Поттикот за најновите измени во законската сфера кај судиите ги даде Венецијанската комисија. Се работи за законите за дисциплинска одговорност и евалуација на судиите од декември 2015 година, препораки со кои се бара да се зајакне квалитативниот критериум во оценувањето на судиите, како и за прашањата поврзани со утврдувањето на „вина“ на судијата како основ за утврдување на одговорност
АЛЕКСАНДАР ГЕОРГИЕВ
Важен новитет е основот за разрешување на судија кој при одлучувањето не ги применува ставовите изразени во конечните пресуди на Европскиот суд за човекови права. Со ова се дава до знаење дека судиите мора да ги почитуваат пресудите од судот во Стразбур, како и да се спречи различно толкување од страна на поединечни судии
Согласно Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, донесена во ноември 2017 година, во која во делот на правосудството се прифатени и вградени сите препораки на релевантните меѓународни институции се пристапи кон ново усоглaсување на Законот за Судскиот совет и Законост за судовите.
Согласно препораките, со измените во овие два закони се цели кон зајакнување на квалитативниот критериум во оценувањето на судиите и претседателите на судовите во однос на квантитативниот во сооднос 60-40 проценти, преку вградување на препораките од Венецијанската комисија дадени во последните изменувања и дополнувања на Законот за Судски совет на Република Македонија, во однос на транспарентното работење на Советот.
Во таа насока се и измените во Законот за судовите со кои треба да се направи усогласување со забелешките дадени од страна на Венецијанската комисија за законите за дисциплинска одговорност и евалуација на судиите од декември 2015 година, препораки со кои се бара да се зајакне квалитативниот критериум во оценувањето на судиите, како и за прашањата поврзани со утврдувањето на „вина“ на судијата како основ за утврдување на одговорност.
На 02.05.2018 година, на 45-та седница на Собранието на Република Македонија, владеачкото мнозинство ги донесе измените на Законот за судовите и на Законот за Судскиот совет.
Една од поголемите реформи во овие закони и која пробуди најголем интерес во јавноста се основите за разрешување на судиите и на претседателите на судовите, кои главно произлегоа од злоупотребите кои се правеа во судовите, посебно со распределбата на предметите, честото изменување на годишниот распоред на судиите, како и протекувањето на доверливи информации од важни судски предмети, за кои никој не сноси одговорност.
Согласно Законот за судовите, судија се разрешува поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција.
Одлука за разрешување на судија донесува Судскиот совет на Република Македонија.
НЕСТРУЧНО И НЕСОВЕСНО ВРШЕЊЕ НА СУДИСКАТА ФУНКЦИЈА
Под нестручно и несовесно вршење на судиската функција се подразбира незадоволителна стручност или несовесност на судијата што влијае на квалитетот и ажурноста во работењето, и тоа:
– Ако во две редовни последователни оценувања не ги исполнува критериумите за успешност во работењето, по вина на судијата без оправдани причини, за што е оценет со две негативни оценки, а согласно постапката утврдена со Законот за Судски совет на Република Македонија,
– несовесно, ненавремено или немарно вршење на судската функција во водењето на судската постапка по одделни предмети,
– пристрасно водење на судската постапка особено во однос на еднаквиот третман на странките,
– постапување со предметите спротивно на начелото за судење во разумен рок, односно одолжување на судската постапка без постоење на законски основ,
– неовластено издавање на класифицирани информации,
– јавно изнесување на информации и податоци за судски предмети за кои не е правосилно одлучено,
– намерно повредување на правилата за правично судење,
– злоупотребување на положбата или пречекорување на службените овластувања,
– повреда на прописите или на друг начин нарушување на независноста на судиите при судење,
– грубо повредување на правилата на Судискиот кодекс со кој се нарушува угледот на судиската функција.
– Ако е донесена пресуда од страна на Европскиот суд за човекови права во која е утврдена повреда од членовите 5 и 6 од Европската конвенција за човекови права.
Со новите измени во делот на ,,Нестручно и несовесно вршење на судиската функција”, се прави интервенција во алинеја 11 која се менува и се воведува основ за разрешување доколку судија со судската одлука направи повреда на членовите 5 и 6 од Европската конвенција за човекови права , а кои се однесуваат на Правото на слобода и безбедност (чл.5) и Правото на правична судска постапка (чл. 6).Преку оваа измена се очекува судиите повеќе да внимаваат на праксата од судот во Стразбур, и да обрнат повеќе внимание кон имплементирање на таа пракса при донесувањето на судските одлуки.
Претходното решение во поглед на алинеја 11, предвидуваше разрешување на судија доколку е утврдена повреда на правото на правично судење согласно со членот 6 од Европската конвенција за човекови права или е донесена одлука на Врховниот суд на Република Македонија со која е утврдена повреда на правото за судење во разумен рок, како резултат на постапување на судија.
ПОТЕШКА ДИСЦИПЛИНСКА ПОВРЕДА Потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување на одговорност на судија како основ за разрешување се смета:
членување во политичка партија;
оневозможување на вршење надзор над судиската работа од страна на повисокиот суд;
искористување на својата функција и угледот на судот за остварување на свои приватни интереси;
потешка повреда на јавниот ред и мир со која се нарушува угледот на судот и неговиот углед утврдена со правосилна судска одлука;
постигнување на незадоволителна оценка во две редовни последователни оценувања од страна на Судскиот совет на Република Македонија што се смета за нестручно и несовесно вршење на судиската функција;
вршење на друга јавна функција, работа или дејност која не е спојлива со вршењето на судиската функција ;
примање подароци и други користи во врска со судиската работа;
При одлучувањето не ги применува ставовите изразени во конечните пресуди на Европскиот суд за човекови права и изнесува (открива) доверливи информации кои ги сознал постапувајќи по предметите или вршејќи ја судиската функција.
Со новите измени, целосно се менува делот во кој се наведуваат потешките дисциплински повреди, кои во претходното законско решение беа во многу мал број и кои главно се однесуваа на бројот на решени предмети, повредата на јавниот ред и мир и слично. Видно од основите за разрешување по овој основ, истите се засноваат на претходните лоши искуства со големиот број на опструкции на важни судски предмети, влијанието на политичките партии, примањето на подароци со добро познатиот скандал со „сваровски судии“ како и протекувањето на доверливи информации од судските предмети.
Важен новитет е основот за разрешување на судија кој при одлучувањето не ги применува ставовите изразени во конечните пресуди на Европскиот суд за човекови права. Со ова се дава до знаење дека судиите мора да ги почитуваат пресудите од судот во Стразбур, како и да се спречи различно толкување од страна на поединечни судии. Ова од причина што толкувањето на Конвенцијата за човековите права го врши само Европскиот суд .
Согласно новите измени за дисциплинските повреди од точките 1), 3), 4), 6), 7), 8) и 9) претседателот на судот е должен во рок од осум дена од денот на осознавање на сторената повреда, но не подолго од три месеци од сторената повреда, е должен писмено да го извести Судскиот совет на Република Македонија, а додека за дисциплинската повреда од точка 4) на овој член претседателот на судот каде е донесена правосилната одлука, е должен веднаш по правосилност на одлуката писмено да го извести Судскиот совет на Република Македонија и претседателот на судот каде судијата ја врши судиската функција.
ОСНОВИ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СУД Претседател на суд се разрешува од функција претседател, кога Судскиот совет на Република Македонија во постапка ќе утврди исполнување на некои од следниве основи:
– злоупотреба на положбата и пречекорување на службените овластувања,
– незаконско и ненаменско располагање со финансиските средства на судот,
– неизвршување или ненавремено извршување на работите на судската управа,
– влијаење врз независноста на судиите во врска со одлучувањето по одделни предмети,
– предизвикува потешко нарушување на односите во судот кои значително влијаат врз работењето на судот,
– повреда на одредбите за измена на Годишниот распоред на судии,
– неприменување на одредбите во врска со управувањето и распределбата на судските предмети,
– повреда на одредбите за измена на Годишниот распоред на судии,
– ако како претседател на суд од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценет со негативна оцена, согласно со закон и
– ако не го извести Судскиот совет на Република Македонија за сторената потешка дисциплинска повреда од страна на судија за која се поведува постапка за дисциплинска одговорност на судија, согласно со членот 76 од Законот за судовите.
– оневозможува вршење на надзор во судот согласно закон и
– не поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија согласно закон, а знаел или бил должен да знае за постоење на законските причини.
Согласно новите измени како нови основи за разрешување на Претседател на суд се воведуваат повредите на одредбите за измена на Годишниот распоред на судии, неприменување на одредбите за распределба на предмети, оневозможување на вршење на надзор во судот и доколку не поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија согласно закон, а знаел или бил должен да знае за постоење на законските причини.
Преку овие новитети се врши зголемување на одговорноста на претседателите на судовите посебно во однос на почитување на одредбите за измени во годишниот распоред на судиите и распоредот на судските предмети. Причината е што во изминатиот период бевме сведоци на често менување на распоредот на судии, како и на злоупотреба на АКМИС системот преку доделување на одредени судски предмети на исти судии.
Воедно, на претседателите на судовите им се дава важна улога и одговорност во поглед на утврдувањето на одговорноста на судиите, преку обврската за поднесување на предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија и обврската за задолжително известување на Судскиот совет доколку настапат потешки дисциплински повреди.
Сепак за да заживеат во пракса овие одредби, основен услов е да има силен Судски совет, кој ефикасно ќе постапува, и ќе ја остварува својата улога како самостоен и независен орган кој што ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери. Опремата е на Глобус