ЕЛЕНА МИХАЈЛОВА СТРАТИЛАТИ
Пред почетокот на политичката кампања македонската позиција и опозиција барем за кратко ги обедини нов ривал кој треба да го победат – македонскиот “антисемит” олицетворен во ликот и делото на Б. Тричковски.
Во општата критика на противуставните блокади и опструкции на вмровските министри во техничката влада се најдоа и коментари кои ја ставија нивната етничка или религиска припадност (припадноста на Еврејската заедница) и Давидовата ѕвезда во неприфатлива конотација.
Како и да е, она што го предизвика гневот (главно на десницата) кој доведе до општа осуда од политичките партии и барање на одговорност за ширење на Антисемитизам беше статусот на Тричковски: „Слушам дека Мизерахи пак јадела хумус од мртви Евреи!“
Обидите овој статус да стане фокална точка на борбата со македонскиот антисемитизам е само уште еден застрашувачки пример за начинот на кој ВМРО ги злоупотребува демократските институти (во случајов оние кои треба да го заштитат културниот плурализам и достоинството) за недемократски цели (ограничување на слободата на изразување која е фунадаментална за нашиот личен развој и напредокот на самата демократија).
За да разбереме зошто статусот не е антисемитски, ние мора да погледнеме (и) во аргументите кои велат дека е. Според нив се работи за морбиден статус (естетиката не може да биде предмет на законско санкционирање) кој изразува антисемитизам, понатаму за потенцирање на етничкото или верско потекло/припадност на личноста или етничко и верско профилирање на јавна личност за политички цели. Иако е точно дека статусот опишува мрачен портрет (на некој кој се храни со мртвите тела на жртвите на Погром, на некој кој црпи од жртвите на Погром) тој не е воден од омраза кон Евреите, ниту има намера неа да ја предизвика. Во целиот контекст (од кој произлегува статусот) политиките на министерката не се видени како погубни поради нејзината етничка или верска припадност (затоа што таа е Еврејка), туку таа е прикажана како дел од едно фанатично антидемократско и антидржавно движење кое е погубно за сите етнички или верски заедници во Македонија. Накратко, статусот не се обраќа на нечие етничко/верско потекло, туку на личност која се повикува на своето етничко/верско потекло кога треба да ги брани штетните и противуставни политики и ѝ припаѓа на партија на чии јавни настапни често се повикува она што им се случи на Евреите во Холкаустот да им се случи на граѓаните Албанци во Македонија. (гасни комори за ш….. и сл.) Тоа е таа иронија и тоа е таа метафора.
Во оваа смисла неговото закотвување во моќниот термин „говор на омраза“не само што не го почитува минатото, тоа е исто така неодговорно во врска со иднината: како и секој друг лажен аларм, лажните обвиненија за антисемитизам можат да доведат до десензибилизација на јавноста. Особено опасно, затоа што постојат вистински анти-семити. Свастиката, расистичките графити, конотациите со Давидовата ѕвезда, поврзувањата со политиката на Израел, интернет повиците за „помакедончување на Македонија“ се вистински. Со ваквото извртување на значењето на терминот „антисемитизам“ се поткопува важната битка против вистинската работа.
Борбата со антисемитизмот (наједоставно разбран како предрасуда или непријателство кон Евреите), иако бара дејствија кои ги земаат во предвид неговите специфичности, е интегрална или внатрешна компонента на борбата против расизмот. Согласно меѓународно-правните обврски таа борба мора да стави посебен акцент на забраната за поттикнување на расно насилство, омраза и дискриминација (или санкционирање на говорот на омраза). Во контекстот на антисемитизмот тоа значи дека државата треба да осигура дека кривичното право од областа против расизмот го опфаќа (и) антисемитизмот и ги казнува следниве антисемитски акти кога тие се извршуваат намерно: јавно поттикнување на насилство, омраза или дискриминација кон лица поради нивниот еврејски идентитет или потекло; јавни навреди и клевета или закани кон лица поради нивниот винстински или претпоставен еврејски идентитет или потекло; јавно изразување, со антисемитска цел, на идеологија која ги деградира или оцрнува лицата на основ на нивниот Еврејски идентитет или потекло; јавно негирање, тривијализација или оправдување на Холокаустот, или со антисемитска цел, на злосторствата на геноцид, злосторствата против човештвото или воените злосторства сторени врз лица на основа на нивниот Еврејски идентитет или потекло; јавна дисеминација или дистрибуација, со антисемитска цел, на пишан, сликовен или друг материјал кој ги содржи наведениве манифестации; сквернавење со антисемитска цел на Еврејскиот имот и споменици (ЕКРИ Генерална препорака бр.9)
Во својата јуриспруденција Европскиот суд за човекови права јасно потврдува дека без оглед дали е експлицитен или содржан во кодирани пораки (или како сатирично изразување или изразување маскирано како уметничка продукција), ваквиот говор на омраза е исклучен од заштитата на членот 10 од Европската конвенција за правата на човекот кој ја гарантира нашата слобода на изразување, бидејќи е израз на опасна идеологија која гази преку вредностите на Конвенијцата.
Па така, ефективното справување со расизмот (и Антисемитизмот како негова интегрална компонента) бара засилена чуствителност кон говорот на омраза, што пак подразбира постојано исцртување/подвлекување на линијата помеѓу слободата на изразување и говорот на омраза и одржување на границите помеѓу изразувањето кое колку и да е навредливо и шокирачко мора да биде заштитено (тоа го бара плурализмот, толеранцијата и широкоумноста без кои нема демократско општество) и говорот на омраза како изразување кое директно работи против истите тие вредности. Правното занемарување на овој абразивен говор долгорочно го оштетува капацитетот за граѓански слободи и чуствителноста кон дискриминација и повреда на истите. Но, токму способноста на разграничување е основа на успешноста на проектите за стабилизирање на слободата во сферата на изразувањето.
Два опасни феномени се случуваат во исто време, и ние мора да можеме да направиме разлика помеѓу нив: продолжувањето/одржувањето на говорот на омраза и злоупотребата на самиот тој концепт. Првиот феномен им се заканува на културните и идентитетски заедници (во случајов Еврејската), втората и се заканува на демократската природа на самата држава.
Антисемитизмот е кривично дело, а не оружје. Но, ВМРО во моментов го користи антисемитизмот како реторичко оружје, за да ги замолчи легитимните критичари на нивната политика која во минатото беше погубна за земјата, а која сега целосно сака да се рестабилизира како алтернатива. Од времето на Груевизмот, а и натаму, македонските левичари се делегитимирани односно прикажани како анти-патриоти, себемразечки Македонци, северџани, предавници, а сега треба и дополнително да бидат обележани со трајно сомневање за антисемитизам (сомневање поттикнато од истите оние кои не се плашат да и се придружат на крајната десница која е најголемата закана за Еврејската заедница во Европа и светот. Ова е сериозна опасност за силата на една млада демократија.
Ние мора да бидеме исто толку загрижени за антисемитистичките акти, како што мора да не интересираат (и) антидемократските акти. Особено затоа што историски гледано, антисемитизмот најдобро напредува кога лидерите го поттикнуваат човековиот капацитет да дефинира „ние“ и „тие“ и онаму каде што интегритетот на демократските институции и норми (како што е слободниот говор) се под напад.
Нормалноста на општеството и нашата сопствена, зависи од способноста да разликуваме помеѓу критиките (колку и тие да се навредувачки, шокирачки или вознемирувачки ) и ширењето на омраза. Статусот на Тричковски (со целата своја намера и резон) не е насочен против Евреите, туку против изблиците на една вморовска контаминирачка препреденост, зла и арогантна нетолеранција, свесно и намерно користена (однапред!) во име на отфрлање на нетолеранцијата.
Од оваа гледна точка, статусот на Тричковски не само што не е антисемитски, туку всушност оди во корист на Еврејската заедница во Македонија. Македонската борба против антисемитизмот е реална и важна. Таа не смее да биде исфлекана со политичкиот опортунизам на ВМРО и неговите емисари во техничката влада.
Неговото пак упорно инсистирање на истиот став и истиот јазик е дел од борбата за македонската демократија. Веќе видовме како обележувањето на политичкиот говор како говор на омраза го носи „ефектот на заладување“.
Конечно, ова покажува зошто вистинско образование (филозофија, а не новинарски тренинзи) е важно за правилно просудување.