Од 0 до над 90% – кои министерства и институции колку ги реализирале јавните инвестиции ?

Се ситни третиот економски квартал – до средината на август преку државниот Буџет реализирани се само 155,5 милиони евра од вкупно планираните за годинава 483 милиони евра, пишува “Порталб“. Некои државни институции успеале да достигнат реализација на капиталните расходи повисока од 90%, кај други остварувањето е нула.
За седум месеци – реализација од 30% на јавните инвестиции…
Историски најамбициознен план за остварување на капитални расходи од скоро 500 милиони евра годинава е дел од ребалансираниот Буџет за годинава. До средината на август, според податоците од Министерството за финансии, реализирани се 32% од вкупните планирани капитални расходи. Во однос на претходниот Буџет , со ребалансот Владата ги “набилда“ јавните инвестции за скоро 24% со најава дека ќе се реализраат. Токму оваа буџетска ставка беше еден од клучните адути за економско закрепнување.
“Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8% во 2021 година, во услови на очекуван раст и на јавните и на приватните инвестиции“ – се наведува во Буџетот.
Ако до крајот на јули се реализирани само 30% од планираните јавни инвестиции, остануваат пет месеци да се “надокнадат“ останатите 70% од вкупниот планиран износ на капитални раходи. Дел од институциите и министрствата одржуваат динамика во реализацијата, кај дел процентот на остварување е нула – конкретно без реализација или со минимално остварување се Државната изборна комисија 0%, Регулаторната комисија за домување 0% , Комисија за заштита од дискриминација 1,9%. Во оаа група е и Инспецискиот совет кој иако има на располагање скоро половина милион евра за капитални расходи – до крајот на јули реализацијата е нула. Царинската управа на располагање има 1,5 милиони евра, за седум месеци реализирала капитални расходи во износ од 104 000 евра или 7%.
Еден од ресорите со послаба реализација е Министерството за одбрана – со остварување од 3,1% на планираните капитални расходи а зад него е Министерството за надворешни работи со реализација од 6,6%.

Капитални расходи заклучно со јули
Министерство за финансии 44,1%
Министерство за економија 73,1%
Министерство за животна средина 7,7%
Министерство за транспорт 26,7%
Министерство за земјоделство 74,4%
Министерство за труд и соц.политика 39,5%
Министерство за образование 26,2%
Министерство за информатичко општество 24,0%
Министерство за здравство 22,6%
Министерство за политички систем 41,8%
Министерство за внатрешни работи 20,1%
Министерството за правда 28,0%
Секретаријат за законодавство 88,2%
Влада 21,7%
Впечатливо е дека кај ресорите во чии раце се наоѓаат значајни стратешки и скапи проекти засега се регистрира послаба реализација – Министерството за транспорт има на раполагање 51,3 милиони евра а до крајот на јули потрошени се 13,7 милиони евра. По капата на овој ресор на пример е изградба на социјални станови за што се планирани 3,1 милион евра, за водовод и канализација за општините 3,7 милиони евра, 9,4 милиони евра за за изградба на локални патишта, за гасификација 11,5 милиони евра и за инвестиции во железничката инфраструктура – 25,6 милиони евра. И кај Министерството за образование кое располага со милионски суми на средства за изградба и реконструкција на училишта, спортски сали, училишни и студенстви домови, реализацијата на вложувањата за период од седум месеци е пониска од 30 отсто.
Реализација од само 22% на капиталните расходи има кај Министерството за здравство на кое со ребаланс на Буџетот средствата за реконструкција и доградба на објектите на јавните здравствени установи речиси му се удвоија на 5,1 милион евра а за изградба на Општа болница Кичево му се доделени 1,2 милиони.
Од останатите државни институции – Собранието од планираните 2,2 милиони евра за капитални вложувања потрошило само 60 000 евра или 5,5%, Агенцијата за разузнавање пак иако располага со само 90 000 евра за капитални расходи, за седум месеци го “потрошила “ речиси целиот износ. Антикорупциска комисијата реализирала само 10,5% од планираните капитални расходи а Фондот за здравствено осигурување реализирал 17%.
Владата најави дека будно ќе се следи реализацијата на јавните инвестиции и дека институциите кои нема да ги остварат плановите ќе понесат “одговорност“. Вообичаено на крајот од годината капиталните расходи се реализираат со засилено темпо но досегашната пракса покажува дека остварувањето на јавните инвестции во целост останува само амбициозен план и ветување.