Комедијата „Мојата мрсна грчка свадба“ во првиот дел го покажува хеленскиот и нашиот идентитет, кој се состои во она „ние и тие“, поделба на конфесионална идентитетска основа. Вториот дел на истиот филм ја покажува натамошната борба околу Александар Велики, наш и грчки мотив за меѓусебна пресметка, која почнува и главно живее во дијаспората. Колку брза и идентична промена на идентитескиот р’бет на нацијата, туркан од комплесот на малите народи среде поголемите цивилизациски средини!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Кога неодамна бев поканет на трибина на Институтот за општествени и хуманистички науки кој беше посветен на вториот дел на референдумското прашање, станав сведок на тоа како членовите или симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ ги замислуваат тие настани. Најпрвин, доаѓаат порано, со напишани имиња на листови и ги ставаат на столчињата (се работеше за ГЕМ клубот), демек се прави тактички распоред на силите. Потоа се седнува на „окупираниот простор“ и во мали групи се гледа во таблет или мобилен, каде стојат готови напишани текстови, со кои треба да се дискутира, каде лежат аргументите, јасно, штом се веќе подготвени. По насоката на дискусијата се гледа дека целта на „расправата“ е гостинот од Грција, д-р Гаврилидис, будејќи во поттекст на ваквите размени на мислења, очевидно стои некоја незавршена борба.
Мојата дискусија одеше во две насоки. Кажувајќи отворено дека сум за тоа на референдумското прашање да се одговори со „да“, истакнав дека тоа ќе и помогне на земјава да се ослободи од две хипотеки. Првата е да побегне од александроманијата и втората, конечно, да ја завршиме граѓанската војна со Грција.
Во однос на првата тема реков дека познавам некои од оние во средината на 70-тите кога доаѓаа од студиите во странство (и на Политички науки во Белград, факултет при БУ кој, нели, тогаш не беше странство) на некој од распустите, доаѓајќи си дома, говореа дека тогашна Југославија очевидно ќе се распадне и дека Македонија ќе мора да си бара чаре. Го споменуваа како рефрен Александар Македонски како начин преку митот за него и нашето врзување за него, Македонија да добие своја идна „видливост“. На мое често забележување дека влегуваме во простор во кој ќе бидеме исмеани, ми беше одговарано дека иницијаторите знаат дека „тезата не е точна, ама добро звучи“.
Гостинот од Грција д-р Акис Гаврилидис инаку го спомена Спиноза, кој во една прилика раскажал една сказна од животот на Александар Велики. Војсководецот, кој ја освоил Персија, побарал од покорените дворјани да му помогнат во неговото идно освојување на Индија, така што ќе пуштат глас дека тој е бог а не човек. Дворјаните му рекле дека е лесно видливо дека не е бог, бидејќи го родила мајка, дека јаде, пие, ужива во земни задоволства… „Точно е дека не сум бог, ама тоа добро звучи“ – објаснил Македонецот.
Не познато дека иницијатори за создавање на сказна дека ние сме потомци на големиот војсководец од старата ера го читале Спиноза, што со оглед на нивното просечно образование е можно, ама факт е дека тие студенти или уште почесто постдипломци, генерално, добро го предвидоа распадот (дисолуцијата) на Југославија и наоѓањето на Македонија на значаен крстопат. Но, место да си помогнеме со нашето набрзина и импровизирано врзување со народот кој објективно испарил во историските настани, доживеавме шлаканица и често и исмејување кај учените луѓе и забрзано почнавме да ги губиме политичките пријатели.
Многу лунатици и без сомнение и припрости приврзеници на александроманијата, тоа го сватија како берење на овошје во туѓ овоштарник. Па дојдовме до тоа од историјата да се земе се’ што ќе се посака. Дури го наведов примерот кога еден од т.н. културни работници, да тврди во една дебата на Наша ТВ дека Македонија имала своја црква во 20 година од новиот век, значи далеку пред библискиот Исус да стане свесен дека е пророк!
Јасно, со ова секако не може да се правда ниту присвојувањето на античкиот Александар од страна на Грците. Најмалку со тоа дека тој е дел од нивниот идентитет. Едно истражување на магазинот Тајм од почетокот на 70-тите, објавено и кај нас, покажа дека идентитетската основа на Грците, на обичниот народ досегнува (и главно се потпира) на византиското наследство, пред се заради тоа што по падот на Константинопол следуваат пет векови на едно големо ништо, од нивни аспект, кога само биле свиткани под ропство на една сосема друга културна целина. Ропството и културните влијание на Османлиите многу малку допираат до идентитетот на нашите јужни соседи.
Во филмот „Мојата мрсна грчка свадба“, бабата на невестата Тула Портокалос (Фотула) во еден миг ги брка сватовите кои доаѓаат да ја просат девојката, со изразите – „бегајте Турци!“. За неа сите други, оние кои не се Грци по род, се истите или се споени во свеста со архинепријателот – Османлиите. Толку, колку за идентитетот кој како и кај нас вештачки се крои на маса, Кај соседите практично во мигот кога започнуваат освојувањата на Егејска Македонија, атинските високи кругови ја лансираат тезата дека одат „да си го ослободат Александар“ во контекст на она дека тој говорел грчки а тоа значи дека тој бил – Грк! Во таа насока тие, пред се водачот на андартското движење, костурскиот патријаршиски свештеник Германос Каравангелис, дури го убедувал месното словенско население дека е по потекло од Александровото племе, бидејќи, ценеле дека се работи за лепак за кој тоа ќе се фати! Тврделе, нели, дека тамошното население „по грешка“ го заборавило грчкиот јазик и го присвоиле бугарскиот.
Значи присвојувањето на Александар Македонски е обострано. Кај Грците секако и не е нешто ново и корисно во одреден миг на империјалистичко ширење на Балканот.
Ако онаа баба од филмот „Мојата мрсна грчка свадба“ покажува до каде оди досегот во историското сеќавање, се открива во вториот дел од тој филм – „напредувањето“. Имено, во овој секвел, го гледаме нејзиниот син, таткото на невестата (целото дејствие се случува во една грчка енклава во Чикаго) како ужива во подарокот кој го добива од семејството – една печатена диплома од пазар каде пишува дека тој има крв на Александар Македонски. Гордиот Гас Ефстатиоу (Мајкл Константин – и овој не го продавал своето име) низ својот лик ги предава промените во идентитетскиот стереотип кој го оживува просечниот Грк, дури и кога оди во странство. Дури и таму уште повеќе, бидејќи, како да проработува комплексот на помала вредност како кај сите гастарбајтери што одат во поразвиени цивилизации од нивната домашна! Да не ги споменеме и нашите студенти на високите странски школи. Тоа чувство дека никого не импресионираат кога ќе кажат дека се од Македонија, очевидно остава длабоки душевни траги.
Добро е значи ако барем ние сме помудри во овој час и се одлепиме од лажните митови. Значаен услов за тоа е прифаќање на Преспанскиот договор. Во некоја историска смисла и кај нашите соседи, ако договорот заживее, ќе падне таа вергинска температура.