Очекувањата на НБРМ се дека каматните стапки ќе одат нагоре, се прават обиди тоа да биде умерено
Растот на домашната економија годинава ќе има намалено темпо во споредба со претходната проекција и се очекува да достигне 2,9 проценти, а веќе следната година растот би бил 3,6 отсто, соопшти Народна банка на Македонија. Гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска – Бежоска на последниот прес посочи дека поради шокот предивикан од воениот конфлик во Украина проекциите за раст на екномијата биле намалени, но потенцираше дека и натаму се очекува раст.
– На среден рок, се очекува задржување на солидниот економски раст, со реална стапка од 4 отсто во 2024 година. Најновите проекции упатуваат на просечна инфлација од 8,8 проценти во 2022 година, при очекувања за постепена стабилизација до крајот на годината. Неизвесноста во однос на идните движења на цените е исклучително висока, но согласно со проекциите на меѓународните финансиски институции, се оценува дека притисоците постепено ќе се стабилизираат кон крајот на годината, така што веќе во следната година се очекува значително забавување на ценовниот раст. Следствено, за 2023 година, се очекува забавување на стапката на инфлација по што би се свела на 3 отсто. На среден рок, се очекува инфлација од околу 2 проценти, во просек, во согласност со октомвриските очекувања – укажа гувернерката.
Од НБРСМ појаснуваат дека во услови на ескалација на геополитичките тензии, нови нарушувања на синџирите на снабдување и натамошен раст на цените на примарните производи на светските берзи, оцените за надворешната позиција на економијата во рамките на овој циклус проекции се понеповолни.
Банкарите посочија оти среднорочната проекција на билансот на плаќања упатува на повисок дефицит во тековната сметка за периодот 2022 – 2024 година, главно поради сѐ повисоките цени на сите примарни производи, особено од цените на енергентите. Во рамките на најновите проекции, за 2022 година се очекува продлабочување на дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања до 8 процнети од БДП.
– Основен фактор за ваквите поместувања во тековната сметка се движењата во размената на стоки и услуги, конкретно влошувањето на трговскиот дефицит, со умерен придонес и на намалениот суфицит кај услугите. Согласно со очекувањата за нормализирање на состојбите во глобалната и во домашната економија во 2023 година, предвидено е дефицитот на тековната сметка да се стесни до 4,5 отсто од БДП, согласно со проектираното стеснување на негативното салдо во размената на стоки и услуги. За 2024 година, се очекува дека дефицитот во тековната сметка дополнително ќе се намали и ќе се сведе на 2,3 проценти од БДП, слично ниво како и во претпандемичниот период. Показателите за адекватноста на девизните резерви упатуваат на нивно задржување во сигурната зона во текот на целиот период на проекциите – потенцираат од НБРСМ.
Во првиот квартал од годината, кредитната активност на банките имаше важна улога во поддршката на економијата, во услови на натамошен приспособлив карактер на монетарната политика и стабилен банкарски систем. Иако растот на кредитите забрза во првиот квартал од 2022 година, очекувањата за 2022 година се дека растот ќе продолжи до крајот на годината, но поумерено, во услови на нагласена неизвесност, забавен економски раст и поумерен раст на депозитната база. Притоа, за целата 2022 година кредитниот раст би изнесувал 7,7 отсто. На среден рок се очекува солидна кредитна поддршка, па за периодот 2023 ‒ 2024 година би изнесувал 7,6 процнети, во просек (непроменето во споредба со октомвриската проекција). Се очекува поумерен раст на депозитите за целиот период на проекцијата. Така, за 2022 година растот на депозитите ќе изнесува 5 отсто, а во следниот период се очекува негово умерено забрзување со што би достигнал 7,5 проценти, во просек, во периодот 2023 ‒ 2024 година.
– Главен надолен извор на ризик во моментов претставува натамошната ескалација на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, воведувањето нови, построги санкции и евентуалното дополнително влошување на економските односи помеѓу Западот и Русија. Дополнителен фактор на ризик е и евентуалното посилно затегнување на монетарната политика во развиените земји, како одговор на зголемените инфлациски притисоци и инфлациските очекувања. Во исто време, и натаму постојат ризиците поврзани со понатамошниот тек на пандемијата и можноста за појава на нови, загрижувачки вирусни соеви. Народната банка постојано го следи развојот на настаните, како и потенцијалните ризици за домашната економија како од надворешното окружувањето, така и од домашните фактори, заради соодветна реакција преку приспособување на политиките и преземање други, дополнителни мерки, доколку е неопходно – потенцираше гувернерката.