ДУИ врз крилјата на Бадентерово мнозинство се смета за неодминлив фактор во идната влада. Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат – никако со ДУИ, тие треба да одат во опозиција и да одговараат за криминал
„Бадентер суштината на еднаквоста“, е темата на панел дискусија што денеска напладне ја организира Европскиот фронт во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Темата не е случајна, следува по вчерашната изјава на Бујар Османи дека „нема влада без двојно мнозинство – обично и Бадентерово”.
На површина повторно испливаа фрази од некои минати времиња, како што е повикот на Европски фронт „против мајоризација“. Дури и вчерашното прогласување на Али Ахмети за почесен граѓанин на Тирана, беше искористено за критики на домашен терен.
„Али Ахмети, почесен граѓанин на Тирана. Мицкоски си зел за право да го понижи и потчини овој човек. Ќе одговориме на 8 мај!“, пишува Бујар Османи на Фејсбук.
СТАБИЛНА ВЛАДА СО ЕВРОПСКИОТ ФРОНТ Сѐ почна откако ВМРО-ДПМНЕ порача дека е време ДУИ да замине во опозиција и дека нивен партнер во идната влада би била коалицијата „Вреди“. Од Европскиот фронт, кој се претставува како најцврстата опција што го оцртува евроатлантскиот пат на Северна Македонија, не штедеа критики ни за „Вреди”, ни за ВМРО-ДПМНЕ. Од вчера Европскиот фронт предводен од ДУИ се повикува на нужноста од Бадентерово мнозинство за формирање стабилна влада, нешто што можело да го обезбеди само Европскиот фронт, судејќи според резултатите од првиот круг од претседателските избори.
„Граѓаните одлучуваат кој ќе ја формира владата. Затоа има две мнозинства според Рамковниот договор. Прво се бара 61, потоа се бара Бадентерово мнозинство. Тие што ги исполнуваат двете мнозинства, тие формираат влада, тоа е толку просто и јасно“, посочува Османи.
Тој апелира до симпатизерите на опозицијата – да не им веруваат на политичките понуди, кои се блиски до ВМРО- ДПМНЕ.
„Албанските гласачи веќе немаат причина да им веруваат на оние кои изборната кампања ја почнаа со албинизам и ја завршуваат со мицкоизам!“, повикува Османи.
„ВРЗ МИТОТ ЗА ПЕРАВАТА НАПРАВИЈА МИЛИОНИ…“ Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат децидни дека е исклучена секаква соработка со ДУИ. Мицкоски синоќа од митинг во Гостивар рече дека и овие денови ги слуша истите обвинувања кои се редовен декор секогаш кога ДУИ е критикувана поради криминал и корупција.
„Нападната е затоа што се фатени како ја ограбуваат Македонија. И не ги ограбуваат само Македонците. Ги ограбуваат сите, и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Бошњаците, ја ограбуваат Македонија. Фатени во грабеж, обвинуваат дека сме имале против Албанците и затоа сме ги напаѓале”, рече Мицкоски.
Тој посочува дека се злоупотребуваат Албанците и нивната мака.
„Врз митот ‘права за Албанците’, и Артан, и Али, направија милиони евра за себе. Имаат имот како шеици од Саудиска Арабија, додека албанскиот народ гладува и се сели од Македонија. Најголемата злоупотреба овие дваесет години е состојбата со правата на Албанците, коja овие криминалци од ДУИ се обидуваат да ја наметнат како тема кога се фатени во криминал. Секогаш кога тие зборуваат за ова, на своето конто си редат по уште еден милион народни пари,” рече Мицкоски.
На ДУИ и порача дека ќе оди во опозиција, каде прво мора да одговара за криминалот, а потоа да се реформира.
Од колицијата „Вреди“ велат дека ДУИ ги напуштила вредностите за кои се залагала во 2001 година, кога наместо за албанската кауза почна да се грижи единствено за џебовите на нивното раководство и ним блиските роднини.
„Од партија се претворија во ‘Коза ностра‘. Сега кога доаѓа време за одговорност за коруптивните скандали се обидуваат како штит да го користат целиот албански народ и помалите етнички заедници кои ги користат како заложници. Тие веќе видени трикови не поминуваат. После 8-ми мај ќе има и влада со ‘Вреди‘ како единствен легитимен политички репрезент на Албанците, ќе има и Бадентерово мнозинство, ќе бидат обезбедени и фундаментите на Охридскиот рамковен договор и ќе има одговорност за сите што се огрешиле пред законите“, соопштија од „Вреди“.
НЕМА ПОТРЕБА ОД ДВОЈНО МНОЗИНСТВО Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова, ја коментираше изјавата на Османи околу условите за формирање на владата.
„Нема потреба од двојно мнозинство за формирање Влада“, вели професорката по уставно право.
„На изборите има само еден победник, нема двајца победници, ниту имало, ниту треба да има. Двојното мнозинство, дури и по зборовите на господинот Бадентар треба да се употребува само во исклучителни ситуации кога се носат закони или се решаваат прашања кои се директно врзани за културата и идентитетот на сите сегменти. Формирањето на Владата не е такво прашање, ниту може да биде и ние треба да имаме Влада како што имааат и сите во ЕУ, а тоа најмногу треба да го заговараат оние кои се декларираат со придавката ‘европски’. Се разбира, како што во парламентот треба да има прeтставници на сите партии и на сите заедници, така и во Владата без оглед на резултатот секогаш мора да има место и за албанските партии како претставници на албанските граѓани, но и на останатитe“, изјави Сиљановска.
ЕВРОПСКИ ФРОНТ: ГЛАСАЈТЕ ПО СВОЈА ВОЛЈА Со оглед дека Бујар Османи не влезе во вториот претседателски круг, лидерите на партиите кои се дел од Европскиот фронт на вчерашната средба во Струга донеле одлука во однос на завршната трка од претседателските избори.
„Бидејќи Европскиот фронт повеќе не е дел од претседателската трка во вториот круг од претседателските избори и бидејќи гласот на граѓаните за нас е свет и нивно право, Европскиот фронт наведува дека тоа е ексклузивна волја на граѓаните како што сакаат да го искористат ова право“, соопшти Европскиот фронт.
Партиските лидери заклучиле дека првиот круг од претседателските избори поминал во мирна, фер и демократска атмосфера.
(Дојче веле на македонски)