Брзото темпо и од најдобрите медиуми прави преносители на дезинформации
Во новинарството е веќе 11 години; првин работел во бугарската национална кабелска телевизија „Евроком“ а потоа бил и главен уредник на „Novinite.com“, новински сајт на англиски јазик за вести од Бугарија и регионот.
Ангел Петров за себе вели дека и професионално, но и како приватен интерес будно ги следи случувањата на Балканот, Русија и останатите земји од поранешниот Советски сојуз, како и Турција и Блискиот Исток. Како човек што добро ги познава случувањата не само во својата земја, туку и во опкружувањето, го прашавме каква е состојбата со лажните вести, дезинформациите во Бугарија, како и тоа каде треба да се бараат нивните извори. Тој зборува и за инертноста на одговорните во Бугарија кога е во прашање борбата против дезинформирањето и протуркувањето лаги во медиумите, но и за распалените страсти во Македонија и во Бугарија, кои честопати во медиумите наоѓаат свое место без многу премислување, наспроти потребата за почитување на стандардите на новинарската професија .
Најопшто кажано, кои се најголемите манипулации и теми на дезинформации во Бугарија?
– Многу често ваквите вести традиционално бea сврзани со геополитиката, со САД, Русија или Турција… Да дадам еден смешен наслов како пример за тоа: „Бугарија го кани Ердоган на 3 март, празникот на нејзиното ослободување од Отоманската империја“. Но во последните години сѐ почесто во нивниот фокус се вредностите. Понекогаш пак двете области се преплетуваат. Пример: „ЕУ ги забрани крштевањата“ (оваа дезинформација бурно се распространуваше во социјалните мрежи и во некои медиуми).
Како и да е, во последните години малку се нештата што наштетуваат повеќе од оние насочените против демократските вредности и човековите права и коишто промовираат одредени типови идеологија и поттикнуваат омраза со предизборни цели. Тоа се случи при мигрантската криза, кога при навлегувањето на многу мигранти во Европа се распространуваа информации за ѕверства (што не се случиле) на „бегалците“ (овој збор се употребуваше свесно за оцрнување на новодојденците, дури и кога тие не беа тоа), потоа за заговор на владино ниво за „населување бегалци“ во опустените региони.
Истото се случи и со Истанбулската конвенција, кога еден обичен документ за борба против домашното насилство беше извртен и претставен како мала врата за признавање на геј-бракови, и тоа преку лавина лажни вести создадени од (и за) луѓе, коишто не го прочитале документот, но го исковаа апсолутно непостоечкиот термин „гендер идеологија“ наметната од „западниот либерализам којшто сака да ги уништи христијанска Европа и Бугарија“. Поради тие отворени лаги, коишто доведоа и до протести, Бугарија одби да ја ратификува Истанбулската конвенција.
Само уште еден пример: Нова стратегија за детето беше „спакувана“ како обид преку странски организации да се озакони одземање на децата од родителите, намалување на правата на родителите (вклучително и преку „посегнување по традиционалното бугарско семејство од страна на Норвешка“); сето тоа беше објавено од редица медиуми, иако не содржеше ниту капка вистина, а во социјалните мрежи се претвори во хистерија и создаде неточна претстава за инаку добра иницијатива. Наскоро се отиде дотаму што во социјалните мрежи се распространуваа гласишта дека социјалните служби одвеле деца од настава во Сливен за да ги одземат од нивните родители. Тоа доведе во психоза кај семејства во градовите Сливен, Јамбол и Карнобат, а во три училишта во Сливен наставниот процес беше прекинат, бидејќи, родителите си ги зедоа децата од училиште. Потоа прес-центарот на општина Сливен предупреди дека веста е лажна.
Дел од лажните вести се сврзани со за власта неповолни, критичко-мислечки гласови коишто треба да бидат оцрнети од медиуми симпатизери на власта или блиски до неа. Имаме и таков проблем.
Се разбира, има и лажни вести и манипулации коишто се епизодни и спонтани, од глупавост и некомпетентност. На пример онаа дека Саудиска Арабија им дозволила на мажите да си ги јадат жените. Но не смееме да ги заборавиме ниту нив – во „ерата на информацијата“, некомпетентноста и недостигот на секаква култура се исто толку способни да создаваат дезинформации колку и „хибридните војни“ или валканите игри на политиката.
Има и многу други. Јас сакав да дадам само неколку подетални примери.
Дали медиумите се најчестиот извор на дезинформации и манипулации или пак станува збор за распространување од нивна страна на дезинформации коишто произлегуваат од политиката, странски сили, социјалните мрежи? Кои медиуми предничат во овој поглед – традиционалните медиуми или можеби новите, онлајн-медиумите?
– Почесто социјалните мрежи подобро стојат во тој поглед од медиумите, без разлика дали традиционални или оние на интернет. Општо земено, за медиумите на интернет и оние печатените ширењето дезинформации е полесно, затоа што нема закон за печат и не носат одговорност, а немал број од тие медиуми се со најдобри намери. Во телевизиите тоа исто така неретко се случува, па можеби радиото е „најзачувано“.
Исто така, медиумите почесто подобро стојат во поглед на распространувањето на лажните вести отколку во поглед на создавањето, бидејќи поради брзото и интензивно создавање содржини ги пренебрегнуваат елементарните стандарди и – некогаш некритички, некогаш нарочно – се подаваат на политички манипулации, хибридни акции или едноставно на конформистичка хистерија во социјалните мрежи. За жал, во целиот порој од информации дури и сериозни, квалитетни медиуми не се целосно сигурни, ако зборуваме за неволни грешки – но тоа е светски проблем, не само бугарски.
Меѓутоа има и друг проблем: каде е границата помеѓу создавањето и распространувањето на дезинформацијата?
– Одговорноста на медиумите, за која сите зборуваме, нѐ принудува постојано да газиме по тенок мраз и да внимаваме. Ако многупати повториш дезинформација, ја претвораш во вистина, не само поради старата поговорка „Стопати повторена лага станува вистина!“, туку поради тоа што од „говорницата“ на „одговорно средство за информирање“, ја легитимираш пред својата публика и таа престанува да биде гласина и станува информација. Сакам да нагласам дека нема големо значење тоа дали првичниот извор на лагата (а лажните вести се токму тоа – лага) е медиумот или пак тој просто ја превзел информацијата од некаде – медиумот и во двата случаја е нејзин автор.
Имаат ли властите во Бугарија некако план за борба со дезинформациите и нивните преносители? Колку се активни на тој план, односно колку е направено досега во борбата против манипулациите и дезинформациите?
– Нема централизиран план. Имаше предлог-закон, којшто предизвика сомнежи поради можноста да биде искористен како оправдание за напади против слободата на говорот, против правото на новинарите да не го откриваат идентитетот на своите извори, итн.
Се дејствува повеќе ад-хок, на моменти, кога раната веќе е отворена. Повторно ќе наведам пример со Стратегијата за детето: откако почнааа протестите со тврдења дека „Норвешка ќе ги одзема бугарските деца“ и по масовната паника во Сливен, министерството за социјална грижа потроши многу време во обид да објасни дека ништо од сето тоа нема да се случи. Бугарски невладини организации, во исто време, работат со европски партнери на одделни проекти и со платформи како „Euvsdisinfo.eu“, но и според дел од нив, дејствијата на властите се повеќе реактивни отколку проактивни.
Дали знаете за судски пресуди за причинување општа опасност или за слични нарушувања на законите преку лажни вести или говор на омраза?
– Не, а и да имало такво нешто, може да сум пропуштил, а ако сепак сум заборавил некој таков случај (но не мислам дека е така), тоа веројатно е бидејќи ниту една од големите дезинформациски кампањи коишто нанесоа штети на бугарското општество не завршија со судско гонење. Независно дали зборуваме за лажните вести поврзани со меѓународните односи, со националната безбедност, со бегалците и мигрантите, со Истанбулската конвенција или со Стратегијата за детето.
Во последниот случај, веројатно изворот на тие дезинформации неизоставно би требало да понесе одговорност, бидејќи со предизвиканата паника би можел да го загрози редот во Бугарија.
Дали медиумските здруженија се активни во борбата против дезинформациите?
Да, некои дејствуваат. Асоцијацијата на европските новинари во Бугарија, на пример, е особено блескава со своите напори, со своите позиции при случаите на дезинформирање и во обидите да се најдат начини да се намали бројот на ваквите случаи, преку проекти, дискусии и друго. Но не дејствуваат сите организации на таков начин.
Колку Северна Македонија е присутна во бугарските медиуми?
За жал Северна Македонија е најчесто присутна во теми што ја засегнуваат и Бугарија и не премногу често ги вознемирува бугарските медиуми кога случувањата во таа земја се надвор од тој круг.
Се разбира, тоа се менува со текот на времето. Ако поради политичката криза во средината на деценијата таа присуствуваше епизодно во големите, сериозни медиуми, во 2017 година, се разбира, она што се случуваше (вклучително и „Крвавиот четврток“), беше централна тема кај нас. За Договорот за добрососедство, Преспанскиот договор, но и законот за јазиците детално се пренесуваше не само еднаш…. Само што тоа честопати се случуваше низ вообичаената парадигма за бугарскиот национален интерес или (во случајот со законот за јазиците) со стереотипот дека има договор за албанизација и исламизација на Северна Македонија.
Малку се зборува за сериозни прашања, поврзани со економијата или со работата на поранешното СЈО – освен кога се вмеша името на Орце Камчев. Но полека ама сигурно, човек може да види и други теми: општеството, културата и уметноста, општите проблеми како загадувањето на воздухот, канабисот…
А колку често Северна Македонија е објект на дезинформации и манипулации во медиумите? Има ли промена во последните години на подобро или на полошо?
– Најчесто манипулациите и дезинформациите за Северна Македонија не се поврзани со составување лаги или полувистини. Проблемите вообичаено се два – сврзани со вадење на тамошните настани од контекст заради цитирање од другите медиуми или пак поради емоционална реакција за теми коишто и во Бугарија ги распалуваат страстите.
Понекогаш тоа се случува поради читањето од туѓите медиуми и селективното пренесување делови од материјали, интервјуа (за жал, тоа се случува и со вести од други земји). Например интервјуто ова лето за грчка телевизија во кое министер повторно го споменува многупати слученото во времето на Никола Груевски крадење на историјата (во контекст на антиквизацијата), тука беше протолкувано на следниов начин: „Северна Македонија најпосле призна дека краде историја!“
Бугарските медиуми, за жал, честопати буквално – и некритички – повторуваат и зборови на министри, премиерот и други, без да ги критикуваат. Тоа може да засега теми и вон политичките страсти (на пример, економијата – ако премиерот каже дека бруто домашниот производ се удвоил за две години и никој на тоа не става знак за прашање – но може и да се однесува на Северна Македонија. Кога властите во Софија зборуваат за „непријателски дејствија“ од владата во Скопје и никој не се прашува какви се тие непријателски дејствија, на крајот се доаѓа до дезинформација, зашто нема проверка, а во општеството останува чувството дека Северна Македонија сигурно направила нешто, дури и кога тоа не е сигурно така.
Идентични случаи се среќаваат и во медиуми во Северна Македонија во однос на Бугарија. Понекогаш проблемот е што сѐ уште не се познаваме доволно и користиме пристрасни извори на информирање, неквалитетни медиуми од другата страна на границата или директно српски, руски или англиски медиуми.
Во последните години промената не секогаш е еднозначна – понекогаш е кон подобро, друг пат правиме мали чекори назад. Но сепак сум оптимист.
(Meta.mk)