Порталб“ врз основа на податоците за приходите и расходите на буџетот на ПИОМ

АНЕТА ДОДЕВСКА
За редовна исплата на пензиите до крајот на годинава, Владата го зголеми буџетот на ПИОМ за 40,6 милиони евра, сума која ќе ја инјектира на државниот фонд преку централниот буџет. „Порталб“ врз основа на податоците за приходите и расходите на буџетот на ПИОМ анализира како ќе се полни и троши фондовска каса и колку се зголемија државните трансфери без кои не може да има редовна исплата на пензиите. Новите јунски податоци покажуваат дека расте и бројот на пензионери.
Ребалансиран буџет на ПИО – приходите од наплата на придонеси исти, трошоците за пензии зголемени …
Со ребалансот на Буџетот вкупните расходи на државниот Фонд за пензиско осигурување надминаа 2,2 милијарди евра – историски највисока трошковна страна која во однос на првичниот буџет за годинава се зголеми за 40,6 милиони евра. Растот на расходите на ПИО веќе беа испланирани, уште пред да се усвојат законските измени за линеарен пораст на пензиите за 1 000 денари во два наврати, во септември и во март. На расходната страна, најголем дел од буџетот или 2,21 милијарда евра е за исплата на социјални бенефиции во кои пак доминираат пензиите за чија исплата годинава ќе се потрошат 1,74 милијарди евра. . Според пресметката на “Порталб“ оваа ставка во однос на првичниот буџет е зголемена за дури 40,8 милиони евра.
Редовната исплата на пензиите и порастот на висината на пензиите повторно ги зголемија трансферите од Централниот буџет до ПИО кои годинава надминаа 800 милиони евра, што претставува пораст за 40,6 милиони евра во однос на првичниот буџетски план за годинава.
Трансфер од Централен Буџет до ПИО
Буџет 2025 787 000 000 евра
Ребаланс на Буџет 2025 827 642 300 евра
Извор: Буџет
„Зголемен трансфер до Фондот за ПИОМ од Централен Буџет со цел непречено финансирање и исполнување на обврските на Фондот за исплата на зголемените пензии и транзициски трошоци“ – се наведува во ребалансираниот буџет.
Растот на приходната страна на ПИО се потпира исклучиво на планираната државна инјекција од 40,6 милиони евра, додека проектираните приходи од наплата на придонеси, кои се носечки извор за ПИОМ, остануваат на иста позиција како и со првичниот буџет, на ниво од 1,34 милијарди евра.
Пораст на бројот на пензионери – на крајот од јуни повеќе од 346 000 …
Додека од година во година растат буџетските трансфери за одржување во “живот“ на државниот пензиски фонд, расте и бројот на пензионери. Новите податоци од ПИОМ покажуваат дека заклучно со првата половина од годинава во државата имало 346 395 што е за 1 599 повеќе во однос на мај, годинава.
Најголем дел од пензионерите или 35,71% имаат пензија од 18 193 денари до 21 909 денари, со пензија од 27 501 до 43 739 денари се 26,94% а трето место според бројноста, односно 23,16% од пензионерите добиваат пензија во износ од 21 910 до 27 500 денари.
Висина на пензија % на пензионери
До 18 192 ден 7,50%
Од 18 193 до 21 909 ден 35,71%
Од 21 910 до 27 500 ден 23,16%
Од 27 501 до 43 739 ден 26,94%
Од 42 740 до 62 481 ден 5,72%
Над 62 482 ден 0,98%
Извор: ПИО
Просечната пензија во јуни изнесувала 26 207 денари. Владата експресно предложи а Парламентот експресно, по скратена постапка ги усвои законските измени за линеарно зголемување на пензиите за 1000 денари во два наврати. Дел од економистите и опозициската СДСМ посочија дека со овој модел првата категорија на пензионери со најниска пензија нема да добијат ништо повеќе од она што им следува и со моделот на усогласување, но сите останати ќе бидат “оштетени“ за различна сума. Владата го оправдува линеарниот пораст на пензиите со грижа за стандардот на пензионерите и одржување на солидарноста кај оваа категорија на граѓани. „Порталб“, повикувајќи се на изјави од експерти, веќе анализираше дека линеарниот пораст на пензиите има предизборен контекст во пресрет на локалните избори а не е исклучено дека може да биде и „предвесник“ на предвремени парламентарни избори.