Двете најголеми македонски партии до сега имаат резултат за изборна победа 3:3. ДУИ за прв пат се појавува на локалните избори во 2005 та година и од тогаш оваа партија успева да ја задржи доминацијата на локално ниво во однос на другите партии од албанскиот политички блок

АНЕТА ДОДЕВСКА
25 години по првите локални избори , во октомври во државава ќе се спроведат седмите по ред. Генезата на изборните циклуси покажува дека локалните избори се „мегдан“ за радикални промени. Досега најголемите партии СДСМ и ВМРО –ДПМНЕ се со нерешен резултат за изборна победа 3:3. ДУИ за прв пат се појавува на локалните избори во 2005 та година и од тогаш оваа партија успева да ја задржи доминацијата на локално ниво во однос на другите партии од албанскиот политички блок. „Порталб“ ги анализра резултатите од досегашните локални избори.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 1996 ТА ГОДИНА Првите локални избори по осамостојувањето се одржале во ноември 1996 година. Биле спроведени во тогаш постоечките 123 општини во земјава, плус градот Скопје. Се карактеризираат со голем број на поднесени преставки пред се во изборот на градоначалник и тоа во општините Боговиње, Богданци, Вруток, Тетово, Бистрица. На овие избори, според освоените градоначалнички места, победа извојувала СДСМ со 50 градоначалници, ВМРО ДПМНЕ освоила 30, тогашната ПДП со свој кандидат победила во 20 општини а СПМ во 10. На овие локални избори регистрирана е победа на еден ннзависен кандидат. За избор на градоначалник тогаш гласале 855 390 граѓани или излезеноста изнесувала 49,62%. На овие избори Ристо Пенов станува и прв официјален и на локални избори избран – градоначалник на Град Скопје.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2000 ГОДИНА Во првата половина на септември 2000 та, граѓаните гласаа на нови локални избори во 123 општини и градот Скопје. Право на глас имале 1 634 859 граѓани. На изборите со свои кандидати за градоначалници и советнички листи излегле 28 партии, две коалиции и 40 на групи на избирачи. Овие избори се вовед во промена на власта – победа извојува ВМРО ДПМНЕ со освоени 59 градоначалнички места, СДСМ во однос на претходните локални избори во 2000 та „паѓа“ на 32 освоени општини а ПДП зајакнува на 32. Но иако ВМРО ДПМНЕ е во водство со освоени општини, СДСМ извојувала „победа“ на советничките листи со освоени 736 советнички места , далеку повеќе од политичкиот ривал. На овие избори победа извојувале двајца градоначалници кои биле кандидирани како независни. На овие избори Ристо Пенов е реизбран за градоначалник на Град Скопје и ќе ја води метрополата до следните локални во 2005 та .

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2005 ТА ГОДИНА На 13ти и 27 ми март се одржуваат локални избори по нов модел – први по децентрализацијата односно територијалната поделба на ниво на државата. На овие избори граѓаните гласаат за градоначалници на 83 општини и град Скопје. На овие избори за прв пат политиката сила ја „мери“ и ДУИ која веднаш извојува победа во општини со доминатно албанско население , во Чаир, Теарце, Гостивар, Дебар, Струга, Тетово, Арачиново, Брвеница, Врапчиште, Зајас, Боговиње, Липково, и Осломеј. На овие локални избори СДСМ ја „враќа во раце“ локалната власт со освоени 36 градоначалнички места, додека ВМРО – ДПМНЕ победува во 21 општина. На овие избори победа извојувале 7 независни кандидати. На чело на град Скопје застанува Трифун Костовски кој во изборната трка влегува како независен.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2009 ТА ГОДИНА Во март 2009 та заедно со претседателските избори во државата се спроведуваат нови локални избори. Во однос на локалните во 2005 та , СДСМ доживува „дебакл“ сведувајќи се на победа во само седум општини : Вранештица, Дебарца, Карпош, Куманово, Ново Село, Струмица и Охрид. Сеагашната опозициска ВМРО ДПМНЕ во 2009 та кулминира со изборна победа во 55 општини. ДУИ извојувала победа во 14 општини. На овие избори ВМРО ДПМНЕ со Коце Трајановски го освојува и град Скопје.

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2013 ТАС ГОДИНА На крајот од март и почетокот на април во државата се спроведуваат петтите по ред локални избори. Политичкиот амбиент е наелектризиран и поларизиран, особено по настаните во Собранието познати како „црн понеделник“. Сепак ВМРО ДПМНЕ на овие избори извојува силна победа во 56 општини – една повеќе од локалните во 2009 та. За СДСМ овие избори значат „политичка загуба“ со освоени само четири општини , Куманово, Ранковце, Струмица и Центар. ДУИ и на овие локални избори ја задржува власта на локално ниво во 14 општини односно градови. Коце Трајановски ја добива довербата за втор градоначалнички мандат.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2017 ТА ГОДИНА .Шестите по ред локални избори се спроведуваат во октомври 2017 та година – граѓаните гласаат во 80 општини , плус градот Скопје. Листи со кандидати за градоначалници и советници поднеле 19 партии и коалиции, како и 64 групи избирачи. Интересно е дека дури 45 кандидати извојувале победа уште во првиот изборен круг. На овие локални избори настапува радикална промена на „партиските“ бои на локално ниво. СДСМ од четири преминува на освоени 57 градоначалнички позиции, ВМРО ДПМНЕ од 56 се сведува на победа во 5 општини. Овие избори за ДУИ значат загуба на четири општини. За градоначалник имало 196 кандидати од кои 64 биле независни. На чело на град Скопје по локалните во 2017 та застанува Петре Шилегов.