Четири министерки ќе брои новата влада на мандатарот Зоран Заев за која денеска ќе расправа новиот парламентарен состав, а која треба да биде изгласана најдоцна до утре на полноќ. Процентуално тоа е околу 21 отсто, што секако не е задоволителна бројка, со оглед на тоа што жените се, речиси, 50 отсто од популацијата во Северна Македонија, но и на светско ниво
Квоти за министерки и за градоначалнички во законските прописи нема. Квотите кои низ годините од осамостојувањето беа воведени, овозможија законска 40 процентна застапеност на жените во Парламентот и на локално ниво во советите, а има иницијативи такви квоти да се воведат и за Владата и за градоначалничките позиции.
Даниела Антоновска, експертка по родова рамноправност, магистер по родови студии со 18-годишно работно искуство во оваа областа во домашни и меѓународни невладини организации, во интервју за МИА говори за застапеноста на жените во политичките процеси.
„Освен Шекеринска која што, нели, е во секторот одбрана, останатите се поставени во тие т.н. социјално-културни категории и напоменавте дека од 19 министри сега имаме четири министерки што би било некаде 21 процент. Мислам дека неодамна имаше некоја реакција од женските невладини организации кои апелираа до мандатарот за состав на новата влада, Заев барем 30 проценти од жените да бидат застапени во новата влада. Меѓутоа ова укажува дека, нели, овој процент што го имаме сега е помал процент“, вели Антоновска во интервјуто за МИА.
Четири жени министерки е ситуација, која според Антоновска, покажува дека навистина ни треба родова квота, дека ние без квотите немаме напредок, немаме вклучување на жените во политиката на кое било ниво.
За разлика од извршната власт, овој парламетарен состав се приближува до законската квота од 40 отсто. Четириесет и три жени добија мандати наспроти 77 мажи во новиот парламентарен состав, со можност за уште еден или два мандата во прилог на пратеничките со верификацијата на следните на листата на местото на оние кои заминаа на министерските позиции. Тоа би било околу 35,8 проценти на жени пратенички во новиот парламентарен состав.
Споредбено со претходниот пратенички состав, вели Антоновска, имаме тенденција на покачување на бројката на жени. Во претходниот состав, додава таа, жените биле застапени со 31,7 проценти и тоа, секако, се должи на родовите квоти што се како афирмативни мерки усвоени во нашата држава. Се надева дека наскоро ќе има поместувања во насока на 50 процентна застапеност, што беше и една од заложбите на коалицијата „Можеме“ во предизборната кампања.
Антоновска говори споредбено за состојбата со женската застапеност во политичките процеси во Европа, но и во светски рамки и за изложеноста на жените кои се носители на високи политички и општетсвени функции на дискредитација по сексуална основа.
„Значи сè уште на жената се гледа како општествено инфериорна, сè уште се гледа како подредена и сè уште е присутна таа сексуална објективизација на жената. Понекогаш, за жал, мора да кажам дури и од самите жени постои една самообјективизација. И, исто така, кај жените на јавни функции е многу поголем товарот што самата таа функција значи и го носи со себе за разлика од мажите. Така што, како општество ние сме генерално сè уште заглавени во некој патријархален и традиционален ментален склоп и сè уште сметаме дека најголем дел од работата на жената е значи дома, да се грижи за своите, за децата и за постарите членови од фамилијата, вели Антоновска, која била членка на Одборот на Европското женско лоби во три последователни мандати и алумна е на родовите и феминистичките студии на Евро-Балкан институт и алумна на Школата за јавни политики „Мајка Тереза“. Авторка е на две книги, повеќе истражувања, анализи и текстови на македонски и англиски јазик.
Во Изборниот закон од 2015 година е усвоена квота од 40 проценти, меѓутоа минатата и предминатата година од Клубот на жени пратенички, неформално тело формирано во 2003 година и ги обединува пратеничките од сите политички партии во Парламентот, имаше иницијатива за усвојување на квота од 50 отсто. Се надевам дека наскоро ќе има некое поместување во тој поглед, бидејќи жените претставуваат речиси пола од популацијата кај нас и во светот, па зошто не би биле и 50 отсто во Собранието. Сметам дека без родова квота ние воопшто не би биле, би ги немале овие проценти и бројки што ги имаме денеска. Започнавме со четири проценти на првите парламентарни избори, на вторите парламентарни избори имавме намалување на 3,2 проценти, а веќе во 2002 година се усвои квотата од 30 проценти и оттогаш постојано се движиме некаде околу 30 проценти, 32 проценти. Така што сметам дека ова е, сепак, напредок, меѓутоа треба уште да работиме на тоа поле и да ги следиме трендовите во западноевропските земји и, пред сè, нордиските земји кои предничат во поглед на застапеноста на жените во нивните национални парламенти.
Најмногу пратенички процентуално имаат земји како Руанда, Боливија, Куба. Процентот во Европскиот парламент е 39,5, што е значително зголемување од првите избори за пратеници во ЕП на кои биле избрани само 15,5 отсто жени.
(Целиот текст е објавен на МИА)