Ова е нов и попрагматичен пристап во однос на соработката меѓу двете држави, тврди американската амбасадорка во земјава
Една година од воспоставувањето на стратешкиот дијалог помеѓу Северна Македонија и САД, кој државниот секретар Антони Блинкен и македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, го лансираа минатата година на 2-ри јуни во Вашингтон. Министерот Османи, вели дека тој е значајна пресвртница во билатералните односи меѓу две држави, но и чекор напред по 30 години од воспоставувањето дипломатски односи, по 15 години стратешко партнерство и 3 години силно сојузништво во НАТО Алијансата.
„САД се дел од нашата приказна, уште од самото осамостојување на земјата, а нашите меѓусебни односи стануваат се подлабоки и поцврсти. Како стратешки партнери, ни претстојат бројни активности со цел адресирање на предизвиците на земјава како што е натамошно зајакнување на нашиот автентичен модел на функционална мултиетничка демократија, борбата против корупцијата, инвестициите во инфраструктурата, но и интеграцијата на земјава кон ЕУ, што е наш заеднички стратешки интерес“, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Амбасадорката на САД во Скопје, Ангела Агелер, рече дека САД ќе бидат постојан поддржувач на земјата.
„Годишнината од нашиот стратешки дијалог е можност да се осврнеме на повеќе од три децении, американско-македонско партнерство, на она што го постигнавме заедно, како и на заедничките предизвици што следуваат. Патот на земјата до овој клучен момент во својата историја не беше лесен, а претстојат и тешки одлуки. Но САД отсекогаш биле и ќе бидат ваш постојан поддржувач и најголем пријател. Ќе бидеме со вас рамо до рамо, додека ги постигнувате вашите цели за безбедност, просперитет и можност во рамките на европската заедница“, рече Агелер.
Професорот Мерсел Биљали, стратешкиот дијалог го оценува, како нов и попрагматичен пристап во однос на повеќе сегменти во соработката меѓу двете држави. Земјава со него добива, вели, конкретизација на сите прашања, обврски и идеи, кои се релевантни за развојот на државата, како и за секој можен безбедносен ризик и нивното одвраќање.
„Ако поаѓаме од безбедносниот аспект кој е многу важен, кој чекори да ги преземе државата за да се зачува внатрешниот и регионалниот мир и тука треба да се координираме со институциите на САД. Од аспект на внатрешните реформи, тоа претпоставува една перманентна комуникација и помагање за да се зајаканат капацитетите на институциите, посебно на правосудството, јавната администрација, како и системот по заслуги, кој недостасува кај нас, а кој е клучен за развој на една држава. Тука е и аспектот на инвестициите“, изјави професорот Мерсел Биљали.
Стратешкиот дијалог со САД е скоро од иста важност како и преговорите за членство во ЕУ, вели аналитичарот, Џелал Незири. „Ваквото ниво на соработка со најсилната земја во светот значи многу за нашата држава. Помошта во реформите, во борбата против корупцијата, во меѓународните процеси и секој вид на поддршка од САД е голем поттик за земјата и општеството да се движат напред. Една година по започнувањето на овој дијалог, Северна Македонија ги зацврсти односите со САД во сите сфери: од соработката во регионалните иницијативи па се до безбедноста на земјата. Во овој контекст големи се можностите и во продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, која би значело не само повеќе инвестиции од САД, туку и отворање на американскиот пазар за производите од Северна Македонија. Од независноста на Северна Македонија па се досега САД биле најзначајниот партнер на Северна Македонија, гарантор на безбедноста на земјата и голем поддржувач на севкупниот прогрес. Затоа, започнувањето на Стратешкиот дијалог е преминување на друго повисоко ниво, од кое придобивките ќе бидат многу големи“, вели аналитичарот Џелал Незири.
Во меѓувреме на денот, кога се одбележува една година од стратешкиот дијалог во земјава, поточно во касарната во Штип, пристигнаа новите лесни оклопни возила JLTV Oshkosh, наменети за армијата.
„Забрзано ја модернизираме армијата со најнова и најсовремена опрема. Лесните оклопни возила JLTV се дел од процесот за модернизација и опремување на Армијата на Република Северна Македонија согласно НАТО стандардите и истите ќе бидат поддршка на лесната пешадиска баталјонска група во Штип, која воедно е нашата НАТО единица. Пристигнува уште еден конвој, со што ќе располагаме со 32 возила од овој тип“, напиша министерката за одбрана, Славјанка Петровска
Инаку координатор на сите активности, поврзани со стратешкиот дијалог е Министерството за надворешни работи, кој изготви и т.н. акциски план, кој предвидува реализација на проекти од различни области. Истиот е усвоен и од страна на македонската влада.