Решението за спорот со името ќе биде во корист и на Грција смета половина од населението, а тоа се жените, левичарите и оние од југот на Грција, онаму каде што не ги трошиме нашите пари?!
Нешто помалку од половина испитаници или 48,3 отсто се согласуваат дека грчката влада треба во овој момент да се стреми кон постигнување решение на прашањето за името – покажуваат резултатите од последното истражување на јавното мислење во Грција, спроведено од агенцијата „Rass“ за грчката телевизија „Action24“.
На прашањето „дали се согласувате или не со мислењето дека условите за решавање на скопското прашање се поволни и владата треба да се стреми кон негово решавање сега“, 43,8 отсто од анкетираните одговориле дека се согласуваат, а 4,5 отсто дале одговор „веројатно се согласувам“, 40,7 отсто рекле дека не се согласуваат, а 3,2 отсто оти веројатно не се согласуваат. Одговор не дале 7, 8 отсто.
Според деталната анализа на истражувањето, од оние кои што поддржуваат решение во овој момент, мнозинството се жени (51,9 отсто), на возраст од 17 до 34 години (60,1 отсто), на последните избори гласале за СИРИЗА (55,2 отсто), а местото на живеење им е во јужниот дел на Грција (58,9 отсто).
Од друга страна, тие што не се согласуваат или веројатно не се согласуваат со ставот дека условите се поволни за решение, се на возраст од 35 до 44 години (50,3 отсто), мнозинството се мажи (50,6 отсто), на последните избори во 2015 гласале за Нова демократија (59,3 отсто), а живеат во северна Грција (48,3 отсто).
Во однос на политичката сцена во Грција, опозициската Нова демократија и понатаму е во предност пред владејачката СИРИЗА со разлика од 10.3 отсто.
Претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис е најпопуларен лидер на политичка партија во Грција, а во однос на тоа кој е посоодветен за премиер, дали тој или актуелниот Алескис Ципрас, Мицотакис има предност од 10,7 отсто.
Во истражувањето на агенцијата „Rass“ за грчката телевизија „Action24“, спроведено од 29 до 31 мај, биле анкетирани 1.002 лица преку телефонски интервјуа.
Нови обвинувања и бурни расправи во грчкиот парламент. И додека грчката власт и позиција се со различни позиции околу спорот со името, грчката телевизија Актион 24 спроведе истражување – мнозинството Грци сметаат дека евентуалното решение на името ќе биде поблиску до македонските позиции односно :
„57.1 отсто од испитаниците сметаат дека евентуалното решение на проблемот со името ќе биде поблиску до македонските позиции, а само 26.9 отсто поблиску до грчките „црвени линии“.
Во истражувањето на јавното мислење, за конкретното прашање, направена е и анализа според политичката ориентација, возраста, полот, местото на живеење, степен на едукација и сл. Од оние 57.1% што одговориле дека решението ќе биде поблиску до македонските барања, мнозинството, 74.5%, на последните парламентарни избори во септември 2015 гласале за опозициската Нова демократија, а 39.7% за СИРИЗА.
На политичката сцена во Грција, според одговорите на Грците вклучени во истражувањето, Нова демократија има двоцифрена предност пред владејачката СИРИЗА.
А грчкиот премиер Алексис Ципрас и лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис и натаму не можат да најдат заеднички јазик. Грчкиот премиер не се најде на иста бранова должина ниту со неговиот коалициски партнер Независни Грци предводени од Панос Каменос – Ципрас бара нови сојузници по јазот во коалициската влада.
Тој ја прифаќа идејата на лидерот на партијата Река за формирање Совет за национална безбедност и во понеделник ќе се сретне со Ставрос Теодоракис, кој уште во декември 2016 го достави предлог законот за советот.
Ваквиот потег медиумите во Грција различно го толкуваат. Дел од медиумите пишуваат дека Алексис Ципрас како никогаш досега има потреба од сојузник во Парламентот за скопското прашање.
„Односите со Панос Каменос стигнаа до ќор-сокак, коалициониот партнер категорично изјавува дека нема никогаш да прифати име за Скопје што го содржи терминот „Македонија“, а веќе и јавно зазема различен став од премиерот. Ципрас знае дека единствен лидер на политичка партија што поддржува решение на спорот со името, со позиции слични на владините е токму Ставрос Теодоракис“, пишува „Иефимерида“.
Различни ставови за можностите за решение изразија алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос и одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија Јоргос Кумуцакос. Катругалос оптимист. Кумуцакос пак, вели дека погрешното управување со прашањето во внатрешноста на земјата, го затвори прозорецот на можност за решение. И додека траат препукувањата кај јужниот сосед македонските власти го чекаат грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас да допатува во Скопје и да го донесе нацрт – договорот околу спорот со името.