Најавите за ревизија на Преспанскиот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, според американската амбасадорка Кејт Брнс предизвикуваат вистинска загриженост и граѓаните не треба да бидат збунети или заведени за тоа колкав е влогот во тој процес
Членството во НАТО е огромно достигнување и не е само столче на масата, туку еднаков глас во донесувањето одлуки, рече мбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнс, во интервју за Сител ТВ.
Брнс додаде дека најавите за ревизија на преспанскиот договор предизвикуваат загриженост. Таа додаде и дека не треба да се загрозува трансформацијата која се случува.
Најавите за ревизија на Преспанскиот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, според американската амбасадорка Кејт Брнс предизвикуваат вистинска загриженост и граѓаните не треба да бидат збунети или заведени за тоа колкав е влогот во тој процес.
Ова таа го истакна во денешното интервју за телевизија Сител.
– Важно е да не се заборави дека добрососедските односи се предуслов за интеграција и членство во ЕУ и во НАТО. Ние знаеме дека Преспа беше компромис, имаше тешки преговори кои подразбираа отстапки од двете страни. Но, она што Преспа го направи е што конечно го откочи патот за Северна Македонија да стане НАТО-сојузник и да го продолжи патот кон ЕУ. Но, уште поважно, и помогна на Северна Македонија да се придвижи напред од позиција на стагнација каде не можеше да се развива политички, економски со иста брзина како многу од своите соседи, во смисла на ЕУ-интеграцијата. Затоа мислам дека е многу важно да се има на ум дека не само што ЕУ го препознава значењето на одржувањето добри односи со соседите како дел од изгледите на Северна Македонија за ЕУ, туку навистина се работи за иднината на оваа земја, за тоа дали лидерите ќе можат да обезбедат таков економски раст и можности, работни места, трговија, странски инвестиции, какви што би сакале да се реализираат. Многу е важно да не се загрозува оваа извонредна трансформација која се случува. Дури и магазинот ,Економист’ на крајот на годината ја издвои Северна Македонија како најтрансформирана земја во 2019 година, главно поради решавањето на отворените прашања со соседите. Да се заштити таа трансформација, да се продолжи движење напред и да не се загрозат сите овие достигнувања со гледање наназад е нешто што се надеваме дека луѓето ќе го сфатат многу сериозно, вели Брнс.
Американската амбасадорка Кејт Брнс во интервју за телевизија Сител ги повика партиските лидери да најдат компромис за законот за јавното обвинитество и да овозможат да биде усвоен пред распуштањето на Собранието.
– Усвојувањето на новиот закон за ЈО ќе ги унапреди владеењето на правото, транспарентноста и одговорноста. Ја истакнуваме и важноста случаите на СЈО да продолжат да се процесуираат на кредибилен начин во Јавното обвинитество. Веруваме дека ова се вистинските одлуки за да се создаде доверба кај граѓаните и да се потврди дека поединци кои извршуваат високи функции ќе сносат одговорност за какви било злоупотреби. Ова е важен сигнал. Самиот закон е клучен не само како сигнал за ЕУ, туку и за иднината на земјата. Апелираме до сите политички партиски лидери да седнат заедно, да ги надминат разликите, да ги стават на страна своите партиски позиции и да работат на законот, да го усвојат, пожелно е, пред распуштањето на Собранието, за земјата да продолжи по својот пат – изјави Брнс во интервју за Сител.
Според амбасадорката на САД, со тоа ќе биде испратен и позитивен сигнал до членките на ЕУ во контекст на одлуката за почеток на преговорите за членство со Северна Македонија. Брнс очекува наскоро да заврши ратификацијата на протоколот за членство во НАТО во Шпанија и земјата многу брзо да стане полноправна членка на Алијансата.
Брнс вели дека има работи што треба да ги направи и Северна Македонија и да испрати позитивен сигнал до ЕУ, како што се продолжување на реформите, спроведување фер избори, одржување добри односи со соседите, борба со корупцијата и создавање економски амбиент за привлекување инвестиции, а особено усвојување на Законот за јавно обвинителство.
Таа апелира партиските лидери и политичарите да се фокусираат на проблемите, а не на лични напади и да овозможат простор за демократска дебата.