ДРАГАН МИШЕВ
На вчерашната средба на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ во Брисел, се потврди она што одамна беше најавувано, се разделуваат Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ .
Албанија ги почнува преговорите за членство во ЕУ на 15 октомври, со отварањето на првиот кластер „Темелни вредности“ на меѓувладината конференција меѓу ЕУ и Албанија што ќе се одржи во Луксембург.
Северна Македонија и Албанија во јули 2022 година истовремено ги одржаа своите први меѓувладини конференции, по што започна скрининг процесот за двете држави. Но, додека Албанија успеа да го надмине ветото од Грција, Северна Македонија останува блокирана поради неусвојувањето на уставните измени. Бугарските медиуми известуваат дека на вчерашниот состанок во Брисел воопшто не била дискутирана темата за продолжување на преговорите со Северна Македонија, бидејќи земјата не го исполни договорениот услов за одржување на втората меѓувладина конференција, внесување на Бугарите во Уставот.
Ова значи дека и покрај долготрајните заложби за заеднички пристап кон Албанија и Северна Македонија во процесот на европска интеграција, на 15 октомври двете земји конечно ќе тргнат по различни патеки. Албанија ќе го отвори своето прво поглавје, додека Северна Македонија ќе остане заглавена во процесот, чекајќи го решението на внатрешно-политичките прашања поврзани со уставните измени.
Раздвојувањето на европскиот пат на двете соседни земји неодамна тоа го најави и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, кој рече дека „целта е во октомври да се одржат меѓувладини конференции со Србија, Албанија и можеби Северна Македонија“.
Предходно, премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја посетата на Брисел призна дека земјава го губи чекорот во пристапувањето кон ЕУ поради блокадите на соседите, и рече дека сега и „Албанија ќе нѐ претрка“, префрлајќи ја топката кај челниците во Брисел од кои побара да изнајдат начин како Македонија да биде дел од Унијата, ако навистина постои желба за тоа.
„Очигледно дека дозволуваат една земја-членка да го билатерализира целиот овој процес, нешто кое што не е став на останатите 26 земји-членки. Ние немаме што да правиме, ние мораме да се бориме за својот став, ние мораме да се бориме за својата позиција и на моите соговорници им кажав дека повеќе не можеме пред нашите граѓани да излеземе и да ги браниме двојните стандарди“, изјави Мицкоски.
Од друга страна, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „Канал 5“, осврнувајќи се на процесот на интеграција на земјава во ЕУ, рече дека тој прв изјавил дека нашата земја ќе биде споена со Албанија на патот кон ЕУ. Во исто време, Николоски рече и дека е уверен оти Албанија нема никогаш да стане полноправна членка на Унијата.
За да може да напредува во преговорите, од Северна Македонија се бара да го исполни единствениот услов од преговарачката рамка – промената на уставот и внесувањето на бугарското малцинство.
Од новиот состав во Собранието засега нема најава дека е обезбедено мнозинство за таков чекор, додека новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ бара преодни решенија со таканаречениот „француски предлог плус“, документ со кој македонската делегација замина во Брисел минатата недела за да бара одложена примена на уставните измени, едноставно не помина, иако министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски посочи дека со претставниците на ЕУ се дискутирало за овие прашања и дека дијалогот продолжува, судејќи според посветеноста на Владата, во недоглед.
Со разделувањето на Македонија и Албанија нашата земја останува во вакуум просторот меѓу земјите од Западен Балкан кои ги почнале преговорите (Црна Гора, Србија и Албанија) и оние што се далеку од таа фаза (Босна и Херцеговина и Косово).
За потсетување, Турција ги започна преговорите за полноправно членство во ЕУ на 3 октомври 2005 година, по нејзиното барање на 14 април 1987 година да стане полноправна членка на Европската економска заедница (ЕЕЗ), претходникот на ЕУ.
Но, од 2016 година, пристапните преговори се заглавени откако ЕУ ја обвини Турција за кршење на човековите права и дефицит во владеењето на правото. На 20 февруари 2019 година, комисијата на Европскиот парламент гласаше за суспендирање на пристапните преговори, и оттогаш пристапните преговори на Турцијасе во застој и не може да се размислува за отворање или затворање на натамошни поглавја.
Во меѓувреме, на брзата лента за отпочнување преговори за членство во ЕУ се ставени Украиан, Грузија и Милдавија.
(civil.mk)