Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

АНАЛИЗA: МАРТ СО ИНФЛАЦИЈА, СЕРИОЗНИ УДАРИ ВРЗ СТАНДАРДОТ НА ГРАЃАНИТЕ

April 8, 2026 Filed Under: Македонија

Минатиот месец донесе инфлација од околу 10%, проекцијата од 2,5% ќе остане само на хартија. Граѓаните и фирмите веќе се на удар на „ценовно цунами“ – економијата се соочува со последици

ПАД НА КУПОВНАТА МОЌ Сега се купува на парче а не во килограми

АНЕТА ДОДЕВСКА

Годинава може да се соочиме и со двоцифрена инфлација, проектираната од 2,5% веќе е јасно дека е недостижна, коментираат економистите за “Порталб“. Велат дека отстапувањето од планираната стапка на инфлација ќе ги измести и останатите економски прогнози за годинава. Економистите сметаат дека јавните финансии се соочени со “поместување“ поради неопходноста од таргетирани мерки за заштита на стандардот на најранливите семејства.

ЦЕНИТЕ ПРИРИСНАА Со стапка на инфлација повисока од 4 %, економски раст од 3,8% не значи ништо, велат економистите. Со отворањето на новиот воен фронт на Блискиот Исток, „тонат“ и економските прогнози за годинава која треба да заврши со инфлација од само 2.5% и раст на БДП од 3,8%. Според Сами Бислими, професор и еден од поранешните министри за економија, годинава ќе се соочиме со висока стапка на инфлација, која може да биде и дури двоцифрена.

„Проектираната стапка на инфлација од 2,5% на годишно ниво е веќе надмината во првите два месеци од годината (4%). Новиот бран на поскапувања во месец март ќе донесе стапка на инфлација што нема да биде  под 10%. Во вакви околности залудно е да се зборува за проекции на инфлацијата од 2,5 %. Ова година, стапката на инфлација нема да биде помала од 20%, оти секојдневно се соочуваме со раст на цените. „Хартијата“  трпи се, кај нас статистиката е збир на неточни податоци. Стапката на инфлација се мери според формулата – растот на општото ниво на цените поделено со општото ниво на цените во почетниот период (година, квартал, месец)“ – вели професорот Бислими за „Порталб“.

Според сегашните буџетските прогнози за годинава инфлацијата беше позиционирана на 2,5%, далеку пониско ниво од ланската која достигна 4,1%.  Од почетокот на 2026 та, на годишно ниво, оваа стапка веќе е “пробиена“ па така трошоците на живот во јануари се зголемени за 3,2% додека во февруари во однос на истиот месец лани, растот изнесува 2,9%. Во првите два месеци од годинава во споредба со истиот период лани, индексот на трошоците на живот е зголемен за 3%.

Инфлација која е далеку повисока од планираната ќе значи и „поместување“ на останатите економски прогнози, пред се за животниот стандард мерен преку растот на БДП. За да се амортизира ударот, според  дел од економистите, ќе мора да се донесат дополнителни таргетирани мерки за најсиромашните.

„Треба да се донесат многу повеќе мерки од она што досега е направено бидејќи мое лично мислење е дека овој нафтен шок и оваа криза се многу посилни од онаа во 2022 година. Меѓутоа, сите анализи покажуваат дека потенцијалот на оваа последна нафтена криза е три пати повисок од оној во 2022 година.  Мислам дека многу подобри ефекти можат да се постигнат ако се намалат акцизите и исто така треба да се засили на антимонополската контрола и инспекциите“ смета академик Таки Фити.

Во вакви кризни околности, според економистите веќе се постапува прашањето и за проектираниот раст на БДП од 3,8%

„Македонската економија нема капацитет за да постигне реален раст на БДП од 3,8%, особено поради фактот што голем број од капацитетите во Слободните економски зони или престанале да работат, или пак, работат со намален капацитет, што пак се гледа во намалениот износ на извозот, а само овие компании учествуваат со 20% до 25% во вкупниот извоз на македонската економија. Нема одржлив економски раст, ниту пак зголемување на стапката на економски раст без зголемување на производниот капацитет на економијата, а тоа се постигнува со зголемување на инвестициите, посебно во делот на примената на нови знаења и технологии“ – вели Бислими.

И оваа недела на сила е намален ДДВ за горивата – засега единствена мерка за ублажување на последиците од нафтената криза. Состојбата со движењето на цените се следи од страна на мешовита работна група и од Владата не ја исклучија можноста од нови мерки.

Граѓаните и фирмите веќе се на удар на „ценовно цунами“ – економијата се соочува со  последици. Цената на тон железо надмина 750 евра. Домашната инфлација е повисока од европската. Приватниот сектор алармира дека кризата веќе тропна на врата и на нашата економија. Ценовниот притисок веќе го чувствуваат и граѓаните. Владата пакува мерки за амортизирање на ударот, опозицискиот фронт обвинува дека од граѓаните веќе се „извлечени“ милионски суми само од поскапените горива.

Граѓаните и дел од компаниите се справуваат со првите последици од новиот ценовен бран …

„Секој ден некој производ поскапува од два до три денари, цената на маслото за јадење веќе е над 100 денари , јајцата и дел од овошјето поскапеа“ – вели продавачка во еден од маркетите и додава дека само еден ден по првото поскапување на нафтените деривати, цената на килограм банани и мандарини се зголеми од 30 до 40 денари, иако количините биле набавени претходно.

Економијата повторно влегува во ризична ценовна зона поради новиот воен фронт на Блискиот Исток. За граѓаните, ударот е преку зголемените цени на горивата и поскапените, пред се,  основни прехранбени производи.

Владата мора да посегне по мерки кои ќе го ублажат ценовниот притисок а  тоа може да се направи преку замрзнување на дел од цените или пак преку намалување на ДДВ за  храната но и за горивата – коментираат економистите. Веќе е потврдено дека ќе има одредени мерки кои ќе опфатат  времено намалување на ДДВ. Ваквиот потег ќе следува по две драматични последователни поскапувања на нафтените деривати. Литар дизел гориво за две недели поскапе за повеќе од 20 денари а цената на бензините се зголеми за 12 денари.

Поскапените нафтени деривати, економскиот застој во земјите кои се наши трговски партнери, намалени нарачки, намален побарувачка – надворешните ризици веќе заторпаа на врата и на нашата економија – велат бизнисмените со кои разговаравме.

„Многу е важно кога состојбата на Блискиот Исток ќе се смири. Ако цената на нафтата оди нагоре штетите ќе бидат големи, ова ќе биде еден од најголемите удари за економијата. Некои анализи упатуваат на раст на цените и до 200 долари за барел. Кај нас инфлацијата мора да се одржува на ниво блиско до европската – во спротивно ќе имаме проблем со платниот биланс, со трговскиот дефицит. При вакви ценовни шокови на удар се најсиромшаните, кои трошат за основни прехранбени производи“ – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

И градежната индустрија веќе се соочува со поскапени репроматеријали.

„Пред 10 тина дена тон железо на светските пазари чинеше 620 евра сега надмина 750 евра . Поскапените горива притиснаа на другите цени. Ако војната потрае ќе се соочиме со големи проблеми“ – вели Ивица Јакимовски од Градежната комора при ССК.

Дел од опозициските партии обвинија дека токму во овој период, трошокот на граѓаните за горива е зголемен за 10 милиони евра.

„Само во последните две недели, граѓаните платиле над 10 милиони евра повеќе за нафтени деривати. Зголемувањето на цената од 21 денар по литар директно ги погоди граѓаните“ – покажале пресметките на ДУИ од каде побараа итни мерки во предворје на празниците.

И од опозициската СДСМ најавија дека ќе предложат пакет законски измени за намалување на  акцизите на горивата, ДДВ-то на основните прехранбени производи и преполовување на цената на патарините.

Трошоци на живот февр 2026/февр2025

Храна и безалкохолни пијалаци                           +3,9%

Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици             +4,9%

Покуќнина, одржување на домаќинствата        +4,6%

Рекреација, спорт и култура                                   +5,4%

Ресторани и услуги за сместување                      +4,1%

Извор: ДЗС

Во февруари трошоците на живот на годишно ниво се зголемени за 2,9% додека годишната инфлација во ЕУ изнесува 1,9%.

Filed Under: Македонија

ПРОГНОЗИТЕ СЕ ДРAМАТИЧНИ, ШТО СЕГА ЈА ЧЕКА ЕВРОПА?
ТРЕТАТА ВЛАСТ ПОД ПОСТОЈАНИ УДАРИ ПО ИЗБОРОТ НА НОВИОТ РЕПУБЛИЧКИ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ
УБИВАЊЕ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ – ИНДЕКС ЗА ДРЖАВНАТА ТОРТУРА
СТОБИ ПОВТОРНО ГО ПРИВЛЕКУВА ВНИМАНИЕТО
ФИЛИП СЕНДС:  МИСТЕРИЈА Е ЗОШТО ЛУЃЕТО ВО БУГАРИЈА СО НИВНАТА ИСТОРИЈА ПОД РУСКАТА ЧИЗМА ЈА ПРИФАЌААТ ИСТАТА

Најново

  • ПРОГНОЗИТЕ СЕ ДРAМАТИЧНИ, ШТО СЕГА ЈА ЧЕКА ЕВРОПА?
  • ТРЕТАТА ВЛАСТ ПОД ПОСТОЈАНИ УДАРИ ПО ИЗБОРОТ НА НОВИОТ РЕПУБЛИЧКИ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ
  • УБИВАЊЕ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ – ИНДЕКС ЗА ДРЖАВНАТА ТОРТУРА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet