Таравари како лидер на партијата одлучува да се придружи на албанската опозиција. Подржан е од актуелниот министер за здравство ама не и од министерот за правда, но и од поранешниот лидер Села!
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, на Фејсбук го повика партиското собрание да го поддржи во намерата партијата да влезе во изборната трка со опозициските партии на Албанците. Веднаш по него се огласи генералниот секретар на партијата и министер за правда Кренар Лога кој вели дека веќе е донесена одлука за самостоен настап на изборите
По неколкунеделни чести консултации и средби, внатре и надвор од субјектот што го водам, по длабоко лично размислување, дојде моментот јавно да го обелоденам мојот став, како партиски лидер, во однос на претстојните парламентарни избори, напиша на својот фејсбук-профил лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Таравари смета дека граѓаните бараат промени и го повика партиското собрание да го поддржи. Смета дека неговата партија има најголем кредибилитет да ја донесе промената.
„Имајќи ги предвид вредните и љубезни предлози на сите пријатели, членови и поддржувачи, избрав да го слушам гласот на луѓето кои зборуваат појасно од кога било. Граѓанинот бара промени! Народот бара политички систем ослободен од епидемијата на корупција која стана најголемата пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Северна Македонија. Во својство на претседател на Алијанса за Албанците, јавно го поканувам партиското собрание да ме поддржи на ова патување и заедно да го започнеме овој процес што го нарекувам голема и долгоочекувана промена! Никогаш оваа промена не била посигурна и поопиплива. Никој нема поголем кредибилитет од Алијансата да ја донесе оваа промена!“ напиша Таравари.
Таравари додава дека ова е патот што го трасирал Арбен Џафери потенцирајќи дека тоа е патот што води до големото европско семејство, негувајќи го сојузот со САД и НАТО со кои, како што вели, споделуваме иста визија и исти вредности.
„Непоколебливо верувајќи во моите сопартијци и во нашата заедничка визија, ја барам нивната доверба за Алијанса за Албанците да влезе во изборната трка со албанската опозиција и заедно да продолжиме да го правиме најдоброто за оваа земја! Повеќето луѓе читаат историја, но ретко добиваат шанса да ја напишат. Денес ја имаме оваа можност пред нас. Да бидеме ние тие што ќе пишуваат историја!“, вели Таравари.
По Таравари, на Фејсбук се огласи генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога. Тој вели дека засега единствено е донесена одлука за самостоен настап на изборите.
„Ве информирам дека Алијанса за Албанците не разгледува никакви барања до своите партиски тела – Управниот совет, Централното претседателство и Централното собрание за изборите. Во сила има одлука на Централното претседателство кое едногласно изгласа на избори да излеземе сами. Го повикувам Собранието да се придржува до едногласниот предлог на Претседателството, а тоа е АА да излезе сама на парламентарни избори“,
Министерот за здравство пак на Фејсбук само кусо се согласи со ставот на својот претседател.
Претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на Фејсбук напиша дека партијата има одлука на претстојните парламентарни избори да оди сама. Го обвини актуелниот претседател Арбен Таравари дека има шверцерски тенденции и вели дека тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
„Поединецот, во овој случај претседателот на партијата, не е орган на одлучување, тој има право да предлага до органот кој има право да одлучува, а тоа е претседателството на партијата кое во моментот има една одлука, а тоа е дека Алијансата за Албанците ќе се натпреварува сама на изборите. Друго тело за одлучување е партиското собрание. Шверцерските тенденции врз партијата за сметка на не знам кој преку фејсбук-статус е сериозно кршење на Статутот на партијата за што претседателот на партијата мора да одговара пред партиските органи“, напиша Села.
Сѐ уште важи понудата на СДСМ сите политички партии, невладини и други организации, како и поединци кои ја делат визијата за европска Македонија да ни се приклучат на изборите на 24 април и 8 мај, изјави денеска поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
„Земјава има изградено демократско општество во кое секоја политичка партија и поединец може слободно да ги носи своите одлуки“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање што доколку Алијанса за Албанците отиде во опозиција. Тој потврди дека се сретнал со лидерот на АА Арбен Таравари, но со Зијадин Села, како што нагласи, нема разговарано, само се виделе во парламентот.
Ковачевски истакна дека местото на политичките партии е во коалиции со кои делат исти вредности.
Инаку Таравари е познатв „пишман-аџија“ и постојан „шалтач“ во разните политички коалиции. Неодмна му беше понудено да биде кандидат за претседател на државата од страна на албанската опозиција (како залог за придружување кон нив) и тој категорично го одби тоа. Дали сега треба да се очекува промена на неговиот став и на тој план или пак му се отвори многу работи во неговата партија?