И новите податоци на Заводот за статистика покажуваат тренд на намалување на ученици, и во основното и во средното образование. Оваа учебна 2024/2025 во редовните основни и средни училишта наставата ја започнале 247.770 ученици, пишува Порталб.мк. Во споредба со ланската година намалување има и на бројот на основци и на бројот на средношколци

АНЕТА ДОДЕВСКА
За една деценија драматично намалување на бројот на ученици
Оваа учебна година во основните училишта се регистрирани 180.627 ученици и во споредба во учебната 2023/2024 бројот е намален за скоро 1.500 или за 0,8 отсто.
Според новите податоци од Заводот за статистика годинава средното образование го започнале 67.143 ученици што е помалку за 135 ученици во однос на претходната учебна година или намалување за 0,2 отсто. Во оваа година во редовните основни и средни училишта во однос на претходната учебна година, имало 1.635 ученици помалку.
„Порталб“ направи споредбена анализа на податоците во изминатите 10 години со цел да се добие слика за трендот на бројот на ученици во редовното и во средното образование. Во оваа учебна година во споредба со 2014/2015 бројот на основци е намален за 6 отсто, а на средношколци за дури 19,6 отсто.
Основно образование Средно образование
2014/2015 192 165 83 522
2024/2025 180 627 67 143
Извор: ДЗР
Конкретно, во 2014/15 имало 192.165 ученици во основното и 83.522 во средното образование и годинава во однос на споредбената, пред десет години, поголем е падот кај бројот на ученици во средното образование.
Сумираните податоци покажуваат дека во 2024/25 во однос на 2014/15 вкупниот број на ученици е намален за скоро 28.000 што значи дека просечно, годишно државата „губи“ по 2.800 ученици.
Поради прецизност за утврдување на трендовите, „Порталб“ направи и увид на состојбата по години, во период од една деценија. Официјалните податоци покажуваат дека во изминатите 11 учебни години (заедно со оваа учебна година) само во три имало раст на бројот на основци, во учебните години 2014/15 за 0,6 отсто, најголемиот пораст од 3,6 отсто е во 2016/17 и за 0,2 отсто во 2020/21, во сите останати учебни години е регистриран годишен пад на бројот на регистрирани ученици во редовните основни училишта.
Основно обрз. Средно образ.
2014/2015 0.6% -3,4%
2015/2016 -3.2% -3,9%
2016/2017 3.6% -4.9%
2017/2018 – 0.1 % -6.5 %
2018/2019 -2.3 % 0.3 %
2019/2020 -0.5 % -2.3 %
2020/2021 0.2 % 2.6 %
2021/2022 -0.5 % – 1.1 %
2022/2023 – 0.8 % -2.5 %
2023/2024 -1.6 % -2,8%
2024/ 2025 -0.8 % -0,2%
Извор : ДЗР
Состојбата со средните училишта, судејќи според бројките, е уште поалармантна. Во анализираниот 11 годишен период, пораст на бројот на средношколци има само во две учебни години, во 2018/19 за 0,3 отсто и во 2020/21 за 2,6 отсто. Во останатите девет училишни години бројот на средношколци е во пад – во март 2017/18 за дури 6,5 отсто и во 2016/17 за 4,9 отсто.
Демографски политики – каде се?
Министерството за социјална политика доби проширени ингеренции и за демографија, а во Владата е назначен и Национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси. Едно од најважните предизборни ветувања на владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше токму демографијата – зголемување на наталитетот и запирање на одливот на работна сила и на младо население кое неповратно ја напушта државата. Токму ваквиот егзодус е клучниот фактор зошто се намалува бројот на ученици, од првачиња до матуранти.
Демографијата е нотирана и како приоритетна цел во Националната развојна стратегија 2024-2028 година. Еве дел од целите кои се ставени на „хартија“ :
намалување на трошоците поврзани со воспитување на деца
активација на жените на пазарот на работна сила
промовирање на реинтеграција на повратниците – иселениците
развој на руралната инфраструктура
изградба на домови со пристапни цени
правичен систем на социјална заштита
инвестиции во здравството, образованието
Планот за справување со намалената наталитетна стапка од една страна, и обидот за задржување на наталитетните семејства дома, води преку речиси сите ресори, здравство, образование , социјала, економија. Во меѓувреме статистиките покажуваат, засега, незапирлив тренд на егзодус кој се рефлектира во сите пори на општеството, во образованието со помалку ученици, на пазарот на труд со дефицит на работна сила, во здравството со недостаток на стручен кадар.