Дел од долговите ќе се плаќаат до 2041 година!

АНЕТА ДОДЕВСКА
Според Владата, состојбата со задолжувањата е под контрола и во рамките на планот. Според дел од економистите, продлабочениот буџетски дефицит и зголемениот дефицит на тековната сметка на државата се сигнал дека без задолжувања, економијата и јавните финансии не можат да функционираат, пишува Порталб. Според податоците од Министерството за финансии, за една година, долгот на државата кон домашните кредитори е зголемен за скоро 540 милиони евра.
ДРЖАВАТА ПОВТОРНО ИЗДАДЕ 15-ГОДИШНИ ОБВРЗНИЦИ „Издавањето на државните хартии од вредност што котираат на официјалниот пазар на Македонска берза се дел од планираното задолжување на домашниот пазар, согласно усвоениот Буџет и Ребаланс за 2026“ – се огласи Министерството за финансии по најавените и реализирани нови задолжувања на домашниот пазар преку издавање на државни записи и државни обврзници.
Според податоците од Министерството за финансии, на домашниот пазар, до крајот на оваа економска година, планирани се 11 раздолжувања по основ на доспеани обврски и исто толку задолжувања. Податоците од Известувањата за ДХВ покажуваат дека само во текот на јули кон домашните кредитори за исплата доспеале 90 551 461 евра. Од друга страна државата во текот на истиот месец спроведе план за заем од скоро 140 000 000 евра. Конкретно, преку Берзата се објави продажба на државни обврзници со рок на доспевање од 15 и 3 години и задолжување преку записи со рок на доспевање од 12 месеци. Едната обврзница со рок на доспевање од 15 години е во износ од 6 116 233 а другата скоро 33 000 000 евра. Обврзницата со рок на доспевање од 3 години е во износ од 2 милиони евра. Дополнително преку државни записи со рок на доспевање од 12 месеци, државата позајмува 51 528 409 евра и 47 270 292 евра.
Обврзници и записи
6 116 233 е 15 години 5,00% камата
32 852 272 е 15 години 5,20% камата
2 000 000 е 3 години 4,35% камата
51 528 409 е 12 месечни 4,10% камата
47 270 292 е 12 месечни 4,10% камата
Извор: МФ
Ваквото темпо на задолжување заедно со поскапувањата на горивата, според опозициската СДСМ, укажуваат на колапс.
ОВА ИСТОРИЈАТА НЕ ГО ПАМЕТИ „Државата излезе на берза со нови обврзници од 41 милион евра – ново задолжување. За две години Мицкоски нè задолжи за повеќе од 2,5 милијарди евра. Ова историјата не го памети“ – реагираа од СДСМ. Од Министерството за финансии пак посочија дека со новите заеми на домашниот пазар се исплатиле скоро 190 000 000 евра а кон странските кредитори 801 200 000 евра.
Според дел од економистите без одржлив економски раст кој ќе се потпира на инвестиции и развој, нема одржливи јавни финансии.
„Македонската економија нема производен капацитет да испорачува поголема нова вредност, ниту за задоволување на домашната потрошувачка, а уште помалку за зголемен извоз. Ние се соочуваме со раст на буџетскиот дефицит, раст на дефицитот во надворешно трговската размена, раст на дефицитот во тековната сметка, приходите во капиталната сметка се минимални, додека финансиската сметка е секогаш со негативно салдо. Оваа година се соочуваме со драстично на намалување на приливот на средства на име на странски директни и други инвестиции, што налага потреба од дополнително задолжување“ – вели за „Порталб“ професорот Сами Бислими.
Заклучно со 26 јули, кон домашните кредитори државата должи 4 479 018 019 евра.
Задолжување на домашен пазар
Јули 2026 4 479 018 019 евра
Јануари 2026 4 194 634 090 евра
Јули 2025 3 941 144 480 евра
Извор : МФ
Според пресметката на “„орталб“ врз основа на податоците од Министерството за финансии, долгот во однос на истиот месец лани е зголемен за дури 537 873 540 евра додека од почетокот на годинава пак зголемувањето е за скоро 285 милиони евра.




