Од сегашните 768,8 милиони евра за капитални расходи, сумата за следната година се намалува на 640 милиони евра. Јавните инвестиции ќе бидат столб на економскиот развој во 2026 та – најави министерката Гордана Димитриеска – Кочоска. Новата буџетска година според власта ќе биде стабилна и развојна а според опозицијата можно е да биде изборна

АНЕТА ДОДЕВСКА
Економски раст сличен на годинешниот, стабилна инфлација од 2,5%, нови задолжувања – Министерството за финансии до Собранието го адресираше новиот Буџет 2026 та година. Буџетските приходи и расходи ќе растат а буџетскиот дефицит во однос на годинашниот ќе се намали за 0,5 процентни поени.
Буџет 2025 Буџет 2026
Приходи 5 882 744 000 е 6 082 800 000 е
Расходи 6 554 010 000 е 6 719 156 000 е
Буџетски дефицит 4,0% 3,5%
Извор : МФ
Буџетските приходи следната година за прв пат треба да надминат 6 милијарди евра додека буџетските расходи ќе бидат на историски највисоко ниво, надминувајќи 6,7 милијарда евра. Буџетскиот дефицит ќе изнесува 636 356 000 евра и во однос на годинава ќе биде намален за 0,5 процентни поени. Но, она што го предизвика вниманието на јавноста е намалувањето на износот за капитални расходи од сегашните 768,8 милиони евра на 640 милиони евра во 2026 та.
„Растот и развојот се потпираат на капиталните расходи а тие ќе се намалат не само како апсолутен износ туку и како процент од буџетот. Вообичаено со раст на приходите и на расходите, како што е најавено, тенденцијата треба да биде и пораст на јавните инвестиции. Што и какви инвестиции може да се спроведат со 640 милиони евра – половина од парите ќе бидат и веќе се резервирани за општините а половина ќе треба да завршат кај Бехтел и Енка за изградба на автопатите. Што ќе остане за другите стратешки инвестиции, железница, гасификација, здравство, образование? “ – оценува пратеникот и поранешен вицепремиер Фатмир Битиќи.
Според министерката за финансии намалениот износ на капитални расходи ќе биде одраз на реални инвестиции кои ќе можат да се реализираат во целост а столб на развојот треба да бидат проектите на Бехтел и Енка. Министерката потврди дека годинава не се очекува целосна реализација на капиталните инвестиции и тоа било база за проекцијата во 2026 та.
„Податоците покажуваат дека реализацијата на капиталните расходи нема да го достигне целиот планиран износ така што согласно нивниот износ имаме намалување за околу 7 милијарди денари“ – изјави министерката.
Во најавените контури на буџетската 2026 та поранешниот вицепремиер за економија Битиќи препознава навестување за предвремени парламентарни избори.
„Пововисоки плати и пензии, зголемени трошења, најави за нови задолжувања а намалување на капиталните расходи – се ова навестува предвремени парламентарни избори“ – вели Битиќи.
Следната година за социјални трансфери се планира износ од 3,34 милијарди евра што претставува зголемување од 6,7%, за плати ќе се потрошат 854 милиони евра или 7% повеќе во однос на оваа година а исплата на пензии скоро 1,9 милијарди евра што претставува раст од 9,7% во однос на фискалните позиции за годинава.
И следната година се проектира стабилна стапка на инфлација од 2,5%, слично како и за годинава која според Владата треба да заврши со инфлација на ниво од 2,8%. За разлика од проценките на Владата, дел од економистите преку новата Анкета на НБМ оценија дека оваа година ќе заврши со инфлација од 3,9% а иста прогноза има и ММФ во новиот Економски извештај а инфлација повисока од 3 отсто очекува и гувернерот на НБМ Трајко Славески.




