При дискусијата во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, непосредно после завршувањето на министерскиот состанок на земјите членки на ЕУ во ЛУксембург, кога прашањето за отпочнување преговори со земјава се одложи за октомври, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ изнесе низа факти кои може да се сметаат за измислени/креирани, со цел да се измени сликата за овој настан и да се нападне владата за „неспособност“
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Земјите членки на ЕУ ќе се навратат најдоцна во октомври на прашањето за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова е исходот од состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, што сe одржаа во вторникот, на 18 јуни, во Луксембург. Накусо – тие го поздравија Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, но го одложија прашањето за датум за почеток на преговори заради кусиот тајминг. Остануваме во пакет со Албанија за која е речиси идентична формулацијата за одлагањето на ова прашање. За ова се дебатираше во „Топ Тема“ на Телевизијата Телма со Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, државниот советник за европски политики и координација, Драган Тилеви Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
При дискусијата во споменатата емисија, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ изнесе низа факти кои може да се сметаат за измислени/креирани, со цел да се измени сликата за заклучоците на состанокот во Луксембург. Еве некои од нив.
Најрпвин беше истакнато од страна на дискутантот Николоски дека во март годинава, од страна на политичкиот врв на четири држави членки на ЕУ ѝ било сугерирано на Владата на СРМ дека треба да ги симне очекувањата за почеток на преговорите со Унијата без да се спомене кои се тие земји и кои се тие политичари.
СПИН: „Неколку земји изработија свои извештаи и тие и се доставени на Владата, бидејќи се доставени и тие се многу различни од Извештајот што како целина го изработи Европската комисија како целина. Џелта била да се драфтира Владата да направи подобрувања во меѓувреме, ама нив ги нема… Владата денес очекуваше дека ќе добие два-три бенчмаркови кои треба да ги одработи до октомври, за во октомври да добие одлука за почеток на преговори, ама такви бенчмаркови нема… И во најбелото сценарио е прашање дали до декемри 2020 година би добиле датум за преговори“ – истакна Николоски
(Извор: Топ тема на Телма од 22 мин., датум: 18.06.2019)
КОНТРАСПИН: Присутниот експерт Тилев истакна дека ние како земја имаме контакти со сите дипломати во земјава, како и со политичарите кои одлучуваат за крупни прашања во Унијата при одредени средби, ама такви најави за одложувања, бенчмаркови и слични наоди не му се познати.
Ние постојано добиваме одредени добронамерни совет, 15 години наназад, со различен фокус кај одредени држави… Во Извештајот учествуваат многу фктори, отколку ние ги препознаваме. ЕК прибира информации од сите дипломати во земјава, сите невладини организации, а само секоја информација која може да се докаже или е прифатлива, таа може да влезе во Извештајот. Ако се работи за шпекулација или недокажано тврдење, се разбира, нема да најде таму место – истакна присутниот експерт Тилев, кој едно време беше и советник на министерот за надворешни рабпти.
Во однос на бенчмарковите тој истакна дека „Европската комисија препорачува да се пристапи кон безусловни преговори …сега“. Значи, нагласи Тилев, нема никакви услови и нема никакви одложувања.
Присутната експертка Кацарска, исто така, истакна во продолжение на дискусијата на Тилев дека ако имало толку големи несогласувања кај некои земји, тоа морало да се види во заклучоците од состанокот во Луксембург, ама тоа го нема. „Дополнителни услови нема во овој документ“ – подвлече таа и дозволи секој да си толкува како што сака. (од 26 минута)
* * *
Присутниот потпретседател на ВМРО ДПМНЕ Николоски рече, во обид да ја врати во живот својата теза за скриен и невидлив отпор кон отпочнување на преговори со земјава, а „невидливи“ во Извештајот на Европската комисија, ја изнедри тезата дека сепак постојат моќни противници и условувачи.
СПИН: На почетокот се обвинуваше дека Франција е проблем, сега е проблем и Германија, Па имавме тирада против канцеларката Меркел… Тоа малцинство (за кое говори Хан – н.з.) го сочинуваат земји кои по број на жители или економска моќ се мнозинство, односно ги претставува најсилните членки на ЕУ – истакна потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ. (од 34 минута)
КОНТРАСПИН: Уредникот на македонската редакција на „Дојче Веле“, Борис Георгиевски, се вклучи со свој извештај во тој контекст на дискусијата.
Главна причина за одложувањето на одлуката за датумот на почеток на преговорите е расправата во Бундестагот, која треба да се одржи наесен. Германската влада не може да менува одлука без поддршка на својот Парламент. Доколку расправата се одржи до крајот на септември или почетокот на октомври, понатаму не би требало да има пречки Македонија да ги започне преговорите, барем не од Берлин. Државниот секретар во германското МНР Рот денес потврди дека германскиот Биндестаг ќе даде препорака најдоцна во октомври.
Георгиевски потоа детално ги прелиста германските весници. И од нив може да се заклучи дека во европските престолнини има дилеми дали Албанија да излезе од комбинацијата (Париз) или речиси е веќе извесно дека Албанија ќе отпадне (Берлин и Хаг) а индикативно е дека и Јоханес Хан, еврокомесарот за проширување, не ја споменал Албанија во последниот говор. Значи, за Северна Македонија пречки нема. (од 36 минута)
И министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, кој директно од Луксембург допатува следниот ден во Скопје, изјави дека ниедна од 28-те земји-членки на ЕУ не била против отворање преговори со Северна Македонија на состанок на Советот за општи работи во Луксембург.
Немаше ниедна земја членка која што рече „не“ за Северна Македонија. Земјите членки имаа проблем со Албанија и ова е дилема за која мора да размислуваме и да се справиме со неа. Има една резолуција од Холандскиот Парламент, која што вели дека тие се против покана за Албанија и мислам дека во овој период до октомври треба да биде искористен од страна на Владата во Тирана да се справи со таквата загриженост, која постои во земјите членки во врска со нив. Тие рекоа дека ова не е време за проширување, треба да се фокусираме на Брегзит и на консолидација, но преовладувачкото мнение е дека Вашата земја направи одлични нешта со Преспанската спогодба и заврши одлична работа со реформите и сега е наша одговорност да го завршиме нашиот дел од домашната задача и да Ви упатиме покана. Очекувам да се материјализира во октомври – изјави Лајчак на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Лајчак допатува во Скопје во својство на претседавач со ОБСЕ.
Оттаму, голем дел од фактите изнесени во емисијата „Топ тема“ на потпретседателот Александар Николоски може да се сметаат за спинувани, креирани и невистинити.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.