ЧЕЛИЧНИ ОДВНАТРЕ
СТРУМИЧАНКАТА ТИНА РУСЕВА Е ПРВА ВО ЕВРОПА – „ТHE VOICE OF EUROPE 2025“ ДОБИ НОВА ЅВЕЗДА
СTРАЗБУР: ИЗБОРНИ РЕФОРМИ БЕЗ ДИЈАЛОГ (3)
ТОКСИЧНАТА ПОЛИТИКА: КОЛКУ ЧИНИ ГРЕНЛАНД?

Најново

  • БАЛКАНОТ И ОДБОРОТ ЗА МИР“ НА ТРАМП: КОЈ Е ПОКАНЕТ, КОЈ ПРИФАТИ, КОЈ ОДБИ
  • ФИЛИПЧЕ: ЗА ДА ГО ПОБЕДИМЕ ОВА ЗЛО НАДВОР, ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ЧЕЛИЧНИ ОДВНАТРЕ
  • СТРУМИЧАНКАТА ТИНА РУСЕВА Е ПРВА ВО ЕВРОПА – „ТHE VOICE OF EUROPE 2025“ ДОБИ НОВА ЅВЕЗДА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet