АНА ЧУПЕСКА
Сите внатрешнодемократски деформитети нè изолираа целосно на меѓународен план, што за среќа и благодарение на храброста со Преспанскиот договор нè вратија назад на патот предвиден во стратешката определба за евроатлантската ориентација на земјава
Кратката македонска политичка историја бележи 10-годишна трауматска епизода на демокрaтски дисконтинуитет: авторитарен регрес. Потврден и заокружен како систем и научно верификуван со особености на систем на т.н. авторитарен популизам – груевизам. Внатрешно демократски уназаден, а надворешно политички изолиран, македонскиот политички систем беше школски пример како НЕ треба да се третира демократијата и како таа деформира преку окупирање на интерполативни кластери и тоа преку:
- Заробување на државата и нејзиниот апарат и партизација,
- Искоренување на независноста на тројната поделба на власта;
- Корпоратизација на медиумската сфера и перење пари преку реклами во јавните служби, цензура и автоцензура;
- Политички прогони и јавни линчови на прогресивна и демократски ориентирана интелигенција;
- Со формирање паравоена единици и нивна активност;
- Со брутален изборен поткуп и фалсификување на изборните резултати и така натака, да не ги редам другите суптилни финеси кои не отераа до Кумановските настани и 27-ми Април.
Сите овие внатрешнодемократски деформитети нè изолираа целосно на меѓународен план, што за среќа и благодарение на храброста со Преспанскиот договор нè вратија назад на патот предвиден во стратешката определба за евроатлантската ориентација на земјава. Денес, едноставно е да утврдиме што и колку имаме ДЕМОНТИРАНО од погоре споменатите кластери на авторитарно -режимската инсталација. Со голо око е видливо дека судството, криминалот и корупцијата сè уште се топ приоритет за реформите кои се бараат од нас а-propos ЕУ интеграциите. Се разбира дека слични искуства имаат и други “демократии”, па дури и членки на ЕУ (Полска и Унгарија), но тоа никако не може да биде оправдување за нашите колективни неуспеси. Никако. Не!
Поточно, не смее тоа да ја намали важноста и нужноста, па дури би рекла и УРГЕНТНОСТА на моментот, да спречиме уште една таква епизода на демократски регресно насочување што ја гледаме на хоризонтот.
Путиновата, ердогановата, трамповата, болсонеровата, онаа на Качински и слични ретрогресни авторитарни егзибиции во номиналните демократии за жал СЕ УШТЕ СЕ ОТВОРЕНА ОПЦИЈА И ЗА НАС – која би била отелотворена во случај in situ ако не пристапиме во ЕУ, односно во случај да не ги отпочнеме преговорите со Унијата. Оваа отворена опција за нас, е во континуитет диригирана од непријателите на демократскиот прогресивен свет (Црна Интернационала), а секогаш е поддржана од локални оперативни единици кои сè уште се фактори на политичката сцена – и парламентарни и вонпаламентарни. Но, како што забележуваме и од извесни НВО-а и “Медиуми”, кои во контекст на актуелната војна, па дури и “спијачи”, едвај чекаат прилика за поголем инцидент кој би ја забрзал оваа, за жал, сè уште отворена опција. Се разбира, меѓу сите овие фактори на дестабилизација и инвалидизирање на македонската европска иднина, налетува и по некоја тешка будала, изневерен и разочаран малограѓански покондурчич и слични на нив, но поентата е секогаш иста – а тоа е дека – авторитаризамот е сè уште отворена опција за нас. За судството и да не зборам – сите знаеме колку е саат. Kолку одвратно, мили боже!
Муабетот ми е следен, овде мораме јавно да си кажеме и да покажеме кои се консеквенците од едностраното прекинување на преговорите со ЕУ и од несправувањето со корупцијата, криминалот и реформите во судството! Ќе не чини скапо, другарчиња, еден репетитивен авторитарен регрес од кој мислам дека нема да можеме “успешно” да се извлечеме, како што беше случајот со Пржинските Договори и Преспанскиот.
Затоа, за почеток да замолам, да проговориме јавно за ова, па да бараме чаре што понатаму. Ми се чини, очајно ни е потребен националниот консенсус за ЕУ, заедно со реформскиот пакет. Следствено, судбината на земјава на следните избори ќе се прекрши токму по повод ова прашање.
Но, мојата идеја е дека ова прашање треба да се засили јавно уште сега, веднаш и ургентно, а не да биде тема на самите избори – што е провалијски ризик, по себе! Конечно, да го ампутираме авторитаризмот уште сега!