Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

АНТИКОРУПЦИСКА ЌЕ ГО „ЧЕШЛА“ ОПУСОТ НА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ

February 7, 2023 Filed Under: Македонија

Постапката е отворена, се чека извештајот од ДЗР – велат од Агенцијата за Цивил медиа

НАЦИОНАЛНА ПЕНЗИЈА Груевски му додели национална пензија пред десеттина години на Манчевски – со министерката Канчевска Милевска

Се чека извештај од Државниот завод за ревизија за да одлучи дали има основ за продолжување на постапката за утврдување на можни злоупотреби на средствата од Агенцијата за филм од страна на режисерот Милчо Манчевски и други режисери, одговорија на новинарско прашање на „ЦИВИЛ Медиа“ на последната седница од Комисијата за спречување корупција.

– Се работи на извештајот и очекуваме наскоро тој да ни биде доставен. Бидејќи има нови пријави за наводни нерегуларности, ќе почекаме да видиме дали тие се вклучени во ревизијата, а потоа, ако има потреба повторно ќе го отвориме случајот – објасни претседателката на Комисијата Билјана Ивановска, не прецизирајќи кога точно би бил готов извештајот, бидејќи, немале ингеренции да вршат притисок врз ДЗР.

На прашањето „Дали во рамки на истрагата се следат и финансиските трансакции за филмот „Мајки“, каде има нерасчистени финансиски извештаи и тој предмет не е затворен, од комисијата побараа од ЦИВИЛ Медиа да достави документи според кои ќе продолжат со истрагата, иако тие документи може да се најдат и во Агенцијата за филм.

По објавената сторија на ЦИВИЛ Медиа со наслов: „Банана продукција, Милкман Продакшн и Милчо Манчевски – гаранција за успех на филм или тезга за големи пари?“ имаше многу реакции и во јавноста кои посочуваат за одредени финансиски злоупотреби.

Инаку, ЦивилМедиа деновиве потсети дека пред повеќе од две години, Агенцијата за филм, преку соопштение „Како Милчо Манчевски извлекува милионски суми за проекти“ ги повикала институциите да ги истражат постапките и да се позанимаваат „со хонорарите на режисерот“, ставајќи ја на располагање на институциите целокупната документација.

Од ДКСК тврдат дека уште пред неколку години го отворила предметот и утврдила дека за потрошените пари за снимање на некои филмови не биле доставени финансиски извештаи, по што побарала кривично гонење за тогашниот директор, а на Заводот за ревизија му наложила да го преиспита работењето на Агенцијата.

Постојат истражувања кои укажуваат кои филмови, како и зошто влијаат врз промоцијата на културата на една земја, и имаат голема гледаност. Добар дел од нив се адаптирани приказни од литература или се со историски жанр. Станува збор за скапи филмови направени од врвни режисери и продукции со врвни актери (ѕвезди), со високи буџети и одлични филмски екипи. И како такви, освен што донеле промоција на земјата, тие вратиле многукратно повеќе во касата. Со други зборови – се вложило многу и се добило многу, што не мора да значи дека ова е пишано правило, иако би можело да биде и така.

ВРБА Филм кој имаше релативно добри критики

Во секој случај, досега се покажа дека критериумите на македонскиот Филмскиот Фонд, според кои се одлучува кои филмови да се финансираат, е дискутабилно, еден од главните параметри за добивање средства за филм е – делото да е од национален интерес за земјава. Па затоа се поставува прашањето дали e тоа гаранција за успех на филм или само начин да се дојде до пари? Дали слободата на творење на уметникот и слободата во избор на приказната треба да почнува од национален интерес? И најважно од сè – дали при тоа се поттикнува уметничкото или „тезгарошкото“ кај филмаџиите? Дали можеби не е тоа само уште еден начин да се придобијат „клиенти“ и редовни спроведувачи на тезги во служба на државата, наместо слободни уметници со свои идеи и гледишта, визионери и независни мислители.

Каква е врската меѓу „Банана продукција“ и „Милкман Продакшн“?

Кај нас, доколку се запрашате што се случува со филмската продукција, првата помисла на успешен режисер е Милчо Манчевски. Неговите филмови некои ги сакаат, други, пак, не сакаат ни да чујат за нив, трети се рамнодушни. Ништо невообичаено.

Сепак, кога се работи за филмови кои се снимени со пари издвоени од Буџетот на граѓаните, потребен е отчет и оправданост за потрошеното.

Пред повеќе од две години, Агенцијата за филм, со соопштение „Како Милчо Манчевски извлекува милионски суми за проекти“ каде што ги повикуваат институциите да ги истражат постапките и да се позанимаваат „со хонорарите на режисерот“, ставајќи ја на располагање на институциите целокупната документација.

Сепак, ниту Антикорупциска, ниту, пак, од Агенцијата за филм, не одговорија на прашањата на ЦИВИЛ Медиа, ниту за документацијата ниту, пак, зошто не е спроведена никаква постапка досега.

Имајќи предвид дека работните обврски постојано го носат од едно до друго место, поради двете постојани адреси – Скопје и Њујорк, Милчо Манчевски често објаснува дека има „два домови“. Во Њујорк живее над 30 години, во САД и студирал, ама во Скопје израснал.

„Печалбарите на времето морале да откорнат дел од себе, да бидат посиромашни ако никогаш не се вратат, или да им недостасува новото искуство ако се вратат засекогаш. Денес, ако е подготвен да се отвори, човек веќе може да си дозволи да има два дома – наместо да биде посиромашен во срцето, да стане побогат. Да има двапати повеќе пријатели, двапати повеќе омилени места и спомени, да има два јазика и два града за свои“, раскажува тој во едно интервју.

Но Манчевски не е печалбар во вистинска смисла, а Њујорк не е само негов дом, туку и седиште на компанијата „Милкман Продакшн“ која е во негова сопственост.

Според документите кои ги поседува ЦИВИЛ Медиа, оваа компанија е основана на 20.12.1996 година, а согласно договорот кој е склучен со „Банана филм“ ДООЕЛ, треба да го менаџира проектот за филмот „Врба“.

За овој филм конкретно, од Буџетот на проектот за режисерот (Милчо Манчевски) се издвоени 163.905 евра, а неговиот личен асистент и консултантот по историја чинат вкупно 8.404 евра.

За развој на сценариото Манчевски е платен околу 62.000 евра, а вкупниот развој на филмот чини 219.535 евра.

Сепак и покрај овие суми планирани во буџетот за филмот „Врба“, преку компанијата „Банана филм“ ДООЕЛ, на два пати се исплатени суми од 48,272,30 и 41,308 долари, или вкупно 85.000 евра, што според заедничкиот договор се префрлени за развој на филмот кој својата премиера ја доживеа во октомври 2019 година, а сумите се исплаќани на 24.09.2018 година и 17.05.2019 година, од каде не се гледа што точно развивал Манчевски.

МАЈКИ Приказна која пред да се сними му се допадна на Груевски

И од „Банана продукција“ не добивме одговор во оваа фаза што точно режисерот развивал во Њујорк.

Зошто не е затворен случајот со филмот „Мајки“?

Филмскиот проект со работен наслов „Како бебе“ или „Мајки“ на режисерот Милчо Манчевски, а во продукција на „Банана филм“ од Скопје, според документацијата која ја поседува ЦИВИЛ Медиа, не е финансиски затворен кон Агенцијата за филм.

Филмски фонд кој во неколку наврати со дописи до Манчевски бара да ги исполни своите обврски согласно Договорот, за што подоцна е склучен и Договор со ревизорска куќа за ревизија на проектот. Ревизијата не е спроведена.

Тогашната Влада на Никола Груевски „изразила поддршка за филмскиот проект“ со дополнителни средства, пред воопшто и да се донесе официјална одлука за финансирање на филмскиот проект од страна на Филмскиот фонд.

Владата на 88 седница одржана на 28.07.2009 година донесува заклучок со кој се задолжува Министерството за култура средствата во износ од 403.252 евра да ги предвиди во буџетскиот циркулар за 2010 година, а Одлуката за финансирање по Конкурс е донесена на 11.08.2009 година, додека, пак, Договорот за финансирање е склучен на 31.07.2009 година со Филмскиот фонд, што значи пред донесување на Одлуката на УО на Филмскиот фонд.

„Мајки“ од Филмскиот фонд добива 907.317 евра.
Исто така, и средствата се исплатени пред донесување на Одлуката (не е запазена соодветно законската процедура, а произлегува од притисоците кои вообичаено ги врши продуцентот).

-9.милиони денари уплатени на 05.08.2009 година

– 9.милиони денари на 08.08.2009 година и

– 5 милиони денари на 11.08.2009 година на денот кога е донесена Одлуката.

Согласно извештајот на Филмскиот фонд изготвен на 16.04.2013 година, во својот наративен извештај продуцентот истакнува дека за промоција на филмот воопшто не добил средства и дека самиот ги обезбедил, што не кореспондира со фактичката состојба и документите.

Имено, спротивно на обврските од Договорот, продуцентот во неколку наврати префрлил средства за промоција кои ги нотирал во финансискиот извештај и се во висина од 125.000 евра на американската Quantum Comunications, средства кои не биле предвидени и одобрени во буџетот за финансирање на проектот.

Во извештајот од Филмски Фонд од 16.03.2013 година, констатирана е нејасна исплата од 12.000 долари. Поточно, продуцентот, со средства наменети за продукција на филмот, исплатил членарина за прикажување на филмот на филмски фестивал во 2010 во Торонто.

Премногу нејаснотии, а премногу пари на граѓаните се придружници на овие филмски проекти. И премногу молк од институциите.

(цивил медиа)

 

Filed Under: Македонија

ИМА, НЕМА И СЕПАК – ИМА ТУРБУЛЕНЦИИ ВО ВЛАДИНАТА КОАЛИЦИЈА
СДСМ ЗА ЗАКОНОТ ЗА КОЧАНИ: МОРА ДА ПОКАЖЕМЕ СОЛИДАРНОСТ СО РОДИТЕЛИТЕ
УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ПОД НАПАД ОД АМЕРИКАНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА: ХАРВАРД НАСПРОТИ МАШИНИТЕ
ДАНАИ ЛИОДАКИ : ЉУБОВТА Е ЗАЕДНИЦА, НЕ АПЛИКАЦИЈА
ПУТИНОВ ПОКЕР ИЛИ РУСКИ РУЛЕТ 128: КУЛТУРА НА СТРАВОТ НАМЕСТО БУНТ – АНАТОМИЈА НА РУСКАТА ВОЕНА МАШИНЕРИЈА

Најново

  • ИМА, НЕМА И СЕПАК – ИМА ТУРБУЛЕНЦИИ ВО ВЛАДИНАТА КОАЛИЦИЈА
  • СДСМ ЗА ЗАКОНОТ ЗА КОЧАНИ: МОРА ДА ПОКАЖЕМЕ СОЛИДАРНОСТ СО РОДИТЕЛИТЕ
  • УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ПОД НАПАД ОД АМЕРИКАНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА: ХАРВАРД НАСПРОТИ МАШИНИТЕ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet