Македонија треба да го добие 9-от Републички јавен обвинител во независна држава а 19-от од Втората светска војна

Годинава треба да биде изгласан 9-от по ред Републички Јавен Обвинител во независна и суверена држава. На чело на оваа водечка и клучна институција во борбата со високо-профилен криминал се гласаа личности предложени од извршната Власт а заминуваа од позицијата со бројни критики за непрофесионалност и пристрасност во работата, пишува Порталб. Од заменик во Јавното обвинителство на тогашната Социјалистичка Р. Македонија, во 1988/9 застанува на чело на оваа институција и ќе ја води до 1996 та година. Со ова Марко Бундалевски бил првиот републички Јавен Обвинител во независна и суверена држава.
Втор шеф на државното Јавно обвинителство станува Стеван Павлески како предлог решение на тогашниот премиер Бранко Црвенковски. Павлески застана на чело на оваа институција во историски период кога тогашната СДСМ имаше неприкосновена апсолутна власт во државата. Токму во овој период се спроведува контроверзната операција за назначување на стотина судии низ државата – потег кој до ден денска се коментира како спорен од страна на аналитичарите. Павлески оваа функција ја врши од 1996 до 1999 година. Многу години подоцна тој се појави како бранител, односно адвокат на дел од обвинетите во аферата „Рекет“, меѓу кои и на Катица Јанева но само за неколку денови се повлече од улогата на нејзин адвокат.
Во историски турбулентни и критични години за безбедноста и за иднината на државата, Републичкото Јавно Обвинителство го водеше Ставре Џиков. На оваа функција беше именуван во 1999 година и ќе ја води институцијата до 2002 година. Во мандатот на Џиков, кој го опфаќа и конфликтот од 2001, покренати беа истрагите и обвиненијата за воени злосторства против т.н. ОНА и ја започнал соработката со трибуналот во Хаг. Од позицијата заминува по парламентарните избори во 2002- та , кога власта преминува во рацете на СДСМ. Џиков беше сменет по предлог на тогашната Влада, со образложение дека работел несовесно и нестручно, а од собраниската дебата се слушнаа и обвинувања дека ги штитeл интересите на тогашната Влада предводена од ВМРО ДПМНЕ.
По предлог на Владата, во 2003 -та Собранието го изгласа Александар Прчевски за нов државен Јавен обвинител. Остана запаметен по легендарната изјава: „Веројатно јас сум последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител.“, која се цитира до денеска. Промената на политичката гарнитура во Власта донесе нова „репризирана“ епизода за идниот Јавен обвинител – Прчевски беше обвинет за штитење на интересите на власта предводена од СДСМ.
Во 2007, Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ го предложи а Собранието го изгласа наследникот на Прчевски – нов републички Јавен обвинител стана Љупчо Шврговски. Ќе биде во врвот на обвинителската служба до 2013 та година. „Кога се менува власта нормално е дека секоја власт сака да си предложи свој обвинител, притоа кога велам „свој“ не мислам лично нејзин, туку обвинител во кој има доверба“ – изјави Шврговски веднаш по заминувањето од функцијата, по неговиот втор мандат. Во период на неговото „шефување“ големи, односно високо-профилни предмети, „паднаа“ на Апелација, но ваквиот епилог, Шврговски не го сметаше за неуспех. За време на неговиот мандат шеф на тајната полиција беше Сашо Мијалков , подоцна обвинет и осомничен во повеќе предмети на СЈО а како еден од неговите бранители беше токму Шврговски.
Во предворјето на избор на нов републички јавен обвинител, Шврговски одлучи да не се кандидира за уште еден мандат. Во јануари 2013 та година за шеф на Државното ЈО е изгласан Марко Зврлевски. Следува турбулентен приод во кој јавноста бараше одговори на бројни прашања поврзани со начинот на трошење на народните пари. На Зврлевски му се адресираа големи критики за недоволна иницијативност за постапување во тогашните афери како „Скопје 2014“, „Македонска банка“, „Актор“ а особено останува забележано нереагирањето по тешките инциденти во Парламентот на 24 декември 2012 та кога пратениците на тогашната опозициска СДСМ беа насилно исфрлени од салата за време на расправата за усвојување на Буџетот. Подоцна работата на Зврлевски ќе биде на удар на жестоки критики за постапката во случајот „Пуч“, како и за начинот на кој ја водеше истрагата за 27 април.
По изборите во 2017 та година, Владата предводена од СДСМ ургентно предложи нов републички Јавен обвинител – Љубомир Јовески застанува на чело на оваа институција на крајот од 2017 та и ќе ја води се до крајот на 2023 та година. И тој како и Шврговски се двајца обвинители кои остануваат во врвот на обвинителството во два последователни мандати. Јовевски го води обвинителството во период на избивање на една од најголемите афери – „Рекет“, поврзана со неговите колеги од тогашното СЈО а во фокусот беше и поради отворена вербална кавга со Вилма Русковска, тогашната шефицата на ОЈО ГОК.
Јовевски ја напушти функција откако се пензионираше, пред околу една и пол година. За негов наследник беше изгласан Љупчо Коцевски. Од позиција на опозиција ВМРО ДПМНЕ жестоко ја критикуваше неговата работа а по промената на власта започна постапката за негово разрешување, но беше стопирана поради кочанската трагедија. Мандатот на Коцевски ќе го одбележи предметот „Пулс“ кој се смета за еден од најголемите и најкомплексните во историјата на државата. Коцевски , непосредно пред гласањето за неговото разрешување во Собранието, поднесе оставка.
Македонија треба да го добие 9-от Републички јавен обвинител во независна држава а 19-от од Втората светска војна. Процедурата за избор веќе е започната а за позицијата има пет кандидати.
(portalb.mk)




