ДЕНКО МАЛЕСКИ
Ако мислите дека и во иднина ќе можете да го користите безбедносниот чадор на Америка и предностите од трговијата со Кина, ве чека изненадување. Ќе мора да се определите за Америка или за Кина, а бидејќи безбедноста е најважна ќе се определите за Америка, вели Џон Мершајмер, истражувач на меѓународните односи
Станувајќи од своите места, на крајот од заедничката прес конференција во Собранието на Македонија, министерот за надворешни на Велика Британија Даглас Херд, кој во својство на нов претседавач на ЕЗ, дојде на разговори во Скопје веднаш по лисабонската декларација во 1991,ми вели: Па тебе никој ништо не те праша, и додаде дека баш би сакал тоа нему да му се случи во неговата држава со неговите новинари. Се насмевнам и ништо не му одговорив. Како некому од странство да му објасниш дека никој во земјата не ги разбира маките на малите држави во светската политика, па уште и меѓународно непризната, кога е убеден дека сите држави се исти
Исти?
Ако веќе треба да клоцнеш куче, погрижи се да е мало, е наша поговорка, ми вели министрот за надворешни на Естонија. На границите со еден колос, Русија, тој знае што зборува. Кога, во една прилика, на почетокот од нашата независност, им се обратив на пратениците со зборовите дека мораат да имат предвид дека сме мала држава, алудирајќи на потребата да ги намалат очекувањата од мене како одговорен за надворешната политика, добив запрепастувачки одговор дека нема мали држави туку само мали министри за надворешни работи.
Во тие години, немаше кој не се налути на мојата пракса вистинито да зборувам за положбата на нашата држава во меѓународните односи по насилното распаѓање на федерацијата и за компромисите кои сме принудени да ги направиме. Искуството ме научи дека луѓето бегаат од непријатната вистина и самите бараат да бидат лажени. Зашто, кој министер не сака да дојава на бел коњ и на народот да му донесе и име и знаме и се што ќе посака? Најмногу признание и пофалби добив кога во едно соопштение ја обвинив ЕЗ за нешто, став кој секогаш го избегнував упатувајќи ја основната критика врз нашето поведение.
Разбирајќи ја демократијата само како лута критика а не и како лична одговорност на секој еден, новинар на кој требаше да му дадам изјава по телефон после важна средба во Вашингтон, го немаше на своето место во закажаното време за разговор. Зошто? Сабота било, па ми се јави техничарот кој ми порача: Кажувај, снимам. Или, она што словенечкиот министер за надворешни работи го кажа во одговор на прашањето: Каква е позицијата на Словенија за ирачката војна, не минува кај нас. Тој, имено одговори дека Словенија е премала да има свое мислење.
Тоа незнаење за положбата на малите држави во светската политика, но и таа неконструктивност во дебататата продолжува и денес: ако сакаш лична промоција или да и носиш поени на твојата партија, треба да лажеш. Устата да ти е полна со зборовите како ние сме суверена држава, баш како секоја друга, дека сме рамноправни во се согласно меѓународното право, дека нема големи и мали туку само еднакви и т.н. Така зборуваа претставниците на сиромашните земји на Африка во ОН кои никогаш во настапите не пропуштаа прилика истакнат дека се суверена земја, одново и одново.
Моќните држави, оние со реален суверенитет, никогаш не ги слушнав да кажат такво нешто. Деновива, на веста дека со доаѓањето на О Брајан, високиот претставник на американскиот Стејт департмент, повторно се огласуваат истите глупости. Америка ќе влијаела врз нашите избори и тоа не е демократски. Никој не го разбира односот меѓу малите држави и големите сили. Имено, дека се тоа два различни примери на поведение во меѓународната политика, две различни приказни во еден заеднички свет. Убаво му кажал Хенри Кисинџер на нашиот амбасадор во Германија Филипов, во кулуарите на Минхенската безбеднсона конференција: Токму сега ја читам вашата книга:„Дипломатија“, му вели амбасадорот. Оставете ја, тоа не е книга за вас, всушност може да биде и против вас, му одговорил Кисинџер кој во спомнатата книга ја кажува приказната за односите меѓу големите сили кои ја држат и уредуваат рамката на светската политика. Тоа го прават благодарејќи на својата моќ и своето влијание.
Само неуки политичари, новинари и интелектуалци бараат свет без влијанија, разбрани како начин да се принуди некој да направи нешто што не би го направил освен под притисок. Таков свет без надворешни влијанија, без интереси, без моќ и сила, не постои. Може ли конечно да им влезе тоа во главата? Всушност интересите моќта и влијанието се суштината на меѓународната политика.
Не ви се допаѓа?
Не ми се допаѓа ниту мене ама тоа е реалниот свет. Во тој реален свет живее нашата држава, па ако сака да преживее своите политики мора да ги гради согласно тие факти на животот. А, идеалниот свет кој е производ на неразбирање и незнаење е просто речено лага која одлично се вклопува во омилената политичка игра наречена лажење. Штетите се далекусежни и опасни зашто врз оваа ноторна лага се вградува во свеста кај гласачите да веруваат дека и малата држава може „да тресне со тупаница на преговарачката маса“ и да издејствува своја позиција. Никакво трескање не и помага. Зашто и за да удриш на маса треба да имаш со што, тупаницата на преговарачот тука не помага, ако нема економска моќ, воена моќ, нема луѓе и ресурси зад неа…
Не случајно Теодор Рузвелт вака ја дефинирал американската надворешна политика: Носи голема суровица во раката и зборувај тивко. За мала држава како Македонија, која има само дипломатија но не и суровица (сила), пресудниот фактор во меѓународните односи, задачата на нејзината дипломатија не е да докаже колку сме во право, туку да придобие за остварување на својата главна цел: да опстане. Ако мислите дека и во иднина ќе можете да го користите безбедносниот чадор на Америка и предностите од трговијата со Кина, ве чека изненадување. Ќе мора да се определите за Америка или за Кина, а бидејќи безбедноста е најважна ќе се определите за Америка, вели Џон Мершајмер, истражувач на меѓународните односи, на едно неодамнешно предавање во Австралија. Публиката, верзирана во меѓународните односи, не се буни, бидејќи, знае дека е така и учествува во една конструктивна дебата со аргументи.
Истото ова Америка, меѓу останатите работи, и го вели на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Дека за безбедноста на Македонија мора да се плати цена: малата држава да внимава и на геополитичките интереси на оној под чиј безбедносен чадор стои. Зашто и колку да не ни се допаѓа, во меѓународната политика, силните го прават она што можат а слабите она што мораат. Ние мораме да се вклопиме во приказната на големите сили зашто ако сакаме да сме искрени до крај, малите држави немаат ни што да бараат во светската политика, иако демократската реторика последниве децении на измами да поверуваме дека сите сме исти и дека правото со своите параграфи е посилното е посилно од меѓународната политика со нејзините интереси, моќ и влијанија. Тоа го кажува и второто име на научната дисциплина меѓународни: Политика на сила (Power politics). И зарем војната на Русија против Украина не е потврда за сето кажано?
Инаку, од ова неразбирање на сопствената позиција како мала држава, произлегува омаловажувањето на успесите на државата, компромисите прогласени за предавства, но и главниот успех: живот во мир еве веќе 75 години. Огромно достигнување за Македонија би рекол секој кој знае нешто од меѓународна политика. Кога го прашале поранешниот претседател на Чешка, некогашниот дисидент Вацлав Хавел, кое е неговото главно остварување во политиката, тој одговорил: членството во НАТО, со што и обезбедив барем 20 години мир на мојата земја. Пиххххх…Само 20? Епа, како тргнал светот кон војна, можеби и овие генерации ќе ја научат вредноста на мирот, како и на фактот на животот дека секојдневно треба да се бориме за да го продолжиме времето на мир, таа никогаш до крај неизвојувана битка, зашто, во работите меѓу живи луѓе, вечен мир има само во „Бутел“.