Во оваа партија отсекогаш доаѓале на власт со ветувањето кон своите огнени гласачи или подобро – навивачи дека им е достав од коалицирање со некоја од тогаш моќните албански партии во македонскиот политички пејсаж. Потоа се’ се менуваше – откако ќе се добереа до власта, одржувањето на кормилото беше дел од класичната поделба на ресорите, моќта и политичката иднина со својот архинепријател. На грамофонот на политичката реторика се ставаше плочата на „Б“ страната. Во мигот плочата на политичките стереотипи пак стои на страната „А“, ама стана брзо – погрешната!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Најголемиот протестен собир кој се одржа во земјава после парламентарните избори во 1998 година се случи на 29 февруари 1999 година. Беше тоа ноќен и моќен синдикален собир на кој се приклучија и бројни незадоволни гласачи. По извикувањата на дел од дојдените (повеќето од градовите во внатрешноста) беше јасно дека тие беа гласачи на „најмакедонската партија“ кои подлегнале на ветувањата на политичките активисти кои порачувале дека нема да дозволат „диктати“ на албанските партии и дека ќе прават коалции само со партии со македонски предзнак.
Незадоволство на гласачите од коалицијата на георгиевски во 1998 година
Познато е дека новата влада, која го имаше Љубчо Георгиевски за премиер, сепак во себе вклучи и министри кои дојдоа од новиот коалиционен партнер ДПА и ги добија ресорите правда (!), информации, локална самоуправа и едно место без ресор. Ова кај дел од оние кои се сметаа наседнати предизвика револт кој набрзо беше засилен по убиството на тројца полицајци (Кирил Петрушевски, Ерол Готак и Ацо Ангеловски) на работното место во Арачиново, случај кој ни после две децении не се реши (добро е на ова да се потсетат оние кои се незадоволни од ефикасноста на правосудството денес). Имаше многу примери дека не само што не се преземаат „поостри мерки“ кон еден етницитет, како што стоеше во предизборните „магнети“ на партијата победник, туку се виде дека постои една рамнодушност кон потенцијалната поделба на земјата по стариот урнек од Втората светска војна. Ова беше засилено со една изјава на вицепремиерката Доста Димовска во стилот „отаде Групчин ништо не ме интересира“, потврдена со планот на првиот човек на МАНУ Ефремов за нова мапа на земјава по старите граници на бугарско-италијанскиот окупатор и тоа среде вооружениот комнфликт во 2001 година! Со таа историска беневолентност кон вистинските националните интереси ВМРО ДПМНЕ го дочека Охридскиот договор – премиерот Георгиевски го потпиша тој документ, но одби да се фотографира во стилот „јас не сум од тука“. Гест доволен да ја пушти водата за наводната непопустливост пред своите гласачи, создавајќи мала бара во која ќе се ројат идните комарци на парадниот национализам на „црвено-црните“.
Орловските нокти на нашиот архинепријател
Сценариото на оваа партија во одделот меѓунационални односи остана исто и после расцепот во 2004 година – на антиалбанството ќе ги острат своите говори, ќе ги сечат „орловските нокти“ на нашиот архинепријател (Љубиша Георгиевски, претседателски кандидат) а потоа нема да им пречи истата позиционирана снајперска цел да биде надвор од нишанот и да влезе во нивните прегратки како најсилен коалицонен партнер со кого ќе ги брише сите граници на индивидуалните деловни интереси („каменот доаѓа одблизу“ е дел од разговорот меѓу Началникот и Муса Џафери, висок функционер на ДУИ, сега отпадник од својата партија). Тој разговор секако стана најдобра илустрација за вистинската природа на глумениот национализам кој стана груба реалност и во последните мигови од нашите полтиички потреси.
Упс, грешка на стратезите во Палачинката
Во мигот кога завршија тет-атет раговорите меѓу Ковачевски и Мицковски во Клубот на пратениците околу прифаќањето на европскиот услов за продолжување на преговорите со Унијата, шефот на опозицијата постави два клучни услови. Еден од нив беше ДУИ да излезе од привремената Влада која ќе ја замени постојната и која ќе ги готви идните парламентарни избори. Не беа доволни петте министерски места кои СДСМ ги даде од својот владин сегмент!
Вицепремиерот Груби, гостувајќи во Студио 10 во понеделникот наутро (12 јуни) рече дека се гледа дека на Мицковски веќе не му пречи загрозувањето на македонскиот идентитет од страна на Бугарија, туку му пречи постоењето на Албанците во власта. Тој ја повтори искажаната подготвеност ДУИ да се тргне веднаш од Владата кога пратениците од ВМРО ДПМНЕ ќе ги изгласаат промените на Уставоти и ќе ги внесат Бугарите како малцинство во основниот акт на државата.
Факт е дека во меѓувреме, додека траеше викендот и имало силни турбуиленции во самата партија на Мицковски околу условите на „предавството“ во Клубот на пратениците, од Палачинката дувнаа и други ветришта, па се пушти гласче дека односот кон ДУИ ќе се гради после идните парламентарни избори, во зависност од пратеничките места кои ќе ги освои оваа партија. Стана јасно дека во тек се мајсторските поправки на мизансценот. И онака одамна онесвестениот коалициски капацитет на ВМРО ДПМНЕ тешко дека ќе влезе во шок – собата на оздравувањето.
Колку за ДУИ, како што вели Мерсад Биљали „ним сега не им треба предизборна кампања“, бидејќи со овој неочекуван гест на Ахмети секако дека Мицковски им даде огромен подарок. Во Мала Речица триумфираа во мигот кога една од тактичките замисли кај таборот на Мицковски, неговите умни градители на стратегиите одбивање на владата на Ковачевски да ги прифати условите на партискиот шеф за неговите гласови во Собранието за промена на Уставот ги базираа пред се на очекуваната заштита на министерските места на ДУИ. И на вицепремиерското место на Груби… Какво промашување! Џиновско…
Ова убедување за потезите на Ковачевски е толку силно, таков планиран „зихер“ што нашите медиуми, врзани со папочна врска со Палачинка и понатаму ја туркаат мантрата дека „за Ковачевски е важно ДУИ да остане во Владата“, како да се работи за џубокс во кој паричето на партиската машинерија на ДПМНЕ веќе е одамна пуштено а омилената арија веќе е порачана и не може да се сопре! Па, ќе танцуваме ли?
Старите мантри на оваа партија се како крлежи, ќе се фатат за облеката и никој не може да ги истреби оттаму. А нема ни искрени обиди за тоа.