Движењето „Слоу Фуд“ со органски производи во борба против брзата храна. Значи ако „немт ренде, почекај, ќе појме на пазар да го купиме“
„Слоу фуд е движење кое се бори против фаст фуд и се надевам дека ќе успееме полека, полека да го промениме тоа. Со производи кои се здрави и локални, со свежи намирници и со поинаков вкус“, вели Сања Бачевски, член на Слоу фуд од Охрид.
Популарниот фаст фуд или брзата храна, се уште му пркоси на новото време, иако е еден од водечките причинители за прекумерната тежина кај милиони луѓе ширум светот. Иако ретко кој останува рамнодушен на него, особено помладата популација, сепак навиките полека се менуваат.
На настан „Вкусето го Охрид локално“, кој неодамна се одржа во Охрид, на едно место се собра производители на здрава, локална храна. Идејата велат организаторите е да се намали консумирањето на фаст фуд и да се премине кон здрав начин на исхрана.
„21 ден треба да се смени некоја навика. Така да почнете веднаш“, додава Бачевски.
„Младите првично мора да ги научиме да сфатат дека консумирањето на свежа и сезонска храна е во согласност со природата и во согласност со нашиот организам. Моментално имаме економска криза, енергетска криза, криза со храна се случува. Апсолутно ова е моментот кога треба да го поттикнеме локалното. Треба да одиме на нашите пазари да ги подржиме нашите производи. Овој слоу фуд почнува да станува и многу потребен. Посебно кај оние луѓе, кои уживаат во храна“, вели Ангела Пасквал, лидер на Слоу фуд.
Охридско макало, домашни џемови и слатка, вино и пиво произведени во домашни пивници и винарии, масло од лешник, свеж зеленчук и овошје, кафе на жар и многу други органски производи, можеа да вкусат посетителите.
„Вредностите кои ги има маслото од лешник се многу подобри и од маслиновото и од сончогледовото масло и од сите други масла. Може да се употребува во сите салати во сите закуски може да се стави“, вели Зоран Перески, производител на масло од лешник.
„Ова е пиво со кое се мотивира домашното производство, малите пиварници и нефилтрираното пиво. Ова пиво е на база на хмељ, јачмен и на цитронски овошја“, вели Ана Котевска, производител на домашно пиво.
„Оваа пица се вика Македонка. Имате како база, крем од изварка и павлака со копар. Има прова моцарела, домашен ајвар, гевгелиска маслинка, домашен босилек од бавча и тврдо овчо сирење, македонско 24 часа стоење“, вели Марко Трајковски, пица мајстор.
Почетокот на идејата за слоу фуд е во 1986 година, како еден вид отпор на група луѓе против отворањето на Мек Доналд во близина на Шпанските Скали во Рим, предводена од Карло Петрини, новинар и публицист за храна. Ова меѓународно движење, со преку 100.000 членови од 160 држави во 1.500 локални организации, се спротивставува на се она што се нарекува фаст фуд и глобализација. На масовност полека добива и во Северна Македонија. Слоу Фуд настојува да ги заштити од исчезнување традиционалната и регионалните кујни, да го поттикне земјоделството со растенија, семиња и добиток карактеристични за локалниот екосистем и производство на храна чија технологија е базирана на знаењето на локалното население.
(користени делови од прилог на VOA)