Иаско е при крај изградбата на репликата на Офицерскиот дом стануваме сведоци на општиот хаос во центарот на градот кој започна со т.н. антиквизација на просторот

Хотел Мериот, уште еден хотел со исто име – Мериот (Кортјард), па Офицерскиот дом што кој знае како на крајот ќе се вика и кому се’ ќе му служи. Вака изгледа централниот плоштад во мигот, каде креатурите на Скопје 2014 година, тој скап проект на побегнатиот премиер Груевски, полека добиваат свој лик. Јасно, остануваат уште многу работи, пред се онаа зграда во која некогаш беше сместен ЕСМ, потоа ЕСМ и ЕВН заедно а на крајот белки требаше да биде сместено само Градското собрание, односно тамошните општи служби. Она здание што беше веќе готово за таа намена по идеја на претходниот градоначалник Шилегов доживеа пренамена – објектот му се отстапи на ЕВН, кај Стариот саем, покрај Вардар, во замена за споменатиот симбол на повоена Македонија, дел од новата, модерна архитектура во центарот на градот некогаш, во далечните 60-ти години. Потоа солидерот во кој едно време се наоѓаше и Министерството за економија (!) нагрдена е со ликот (фасадата) која требаше да има „антички белези“ ама остана недовршена и стои таму како некоја утка среде далечна прашума… А во најстрогиот центар на градот. Веројатно ќе чека нов градоначалник, во најмала рака за конечно дообликување.
Што гледаме сега на двете згради поставени спроти некогашните Народна банка и НА-МА а сега, првата зграда на Мобител и втората трговската куќа Теранова во т.н. барокен стил.
Фасадата на објектот на местото на Офицерскиот дом се привршува, велат повеќе се работи на внатрешноста. Ликот на вториот објект, хотелот, чека да се завршува се таму до јануари наредната година. Од фирмата на Сергеј Самсоненко „СИС инвест груп“, која го гради објектот, велат дека е направен голем дел од комплексот.
Офицерскиот дом и хотелот се градат од 2011 година, што значи веќе 13 години. Според договорот за продажба на градежното земјиште, фирмата „СИС инвест груп“ требаше да го изгради објектот до 10 април 2022 година, што не е направено, поради што сè уште ѝ плаќа пенали на Општина Центар
За половина година велат ќе биде готов Офицерскиот дом, претпоставка е дека ќе се сече лента за Илинден. Дека привршуваат работите, може да се види од состојбата на самиот објект. Фасадата на едниот блок, односно на Офицерскиот дом, е речиси готова, а фасадата на другиот објект, деловниот простор со хотелски апартмани, според очекувањата, ќе биде готова до крајот на јануари наредната година. Ќе се најде некој празник за идното сечење на лентата. Во рамките на тој деловен објект каде што ќе има хотелски апартмани, од вториот до осмиот кат, ќе биде хотелот „Мериот Кортјард“ – објаснија од фирмата „СИС инвест груп“.
Офицерскиот дом и хотелот се градат 13 години. Факт е дека фирмата на Сергеј Самсоненко, „СИС инвест груп“ ја презеде изградбата од 2015 година, откако таа година беше уапсен Кондоминас во Грција, поради затајување данок. Сергеј Самсоненко му платил на грчкиот бизнисмен за 600.000 евра и продолжил да го гради објектот под истите услови. Само многу споро и со многу „празни години“. Прекинот, како што информираа за јавноста од фирмата на Самсоненко, бил поради опструкции. Најпрво, имало застој во градбата поради неосновано поведување стечајна постапка од фирмата „Кратер“, која траела две години и се запрело на 29 декември 2020 година. Откако бил решен тој проблем, причина за застојот во довршувањето на изградбата, според правниот тим на Самсоненко, биле постојаните опструкции од Општина Центар, кои биле технички и поради тоа не можело да се продолжи со градењето.
Според договорот за продажба на градежното земјиште, фирмата „СИС инвест груп“ требаше да го изгради објектот до 10 април 2022 година, што не е направено. Инвеститорот тврди дека поради надминување на роковите за изградба на двата објекта, сè уште ѝ плаќаат пенали на Општина Центар. Месечно, првата година плаќале 1 % од цената на земјиштето што е купено, втората година 2 % и третата година 3 %, а по третата година, исто така 3 %, сè до конечната реализација – велат од „СИС инвест груп“.
Е сега дали тој објект што треба наскоро да се заврши ќе се вика – Офицерски дом или Градска куќа? Ние некаков Офицерски дом имаме (Дом на АРМ) а Градска куќа немаме а таа зграда народот ја доживува како место каде рпед се’ ќе се одвиваат матичарските церемонии. Сега се вели дека истиот објект ќе ѝ биде предаден на Владата, односно на Службата за општи и заеднички работи, која треба да го уреди со мебел (ентериерот генерално) и да го стави во функција. Тој објект треба да биде резиденцијален кабинет на градоначалникот на Скопје и во него да има простории и за Матичната служба. Конечно. Ама дали тоа важи за целиот објект – наброеното може да биде сместено само во еден дел од зградата крај Вардар?! Да речеме првиот спрат, за да не се качуваат невестите со високи потпетици и да добијат прерано проширени вени на нозете.

Впрочем, тие очекувања не се на празно. Кога Самсоненко ја презеде фирмата „ДЦ прајм пропертис“ од познатиот грчки бизнисмен Димитрис Контоминас, кој пак во 2011 на аукција го купи атрактивното државно земјиште (6.300 квадрати) и се обврза таму да го обнови Офицерскиот дом и да изгради хотел во стилот на проектот „Скопје 2014“. За целата таа парцела тој плати нешто повеќе од 620.000 евра или по 100 евра за квадрат. Да речеме дека при денационализација на просторот граѓаните – ако имаат во центарот свој простор – добиваа по 60 евра за метар квадратен.
Контоминас во стартот тврдеше дека инвестицијата ќе изнесува меѓу 30 и 50 милиони евра, за двата објекти а при тоа Гркот се обврза без надомест да му отстапи на Градот Скопје дел од Офицерскиот дом за потребите на матичната служба и работни простории за скопскиот градоначалник. Значи граѓаните таа слика околу функциите на објектот си ја вгнездиле во стартот во главата, без чувство за детали. Домот требаше да биде завршен до 2019, а хотелот мораше да има најмалку четири ѕвездички и да биде управуван или под франшиза на хотелски синџир со минимум 250 хотели во светот!
Но, набргу Контоминас беше – како што споменавме – приведен од грчката полиција заедно со уште 24 лица во скандалот тежок 500 милиони евра околу грчката државна „Хеленик Постбанк“ и пуштен да се брани од слобода со кауција од пет милиони евра.
Во мигот на преземање на изградбата од страна на Самсоненко беше посочено дека Домот, односно градската куќа освен матичната служба, ќере има простор за дипломатски настани на претседателот (!). Ова поконкретно била изјава на Капушевски, новиот директор на „ДЦ прајм пропертиес“. Тој тогаш објаснил дека фирмата ја купиле со долгови од 120 милиони денари и блокирана од Управата за јавни приходи, како и со судски постапки иницирани од доверители за градежниот дел. Инвестицијата ќе изнесува 2,5 милијарди денари или околу 40 милиони евра. Некои медиуми утврдија дека Министерството за транспорт и врски, кое му го продало на Контоминас државното земјиште, не е информирано дека инвеститорот е променет! Самсоненко отишол надвор од „протоколот“ ама веројатно ветил брзина. Брзина немавме.

Затоа сопственикот на ланец од кладилници кај нас – што носеа околу 200 милиони евра годишно – се рашири кон многу бизниси (дел ги пренсе и во родниот Ростов на Дон). Беше доста присутен во општината Аеродром (спортски центар „Јане Сандански“ и хотел „Русија“). Во изградба на објектите учествувала и компанија од Белизе, која остана анонимна во однос на својот исчистен финансов и друг профил! Самсоненко има градено и цркви и речиси сите не се доизградени од познати причини – тие служат за финансико покривање на многу актуелни и идни финансиски операции. Партиските врски ВМРО ДПМНЕ се дел од гостувањето на Самсоненко во Македонија што се покажа во неговото учество во кампањата на црвено-црните под наслов „Има разлика“ а ги прифаќа и оние задачи (пред се во спортот) кои ќе му ги наметне началството.
Оттаму и не е целосно јасно кој всушност ќе биде сопственик на идниот Дом. Градот, Владата или Самсоненко?
(Љ.К.)