АНА ЧУПЕСКА
Неопределените, во голем дел веројатно се и неутронизирани, или, се божем аполитични, или пак, „не се замараат со политика”; или се разочарани утописти; или се „исташи” (сите се исти).
Интересно во политичките анкети нарачани, скриени, нeнарачани, најавени или ненајавени, реални и не; најдебелата линија им припаѓа на т.н “неопределени” која со години наназад е константа.
За неа сите се тепаат.
Во тој опсег Дафа и Влатче, пред некој ден токму нив ги беа повикале да им дадат поддршка (на ВМРО, де); но, овој повик како ќе го третираме : како започната кампања, или како несигурност и неизвесност за изгледите од нивен успех !?
Сепак, неопределените, во голем дел веројатно се и неутронизирани, или, се божем аполитични, или пак, „не се замараат со политика”; или се разочарани утописти; или се „исташи” (сите се исти).
Какви и да се, тие се, да си ги носиме со здравје!
И легитимно прашање е: дали навистина на овие луѓе не им е битна состојбата и иднината на државата? Дали, навистина немаат минимум мотив да го дадат својот глас; оти и нереспонзивноста е веќе конкретен политички став – за кој не сум сигурна дека има утилитет. Особено не!, во евентуалната прогресивна перспектива.
Доколку некој посериозно би се позанимавал со оваа категорија на „неопределените’’ ( како збир од граѓани со различни мотиви за нивната демотивираност), би можел да ја свати дури и претходната порака. Но, седентарискиот став; или, ставот дека „сите се исти”, е само порака за деспотите чија цел е токму таа : состојбата на апатија. Апатијата, пак, во поларизирачки услови, е смрт за политиката.
Поточно, поларизациајта во придружба на апатија е една типична состојба произлезена од постполитичката логика и од нелогичноста во поствистинитото доба, во кое најпожелни се токму тие: непартиципирачки апатоси. Со тоа, воедно им се остава и бришан простор на (нај)радикални гласови – кои ветуваат укинување на Преспански, на Охридски и чиста Македонија?!
Апатосите, оние со нула вајб, и нула динамика. Импотетни и одграѓанети граѓани, ( кои секако дека имаат своја причина да бидат такви ) сепак, мислам дека мора да се освестат околу тоа дека ефектот од нивната „таквоќа’’ всушност му овозможува на радикалниот и нееманципиран глас да добие поголема тежина од тоа што реално ја има во квалитет, а уште помалку во политичка потенција. Особено не да направи радикална промена каква што ветува.
Нема шанса, тоа.
Во постполитичката состојба на поларизациајта и со паралелното отсуство на политичка партиципација, што имаме пред себе, т.е.што добиваме: пролонгиран статус кво, или, имаме ; политичко ништо. А штом низ полтичките одлуки не се менува ништо и нема ни можност за прогрес. На пример, ни во ЕУ ни надвор од ЕУ е актуелниот статус кво – кој ќе може да трае и трае и трае….се до имплозија.
Прогресот, пак, е можен само ако се позанимаваме со активности како : сериозно антиципирање на сопствената слобода, на избор – пред се.
Во ова статусквовоска состојба (ни е ЕУ, ни надвор од ЕУ), да заклучам, имаме само едно огромно политичко Ништо; односно немаме можност за политика ( во смисла на polemiko). Затоа и состојбата на пост политика и во друштво со страотна вредносна (ама неподвижна и непартиципативна поларизација) де факто е одбрана на статус кво!
Просто кажано:на неутроните им е топ! Супер им е, вака и сакаат статус кво.
Неспорно за мене е дека ќе се залагам за што поголемо политичко учество на сите, без исклучок, и ставот дека „сите се исти” како чиста неутронска порака, која нит смрди нит мирише, никогаш нема да ја поддржам; прво, затоа што сакам да бидам одговорна за себе, и второ, не сакам со својата воља да овозможувам деспотија. Можам и јас да бидам радикална па да си кажам дека лично сметам оти можеби и задолжителното гласање е вистинската опција за да народот – како тој би се соочил со сопствената одговоност за својот живот и за да почувствува како е вистински да се биде одговорен за својата судбина и да ја прифати во целост својата самобитност.
Вака, во услови кога само теледиригирани гласачи се јасно определени, а тоа се најмногу 30% секако дека не само анкетите туку и самите резултати од изборите се поставени наопаку. Да не зборам за медиумското нивно толкување .Тотална тиња….
Конечно, „надвор од јадрото, неутроните се нестабилни и имаат краток животен век и они се распаѓаат претворајќи се во антинеутрони кој потоа стануват протони. Неутроните во оваа нестабилна форма се познати како слободни неутрони”.
Или, политички некоректно: My ass, слободни.
Затоа, неутронскиот став (но, не и оној разочараниот и утописки- сладок и кревок); туку оној „исташкиот” и релативизаторскиот кој има голем удел во поголемата група од неопределените , освен што се поставува како морално супериорен, го индицира и тоа дека всушност му е добро вака како што е и сугерира дека на некој начин е привилигиран во статус квото.
А статусот е таков што сега сме со само една, наместо со две нозе во ЕУ.
Конечно, она што останува енигма за мене, е зошто неутоните ја упатуваат таа порака дека им е добро, а можда и супер одлично, а притоа пливаат во матно, само со десната нога во водата на ЕУ.