Власта ги крати субвенциите воведувајќи ограничувања

Според новата програма за субвенционирање за 2026 година власта го подига долниот праг како услов за субвенционирање. Нов услов е 30% од произведеното да се предаде во откупен центар или кај преработувачи. Сите што имаат една или две крави веќе нема да добиваат субвенции. Во козарството досега ако имавте до 10 грла добивавте субвенции, сега тоа се укинува. Кај лозарството ако имате помалку од пет декари заборавете на субвенции од државата.
На ова вчера остро реагираше и опозициската СДСМ.
„Во земјоделството ги скратија субвенциите од 140 на 100 милиони евра. Секој ден сведочиме за проблеми кои ја отсликуваат вистинската владина политика” – рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на една од средбите со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче остро ја критикуваше власта за луксузирањето и негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
Министерот Трипуновски и „поддршката“ од партиските здруженија се Класична фасада за уништување на малите земјоделци – беше еден од заклучоците.
„На денешниот состанок од земјоделските здруженија ја добив поддршката за реформите што ги започнавме. Фокусот е финансиската поддршка да биде насочена кон вистинските земјоделци… Продолжуваме со реформи за продуктивност, конкурентност и одржливо земјоделство.“
Оваа изјава е чиста пропаганда, маскирана како грижа за секторот. Министерот зборува за „поддршка од здруженија“, но не прецизира кои здруженија – веројатно партиските или оние блиски до власта, а не оние што ги претставуваат илјадниците мали производители кои се револтирани од новите правила.
Реформите што тој ги фали?
- Зголемување на минималната површина (овош/лозја од 0,2 на 0,5 ха, полјоделство на 0,7 ха)
2.Обврска за 30% предаден род во регистриран откуп + строги минимални приноси и рокови
- Удвојување на максимумот по корисник (до 1 милион евра)
Резултат: малите (96% од фармите под 5 ха) се директно исфрлени. Без субвенции, тие ќе напуштат ниви, ќе остават овоштарници да загинат, ќе фрлат род во ендеци. Селата ќе се празнат побрзо, локалната храна (пиперки, сливи, јаболка) ќе исчезне, а увозот ќе експлодира.
Додека малите се борат за опстанок, големите (ЗК Пелагонија, Вардар и сл.) добиваат двојно повеќе пари од државата. Ова не е „фокус на вистински земјоделци“ – ова е планско фаворизирање на монополите на сметка на семејните фарми.
„Вистински земјоделци“ според министерот се оние со големи површини, договори со откупувачи и висок принос.
Малите? Тие се „ловци на субвенции“ што треба да се исфрлат. Хм!!!
Ова не води кон продуктивност и одржливост – води кон: намалено производство на разновидна локална храна и зголемена зависност од увоз; празни села и загубен рурален континуитет; монополизација на пазарот од неколку гиганти.
Министерот може да зборува за „реформи“ и „поддршка од здруженија“, но реалноста е јасна: оваа политика е самоубиствена за македонското земјоделство. Не штити сектор – го убива она што го имаме најмногу: малите, традиционални производители.
Ако „вистинските земјоделци“ се само големите, тогаш малите се непотребни! А без малите – нема македонска храна, нема суверенитет, нема иднина на село.
(Игор Мирчевски, модератот во ФБ група Тутунари од Македонија)




