ДЕНКО МАЛЕСКИ
Големите тектонски плочи на светската политика одново се движат и униполарниот момент на Америка кој траеше од падот на Берлинскиот зид во 1989 до руската воена окупација на Крим во 2014 заврши. Лекциите научени, особено онаа старата за „балансот на силите“, веќе се предмет на дебата во науката за меѓународната политика
Во односите помеѓу големите нуклеарни сили, светот драматично се промени последниве години, особено по руската агресија врз Украина. Имено, заврши американската ера во светската политика, ера по која, ние во Македонија, ќе жалиме. Мнозина во Македонија како да не се свесни за новите предизвици со кои се соочува малата земја без излез на море – Република Северна Македонија. Големите тектонски плочи на светската политика одново се движат и униполарниот момент на Америка кој траеше од падот на Берлинскиот зид во 1989 до руската воена окупација на Крим во 2014 заврши. Лекциите научени, особено онаа старата за „балансот на силите“, веќе се предмет на дебата во науката за меѓународната политика. Но, да нема дилеми, новата ситуација го прави нашето сојузништво и солидарност со демократските држави уште повредно.
Можеме сешто да кажеме за улогата на НАТО и за американската надворешна политика, особено во контекст на сегашната војна во Украина. Можеме и да се согласиме со американските реалисти дека идејата НАТО со Украина, да се прошири до границите на Русија, ја испровоцира руската агресија, но не можеме да ја порекнеме улогата на Америка во воспоставувањето на мир на Балканот. Тој мир е воспоставен со воена интервенција во Босна, на Косово и во Македонија, ама да не се лажеме – нема „вечен мир“.
За мир треба да се бориме секој ден дома и адаптирајќи се на новата меѓународна ситуација, каква што е оваа со новата рамнотежа на силите помеѓу Америка, Кина и Русија. Меѓународната политика, напишал некој, е истата проклета работа одново и одново: војна, мир, рамнотежа на сили…Што не чека во иднина? Кисинџер се повикува на грчкиот историчар Тукудид кој ќе напише дека „сегашноста, иако никогаш не го повторува минатото на ист начин, неизбежно личи на него. Така и иднината“. Така и иднината!
Сега, кога после руската агресија врз Украина дознавме дека сепак не сме стасале до „крајот на историјата“ и до свет во кој ќе владее мирот и демократијата, јасно е дека и нашата иднина на Балканот може повторно да заличи на нашето минато: на тоа славно „буре барут“. Доказ може да биде тридеценискиот неуспешен обид, со „европски методи“, да се помират етничките групи на Балканот. Своевремено, претседателот на Америка Клинитон, верувајќи со поразот на комунизмот натстапува ерата на мирот и демократијата во светот, ќе изјави дека „после краток период на НАТО окупација, етничките групи ќе се помират“. Но, одговорот на Кисинџер тогаш беше дека, на Балканот, „нема реалистична основа за таквата претпоставка“.
И навистина, еве по неколку децении, нема помирување во Босна, нема помирување меѓу Србите и Албанците, а нашиот успешен експеримент, не е толку наш производ колку наметнато решение од надвор чиј успех зависи и од регионалните движења кои не се поволни. Оваа отпорност кон демократски промени доаѓа оттаму што почетоците на нашите балкански етнички кризи се производ на страсти, емоции,супремација, страв и омрази стари неколку стотици години.
Балканските етнички кризи, ќе додаде Кисинџер, се производ и на допирот на двете религии на рабовите на Европа: христијанството и муслиманството. Во уникатниот униполарен момент во светската политика Америка, непречена од друга голема сила, ја играше улогата на Отоманското царство на Балканот, наметнувајќи го својот мир врз скараните етнички и религиозни групи. Но, тој момент, по кој ќе жалиме, заврши. На повидок е еден „зaмрзнат конфликт“ во Украина кој, без трошка претерување, може да трае 100 години како увертира на една нова Студена војна меѓу Западот и Русија. На повидок се и рефлексиите на тој конфликт и врз Балканот.
Во односот помеѓу двете нуклеарни сили одново завладеа правилото од Студената војна: „она што е лошо за другата страна е добро за нас“.
Што е добро за Русија на Балканот? Дестабилизација.
Што е добро за Западот на Балканот? Интеграција во ЕУ.
Во вакви, така да кажам, воени услови, нека берат памет политичарите во Македонија зашто просторот за толеранција на Западот кон нивното поведение драстично е стеснет.
Фактот дека се појавија две ривалски големи сили, Русија и Кина, ја наложува потребата да се збијат редовите на НАТО и на ЕУ, како и потребата од поголема дисциплина и брзо решавање на домашните и надворешните несогласувања. Безбедносните прашања избија на врвот на агендата на Западните сојузи и тоа ќе го зголеми притисокот врз Балканот, „мекиот стомак“ на НАТО сојузот и на ЕУ.
Така стојат работите сега и ова сценарио може да продолжи доколку победи Бајден на претседателските избори. Доколку победи Трамп и доколку реши да го растури НАТО, препуштајќи ја одбраната на Европа на институциите на ЕУ, како што повеќепати има изјавено, тоа е една сосема нова ситуација. Во меѓународната политика, сите опции се секогаш на маса. Затоа е важно една мала држава како нашата, да биде седната на масата а не да биде на менито. И да запамтиме: се во светот денес, а особено на Балканот, е во знакот на американското и руското влијание. Вклучувајќи ги, на еден или на друг начин, и нашите претстојни избори.