Заканите од американскиот претседател Трамп дека ќе употреби ракети во Сирија покажува колку се големи меѓународните интереси во конфликтот во Сирија. Не станува збор само за иднината на Асад, туку на целиот регион.
КЕРСТЕН КНИП
Предупредувањата дојдоа преку еден канал, кој за дипломатијата е сѐ уште невообичаен начин на комуникација: „Русија се заколна дека ќе ги собори сите ракети што ќе бидат испукани кон Сирија. Русија подготви се, ракетите доаѓаат,” најави Трамп на Твитер.
Русија се здружи со едно „животно“ кое убива со гас, образложи Трамп, очигледно во врска со нападите од минатиот викенд во сирискиот град Дума во кои наводно беше употребен смртоносен гас, за што Белата куќа го обвинува сирискиот претседател Башар ал-Асад. Во нападот загинаа најмалку 150 лица, а околу 1000 беа повредени.
Твитот на Трамп беше реакција на претходните сигнали испратени од руска страна. Русија, според изјавите на рускиот амбасадор во Либија Александар Сасипкин, ќе собори каква било американска ракета која би била испукана врз сириска територија. Кремљ исто така ги повика САД да бидат разумни во однос на обвинувањата за напад со отровен гас. „Да се надеваме дека сите земји ќе се воздржат од понатамошни чекори”, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Пешков за агенцијата Итар Тас.
ИНТЕРНАЛИЗАЦИЈА НА ВОЈНАТА Најновите сигнали од Москва и Вашингтон покажуваат двоен развој на војната во Сирија: Од една страна меѓународните актери се повеќе се инволвираат во конфликтот, пред се Турција која вмаршира во Африн и Израел кој беше наводно одговорен за напад врз сириската воена база Таифор.
Истовремено расте тензијата во регионот. Војната создаде простор за вакуум на моќ кој се наполни со странски актери. Веќе подолго време во војната не станува збор за загриженоста на опозицијата, ниту пак за Асад. Во игра се сосем други работи. Додека од една страна Русија и Иран, двете земји кои го поддржуваат Асад, сакаат да го зголемат своето влијание во земјата, противниците, пред сѐ САД а сѐ повеќе и Израел, се обидуваат тоа да го спречат.
„Најголем приоритет на американската политика во основа е поддршкате на Израел, ” вели Гинтер Мајер, раководител на Центарот за истражување на арапскиот свет при Универзитетот во Мајнц. Американскиот претседател Трам тоа секогаш јасно го нагласува: „Затоа и борбата против Иран е високо приоритетна – тој претставува закана за Израел.”
Истото важи и за Хезболах кој е поддржан од Иран. Конечно се работи за тоа, таканаречената „шиитска оска” која се протега од Иран преку Ирак, Сирија и Либија и доаѓа до границата со Израел, да се уништи. За оваа цел Американците масовно го зголемија своето присуство пред се во источниот дел на Сирија. „Во меѓувреме се зборува за една „американска полумесечина”, која го покрива целиот северо-источен дел на Сирија се до Јордан, вели Мајер. Целта е да се постави заштитен штит за Израел.
ПОШИРОКИОТ КОНТЕКСТ Арапскиот весник „Ал араби ал јадед” кој излегува во Лондон, го стави конфликтот во еден поширок контекст. Сирија веќе подолго време е сцена на пресметка меѓу Русија и САД. Друга сцена на овој конфликт со воена заднина е Украина, а на дипломатско ниво Либија. „Американско – руските односи генерално влегоа во една деликатна фаза”, пишува весникот. Ако САД и Русија влезат во воен конфликт на Блискиот Исток тоа нема да ја заостри само војната во Сирија, туку може да има последици за целиот регион.” ОН се покажаа дека не се во состојба да го смират конфликтот.
Од гледна точка на САД, Сирија под раководство на Асад веќе подолго време е критична држава. На американската инвазија во Ирак во 2003 година, владата во Дамаск одговори така што пропушти сириски и меѓународни џихадисти преку границата со соседната земја кои таму се бореа против американските сили. Пораката од Дамаск до Вашингтон беше јасна: да не ви падне на памет да вмарширате во Сирија.
Оттогаш режимот на Асад ги прокоцка симпатиите во Вашингтон. Во ова војна станува збор за тоа да се уништи Сирија за земјата веќе да не претставува сериозен противник, смета Гинтер Мајер: „Потоа поделените делови кои би останале од Сирија може лесно да се манипулираат еден против друг.”
КУРДИТЕ КАКО ТАМПОН Ситуацијата дополнително се комплицира со тоа што Хезболах кој е поддржан од Иран, е сѐ поблиску до Голанската висорамнина. Таа традиционално важи како линија на фронтот меѓу Израел и Сирија.
Контрабалансот на оваа политика го прават Курдите во Северна Сирија. Додуша во моментов тие мора да се борат против турската армија во регионот Африн. Но, долгорочно тие следат една цел, да имаат што поголема автономна курдска област. Ова им оди во прилог на израелските безбедносни интереси. „Израел објави дека поддржува независна курдска држава,” вели Мајер за ДВ. „И ова е индикатор за што вусшност се работи.”
Да потсетиме дека САД и Запад ја обвинуваат сириската влада за извршен напад со нервен гас на 7. април во Дума, при што се убиени најмалку 70 луѓе, претежно деца и жени. Обвинувањата ги базираат врз тврдењата на т.н. Бели шлемови, група која себе си се нарекува Сириска цивилна заштита и досега воглавно беше финансирана од британското Министерство за надворешни работи. Претседателот на САД Доналд Трамп по тој повод на Твитер напиша дека рускиот претседател Владимир Путин, Русија и Иран се одговорни за поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад, кого го нарече „животно“. Трамп најави остра реакција на САД, а сириските трупи напуштија повеќе упоришта, очекувајќи воздушни напади. Свиканата итна седница на Советот за безбедност на ОН за темата помина во атмосфера на кавга меѓу САД и Русија, но без усвојување било каква резолуција, ниту пак договор за решавање на ситуацијата
НЕ Е СОСЕМА ЈАСНО Факт е дека уште не е разјаснето дали воопшто имало напад со нервен гас. Организацијата за забрана на хемиско оружје, ОПЦВ, задолжена да го истражи случајот, вчера издаде соопштение во кое пишува: „Генералниот директор на ОПЦВ, амбасадорот Ахмет Узумчи, изрази длабока загриженост поради наводниот напад со боев отров од 7. април во Дума, Сирија…Мисијата за утврдување на фактите моментно собира информации од сите расположиви извори за да утврди дали е употребено хемиско оружје.“ Русија ги нарече лажни вести сите извештаи за напад со нервен гас, а сириската влада ги отфрли обвинувањата на своја адреса. Еве што за ова пишуваат германските весници:
„Ни Вашингтон ниту Москва не би требало да гледаат свој интерес во натамошна ескалација“, пишува весникот Келнише Руншау: „Затоа, острите тонови кои сега се слушаат значат првенствено едно: ѕвечкање со оружје. Запад сигнализира дека нема да ја толерира секоја повреда на меѓународното право на секој диктатор; Москва сигнализира дека ќе го поддржи Асад по секоја цена, а Ерусалим – дека во никој случај нема да трпи дополнително ширење на иранското влијание во Сирија. Последната точпка е всушност таа опасната. Техеран претставува латентна опасност за Израел, ако заканата стане конкретна, бурето барут ќе експлодира.“
КЛУЧОТ СЕ ИЗРАЕЛ И ИРАН Весникот Франкфуртер Рундшау пак објаснува: „ Овде станува збор за еден друг фронт – оној меѓу Израел и Иран. За Израел сигналите на главниот сојузник во Белата куќа се сѐ попротивречни. Пред неколку дена, Доналд Трамп сакаше да ги повлече сите војници на САД од Сирија и дефинитивно да им го препушти теренот на Иран и на Русија. Но, од викендот тој наново се заканува со силна воена интервенција заради заштита на сириското население од идни напади со нервен гас. Сепак, ако се подвлече црта, американскиот претседател нема стратегија. Трамп би сакал сириското поглавие некако да го стави ак акта, а со тоа само ги влошува работите.“
И весникот Рајнпфалц се занимава со улогата на Доналд Трамп: „Претседателот на САД е заробеник на своите желби. Војната ќе заврши, таа ‘со нас’ нема ништо. Се чини дека војната навистина е во завршна фаза. Но, таа е битно поврзана со идната улога на Америка во светот. Во најкобните противречности на Трамповата политика спаѓа тоа што американскиот претседател од еднастрана сака да го запре ширињето на влијанието на Иран на Блискиот Исток, но сака и го напушти теренот токму во Сирија. Или тоа САД сепак нема да го направат?“
Дневникот Нордвест цајтунг проценува дека „временската рамка за силна воена интервенција, која би можела да ја запре граѓанската војна, е затворена кога во Сирија се ангажираше Русија. Сега Французите и Американците додуша можат да фрлаат понекоја бомба, но сѐ што би одело подалеку од тоа, би значело војна со Москва.“