Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

АНКЕТА НА ИРИ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН: ПОДДРШКА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ, НАПАДОТ НА РУСИЈА ВРЗ УКРАИНА НЕОПРАВДАН

May 21, 2024 Filed Under: Македонија

„Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ.“ – тврдат од Центарот за анкетни истражувања (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ)

ПОЛ МЕКАРТИ Загрижуваат само податоците добиени од анкетираните граѓани на Србија

Последното мултинационално истражување за Западен Балкан од страна на Центарот за анкетни истражувања (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува широка поддршка за приклучувањето кон Европската унија (ЕУ) и силно мнозинство кое ја смета руската војна против Украина за неоправдана. Земјите во кои беше спроведена анкетата се Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум, во пет од шесте земји силно мнозинство би гласало за приклучување кон Унијата и тоа од 68 отсто во Северна Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија. Во Србија, повеќето од 40 отсто го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ.

„Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ“, рече Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ. „Оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во Европската унија може да помогне за постигнување одржлив просперитет.“

Всушност, кај приоритетите на граѓаните за владите на Западен Балкан доминираат економските прашања. Освен Албанија, каде што невработеноста беше главен проблем, високите цени и трошоците на живот претставуваат најголема грижа за граѓаните во другите пет земји од Западен Балкан. Покрај тоа, во сите шест земји, корупцијата се појави како еден од првите три приоритетни проблеми.

Анкетата, исто така, покажа дека мнозинството во пет од шесте анкетирани земји верува дека руската војна против Украина е целосно или донекаде неоправдана. Во Србија, пак, повеќето од 49 отсто целосно или донекаде ја оправдуваат Русија.

„Иако овие бројки се претежно позитивни, српските одговори се вознемирувачки“, рече Мекарти. „Доколку мирот и безбедноста се долгорочни цели на Балканот, подобра опција за Србија ќе биде да ги отфрли руските предлози и да изгради посилни врски со Западот“.

Методологија

Истражувањето беше спроведено во име на Центарот за анкетни истражувања  на ИРИ од страна на Ипсос во периодот меѓу 2 февруари и 5 март 2024 година. Податоците беа собрани преку интервју лице-в-лице кое беше администрирано со компјутерски асистирано лично интервју (CAPI) во домовите на испитаниците со користење на метод на повеќестепена веројатност кој е дизајниран да резултира со репрезентативни примероци на национално ниво во секоја од земјите. Стапките на одговор се движат од 21% до 40%. Големината на примерокот по земја варира меѓуn=1.036 и n=1.238, а маргината на грешка се движи од 2,8 до 3,0 поени.

Добро е да се потсетиме на друга анкета која на слични прашања беше водена за Северна Македонија  а беше обајвена лани во октомври. Доби силна популарност во преносот на бројките кои очевидно се многу потемни во однос на ова испитување на ИРИ! Колку за споредба.

РЕФЕРЕНДУМ Како би гласале граѓаните на референдум за влез во Унијата?

Така, мнозинството граѓани во земјава сметале дека влезот во Европската Унија е добра работа и дека Унијата е најдобра алтернатива за државата, но исто така мнозинството смета и дека односот на ЕУ кон Северна Македонија е нефер, надмен и уценувачки.

На тогашната презентација на резултатите од спроведената анкета ЕВРОМЕТАР 2023, Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк – Центар за европски стратегии, посочи дека и покрај зголемениот скептицизам во врска со влезот на земјава во ЕУ, 53 проценти од испитаниците се согласуваат дека влезот во ЕУ е добра работа за земјава, споредено со 49 отсто во 2022 година, додека 30 проценти не мислат така.

На прашањето „каков е односот на ЕУ кон Северна Македонија”, 55,8 проценти сметаат дека односот на ЕУ е нефер (65 отсто во 2022), надмен и уценувачки, наспроти 27,5 отсто кои рекле дека односот на ЕУ е фер, пријателски и коректен (17 отсто во 2022).

За 60,8 проценти од испитаниците ЕУ е најдобра алтернатива за земјава, што е раст од 2 проценти во однос на 2022 година кога вака одговориле 58 проценти, наспроти 35,6 отсто, кои сметаат дека земјата треба да бара сопствен модел за развој надвор од ЕУ (33 отсто во 2022).

Вкупно 30 проценти од испитаниците мислат дека земјава никогаш нема да влезе во ЕУ, наспроти 12 проценти кои сметаат дека тоа ќе се случи за 5-9 години.

Најголем процент од испитаниците кои гледаат закана сметаат дека во овој момент тоа е Бугарија – 79 проценти, по што следи Русија со 6,3 проценти, Албанија за 2,7 отсто и Србија за 2,4 проценти.

На прашањето „која држава или меѓународна организација е најголем пријател на земјава”, најголем дел, 39,6 отсто рекле Србија, по што следат САД за 13,7 проценти, Турција за 10 проценти и ЕУ за 8,4 отсто од испитаниците.

Анкетата ЕВРОМЕТАР 2023, била спроведена во текот на септември 2023 година на репрезентативен примерок од 1003 испитаници, од страна на агенцијата БРИМА на повеќестепен стратификуван случаен примерок на популација 18+ години, дизајниран според податоците објавени од Државниот завод за статистика и се базира на податоци од Пописот 2021

 

 

Filed Under: Македонија

ЕВРОПСКА УНИЈА ДО ЗАПАДЕН БАЛКАН – НЕМА ВЕЌЕ ПАРИ „НА ЖИМИ МАЈКА“
ЕВРОПА ДА СЕ ОБЕДИНИ, РЕФОРМИТЕ СЕ ТЕШКИ
ОБВИНЕТИ ЗА НАПАДОТ ВО БАЊСКА ВО „ЌАЦИЛЕНД“ ВО БЕЛГРАД
ЦАНЕ АНДРЕЕВСКИ: НЕ ЗНАМ ЗОШТО СЕ ПЛАШИМЕ?
НОВО ОБМИСЛУВАЊЕ ЗА ФИНАНСИРАЊЕТО НА РАЗВОЈОТ ОД ПЕРИФЕРИЈАТА

Најново

  • ЕВРОПСКА УНИЈА ДО ЗАПАДЕН БАЛКАН – НЕМА ВЕЌЕ ПАРИ „НА ЖИМИ МАЈКА“
  • ЕВРОПА ДА СЕ ОБЕДИНИ, РЕФОРМИТЕ СЕ ТЕШКИ
  • ОБВИНЕТИ ЗА НАПАДОТ ВО БАЊСКА ВО „ЌАЦИЛЕНД“ ВО БЕЛГРАД

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet