Врховен Суд го одби како неосновано барањето за ревизија на Али Ахмети и Муса Џафери во случајот за клевета против Слободан Богоевски
– Мала победа на правдата, но важна за општиот амбиент и за сите останати кои се предмет на вакви неосновани тужења од страна на носители на политички функции, вака гласи првичната реакција на екс шефот на тајната полиција, Слободан Богоевски за исходот од 7- годишниот судски предмет во кој беше тужен во граѓанска постапка за клевета од страна на лидерот на ДУИ Али Ахмети и поранешниот вицепремиер Муса Џафери, за сведочењето пред Њујоршкиот суд во случајот со Дојче Телеком.
По две пресуди во корист на Ахмети и Џафери од страна на првостепениот суд од 2017 година со кои тиe бараа од Богоевски отштета во висина од по 50 илјади евра, Апелацискиот суд мериторно одлучува да ја одбие пресудата со образложение дека изјава дадена во судска постапка не може да биде предмет на тужба за клевета, дотолку повеќе што изјавата/ сведочењето е во странска држава и пред странски суд и дотолку повеќе што истото се дава под заклетва и доколку е лажно повлекува кривична одговорност. Имено, и точно за ова уште на самиот почеток на процесот во писмена форма и самоиницијативно реагирале од американската правна комисија за хартии од вредност.
– По ваквата одлука на Апелациониот суд во корист на тужената страна за клевета, во случајот Слободан Богоевски, правниот застапник на Ахмети и Џафери, доставува барање за ревизија до Врховен Суд, во мај во 2019 година. Врховниот Суд на седница одржана на 28.10. 2021 година донесол Пресуда со која revizijata на тужителите Али Ахмети и Муса Џафери се одбива како неоснована. .
Против оваа пресуда на Врховен не постојат веќе правни лекови.
Инаку, поранешниот шеф на тајната полиција Слободан Богоевски да се потсетиме сведочеше на судењето за предметот „Тврдина-Таргет“ за масовното незаконско прислушување и кажа дека бил следен само да за се монтира случај против него. Ексразузнавачот тогаш рече дека има докази за сите средби на обвинетиот во „Тврдина-Таргет“ Сашо Мијалков со обвинители и судии кои учествувале во предметот против него.
„Незаконски бев во притвор со месеци. И денес ги трпам последиците донесени од судот по наредба на Мијалков. За сите средби на Мијалков со сите обвинители и судии кои учествувале во овој предмет имам докази. Имам писмени искази заверени на нотар од лица кои присуствувале на тие средби. Многу пресуди се правосилни како и мојата, но се базирани од нелегално прислушувани разговори. Барам оштета за материјална штета од милион евра“, го пренесе сведочењето на Богоевски државната агенција МИА.
Да се потсетиме дека Богоевски беше осуден и одлежа две години затвор во 2015 година во случајот „Агент“ за наводни малверзации при купопродажбата на земјиште кај салата „Борис Трајковски“. Претходно беше осум месеци во притвор.
Богоевски рече дека од вработени во УБК бил предупреден дека му се следат комуникациите, а бил и физички следен.
„Овие незаконски следени комуникации беа искористени полициски да се монтира случај против мене и уште неколку други лица каде единствен доказ е дека јас сум се познавал со двајца адвокати. Во сите случаи на УБК и БЈБ е прекршен законот со снимање на спектакуларни апсења, со лажни сведоци, со незаконски прислушувани разговори. Со овие постапки се кршел Уставот и Законот од страна на УБК каде шеф бил Сашо Мијалков, министер Гордана Јанкулоска и нивни блиски, рече Богоевски.
Тој кажа дека во случајов не се битни поединци, туку масовноста на следењето на преку 20 илјади граѓани и затоа мора да има најстроги казни.
Во предметот „Тврдина-Таргет“, застапуван од обвинителите Ленче Ристоска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро, покрај ексдиректорот на УБК Мијалков, обвинети се и избеганите Горан Грујевски и Никола Бошковски, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, група вработени и началничка од УБК.