Компанијата „Џонсон и Џонсон“ треба да плати 572 милиони долари отштета за зголемување на кризата со опијати. Податоците покажуваат дека повеќе од 10.000 жители на Оклахома починале од 2000 година до денес, како резултат на зависност и предозирање со синтетички лекови за болка
Судија во сојузната држава Оклахома нареди фармацевтската компанија „Џонсон и Џонсон“ да плати 572 милиони долари отштета за нејзината улога во зголемување на кризата со опијати.
„Кризата со опијати е закана за граѓаните на Оклахома. Мојата одлука е базирана на открија дека маркетингот и промоцијата на `Џонсон и Џонсон` ги доведуваат во прашање безбедноста и здравјето на илјадници граѓани“, изјави судијата Тед Балкмен.
Оваа компанија е прва што ќе биде ставена на судење за, како што вели сојузната држава, цинична и лажна мултимилијардерска кампања.
Сојузната држава Оклахома, исто така, нагласи дека „Џонсон и Џонсон“ ги рекламирала опијатите пред докторите и здравствените работници како „магичен лек“.
Податоците покажуваат дека повеќе од 10.000 жители на Оклахома починале од 2000 година до денес, како резултат на зависност и предозирање со синтетички лекови за болка.
„Нема сомнеж дека овие компании знаеле што се случува на повисоко ниво. Затоа се одговорни“, рече главниот правобранител на Охлахома Мајк Хантер.
Оклахома бараше 17 милијарди долари отштета од „Џонсон и Џонсон“, додека компанијата најави оти ќе ја обжали одлуката. Веднаш по објавувањето на пресудата, компанијата соопшти дека ќе вложи жалба. Јавниот обвинител на Оклахома, Мајк Хантер, побара исплата на повеќе од 17 милијарди долари од Џонсон и Џонсон. Овие пари, според образложението на Хантер, требало да ѝ помогнат на државата во текот на наредните 30 години да се бори против т.н. опиоидна криза.
Ова е прв случај кој стигна до судовите од илјадниците тужби против производителите и дистрибутерите на опиоиди, препишувани за намалување на болките на пациентите. Опиоидите, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, се наведуваат во речиси 400 илјади случаи на предозирање во САД од 1999 до 2017 година. Претходно годинава сојузната држава Оклахома постигна договор со производителот на Оксиконтин „Пардју фарма“ за отштета од 270 милиони долари и со компанијата „Тева Фармасјутикал“ за 85 милиони долари, така што „Џонсон и Џонсон“ остана единствената фармацевтска компанија обвинета за поттикнување на кризата на зависност од опиоиди во Оклохома.
За време на седумнеделниот судски процес, обвинителите на државата Оклохома изнесоа аргументи дека „Џонсон и Џонсон“ спроведувала повеќегодишна маркетиншка кампања во која бил намалуван ризикот од стекнување на зависност од лековите за намалување на болките и ги промовирала нивните добри страни.
Тие уште наведоа и оти лекарите препишувале премногу од тие лекови, што довело до скок на смртните случаи од предозирање во Оклахома.
Компанијата „Џонсон и Џонсон“ негираше дека правела што било незаконско, наведувајќи дека нејзините маркетиншки тврдења биле на научна основа и оти нејзините лекови за болка како Дураџесик и Нусинта, претставувале само мал дел од опиоидите препишувани во Оклахома.
Судијата на окружниот суд во градот Норман, Оклахома оцени дека компанијата „Џонсон и Џонсон“ со своето делување го загрозила здравјето и безбедноста на илјадници граѓани на Оклахома, за кои кризата со опиоидите претставува непосредна опасност и закана. Парите од казната ќе бидат употребени за лечење на зависници од опиоиди, истакна судијата.
Претходно Трамп прогласи вонредна здравствена состојба поради злоупотребата на дроги и лекови, заради сознанието дека во неговата земја од прекумерна доза опиоиди секојдневно умираат по околу сто луѓе. Најмногу смртни случаи се должат на конзумирање хероин, но и на лекови против болка. Ова е најлоша криза предизвикана од конзумирање дроги во американската историја, оцени американскиот претседател Доналд Трамп. Поради масовната злоупотреба на хероин и други опиоиди во САД, американскиот претседател прогласи вонредна здравствена состојба. Време е Америка да се ослободи од заложништвото на зависноста. „Ние можеме да бидеме генерација која ќе стави крај на епидемијата на опиоиди“, рече Трамп во Вашингтон.
Здравствените власти во САД секојдневно регистрираат во просек по 91 смртен случај поради дрога. Американската агенција за прашања на дроги, ДЕА, извести дека од 2011 година од дрога годишно умираат повеќе луѓе отколку од сообраќајни несреќи, самоубиства или убиства.
Според извештајот на ДЕА, во 2015 година имало 52.404 починати од дрога, од кои околу 33.000 конзумирале опиоиди. За споредба: во истиот период во Германија имало 1226 починати од дрога. Во САД живеат 4 пати повеќе луѓе отколку во Германија, но бројот на смртни случаи е поголем 40 пати.
Според проценките, во САД од опиоиди се зависни околу два милиона луѓе. Особено лошо е во структурно слабите региони на североистокот на САД, во т.н. „Производен појас“ (најголемиот индустриски регион во САД кој зафаќа делови од сојузните држави Илиноис, Индијана, Мичиген, Охајо, Пенсилванија, Њујорк и Љу Џерси), како и во регионот на планинскиот венец Апалачи. Тоа се региони каде се промовира подем на средната класа и каде Трамп има многу приврзаници.
Голем дел од зависниците преминале на хероин по конзумирањето лекови против болка, кои од 1990-тите се препишуваат многу слободно.
Критики на сметка на Трамп
И покрај прогласената вонредна здравствена состојба, на располагање не се ставени дополнителни средства за борба против конзумирањето опиоиди. Наместо тоа, ќе бидат пренасочени средства до други фондови. Експертите и претставниците на Демократската партија критикуваат дека тоа не е доволно. „Прогласувањето вонредна состојба без значителни дополнителни финансиски средства нема да има успех“, изјави Беки Салај од здравствената организација ТФАХ (Trust for America’s Health). Шефицата на пратеничката група на деморкатите во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, потегот на Трамп го нарече „зборови без пари“.