Првиот човек на ДИГУ не пријавил два стана и возило. Се „прослави“ со нерушењето на дивоградба на Пластичарска
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), следејќи ја имотната состојба на директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ), Фатмир Арифи, открила непријавен имот и поради тоа ќе достави иницијатива до Јавното обвинителство за негово кривично гонење, како и до Владата за негово разрешување од функцијата.
Од ДКСК констатираат дека тој не го оправдал начинот на кој се стекнал со имот во изминатиот период. Станува збор за стан во Чаир, стан во Железара и моторно возило во вредност од 18 илјади евра, кои не биле пријавени во анкетниот лист.
„Не е пријавен стан во сопственост на господинот Фатмир Арифи во Чаир, не е пријавен стан во Железара, не е пријавен ‘форд’ во негова сопственост, кој го купил во 2021 година по цена од 18 000 евра. Со цел да се утврди фактичката постапка, ДКСК го повика лицето на разговор, на 10 август годинава. Во разговорот беше побарано да се произнесе во врска со констатираните разлики во податоците внесени во анкетниот лист и податоците добиени од надлежните институции. Тој одговори дека се занимава со продажба на автомобили и дека едниот стан го стекнал со размена на автомобил со стан за што тврдеше дека има договор заверен на нотар и за истото ќе достави документација. Достави неколку документи заверени на нотар и решение за утврдување на правен статус на бесправен објект, но не за конкретните недвижности. Од увидот во податоците од банките и другите финансиски институции во нашата држава за именуваниот и неговите членови од семејството со кое живее, произлегува дека именуваниот, освен редовните примања по основ на плата, не остварува дополнителни приходи, а имајќи предвид дека истиот не достави докази за основот и потеклото на средствата за стекнување на становите и возилото не се докажа дека наведениот имот е стекнат како резултат на примања кои се пријавени и оданочени, сметам дека во конкретниот случај постои основ за сомневање за сторено кривично дело по членот 359-а од Кривичниот законик од страна на директорот на ДИГУ, поради што до Основното јавно обвинителство предлагам да се достави иницијатива за поведување постапка за кривично гонење“,
Од Антикорупциска сметаат дека има основа и Владата да го разреши директорот Арифи од функцијата.
„Ако во постапката за испитување на имотот и имотната состојба не се докаже дека имотот е стекнат и зголемен како резултат на примања што се пријавени против лицето за кое се водело таа постапка, поднесуваме иницијатива за покренување кривична пријава до Основното јавно обвинителство, исто така и до органот кој го именувал на функцијата директор, односно до Владата на РСМ предлагам да се достави иницијатива за утврдување неодговорност и разрешување, на Фатмир Арифи, бидејќи како директор на Државен инспекторат за градежништво да стекнува имот по пат на бесправно изградени објекти не е во ред“, истакна Ивановска.
Арифи во последен момент стопира акција на Општина Центар за уривање две дивоградби на Пластичарска
Проверката на имотот на Арифи била според годишниот план на ДКСК за следење имотна состојба и интереси.
Но, директорот на Градежниот инспекторат, Фатмир Арифи, беше во фокусот и на серија стории на „360 степени“ поврзани со две дивоградби на Пластичарска во Скопје, чие уривање беше саботирано од ДИГУ во последен момент.
Имено, откако Општина Центар по втор пат организира акција за уривање на дивоградбите, Државниот инспекторат за градежништво ја одзеде документацијата од Општина Центар непосредно пред да се рушат градбите и бараше да се повтори целата постапка за уривање.
Во текот на април годинава, три дена, од 7:30 до 10 часот, екипа на „360 степени“ го чекаше директорот Арифи пред седиштето на Инспекторатот за да добиеме одговор на прашањата зошто го одзема предметот во очи на акција за уривање., но тој не се појави.
По повеќемесечно инсистирање на „360 степени“ да кажат зошто го одземаа предметот од општинарите, од државниот инспекторат, со кој раководи кадарот на ДУИ – Фатмир Арифи, летото писмено ни одговорија дека група граѓани поднеле претставка за незаконско уривање објект на Пластичарска, па тие биле должни да проверат што се случува.
Саботирањето на уривањето на дивоградбите на Пластичарска, и тоа од владина институција, дојде и до ушите на премиерот, кој кажа дека треба да се спроведуваат решенијата на Општина Центар.
Од Обвинителството за „360 степени“ кажаа и дека во однос на дивоградбите оформиле предмет. Кривичното дело е бесправно градење, за што Кривичниот законик предвидува казни од три до осум години затвор, па дури и одземање на недвижностите. Но, не се знаат сторителите, а нема информации и кој сè е опфатен со предметот.